Pages

МАРТИН ДИМКОСКИ ПОПОСКИ (1800-1870)

МАРТИН ДИМКОСКИ ПОПОСКИ
(1800-1870)


Роден е во 1800 година, а потекнува од еден од најстарите родови во селото, кои што го сметаат Лазар (основачот на Лазорополе за свој предок). Татко му се викал Петре, а негова сестра била Ѓурѓа, која во 1798 година (пред тој воопшто да се роди) се омажила за Ѓурчина Кокалески. Мартин Димкоски својата заслуга меѓу селаните во Лазорополе ја добил благодарение на активностите што ги презеле заедно со Ѓурчина Кокале.Тој како селски свештеник се трудел целото село да го одржува во духовно единство, додека Ѓурчин благодарејќи на својата моќ и авторитет, го заштитувал селото. Како и неговите претходници и тој се борел против грчкото црковно влијание, кое на овие простори се обидувало да се инфилтрира по укинувањето на Охридската архиепископија.
Тие заедно со Ѓурчина Кокале се главните иницијатори за изградба на големата селска црква во Лазорополе. По нејзината изградба во 1841 година, тој станува главен селски свештеник. Била изградена и една градба во црковниот двор, како продолжеток на црквата, а која всушност била првото лазороско училиште, во кое што повторно, тој станува првиот селски учител. Богослужбата ја изведувал на црковнословенски јазик, додека наставата ја водел на мијачки народен говор, останувајќи со тоа доследен на традицијата која што постоела пред укинувањето на Охридската архиепископија.
По смртта на својот зет и пријател Ѓурчин Кокале, во 1863 година, па сé до сопствената смрт во 1870 година, воопшто не дозволувал во селото да влезе грчки свештеник, објаснувајќи дека не сака да се посрами пред Ѓурчина, кој што му го оставил тој аманет.
Заради своите заслуги, тој е закопан зад олтарот на црквата Св. Ѓорѓија, во црковниот двор, веднаш до неговиот зет, пријател, верен соборец и истомисленик Ѓурчин Кокале.
Негови наследници се: Апостол (Постол) таткото на Василко Икономов, Михаил, Сирма, Косто (1819-1915), Серафим (1832-1899), Ана, Софија и Злата.


Литература:

  1. Д-р Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески, ИНИ, Сопје, 1959
  2. Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995
  3. Сотир Шошкоски и Васко Поповски, Лазарополе во подалечното и поблиското минато, Скопје, 2003, стр.17.