Pages

ЗА ПОИМОТ СЕЛСКИ ГЛАВАТАР

За поимот селски главатар
Познато е дека кај Мијаците, како посебна племенска заедница, од дамнина постоела функцијата главатар, далеку пред турското доаѓање на овие простори, најверојатно уште во средниот век, а можеби и пред тоа. За тоа колкаво значење и се придавало на оваа функција најдобро зборува и старото, напуштено и сега веќе разурнато село Главино Село, чие што име самото по себе зборува за тоа дека таму било старото живеалиште на мијачките главатари. Самата функција за избор на главатари меѓу Мијаците доаѓало од самиот начин на живот кај нив, од несигурноста на живеењето и од порано разбраната потреба дека доколку се организира селото или повеќе села, тогаш се зголемуваат шансите за изборување на некои свои права или за голо преживување на селаните. Со текот на времето, особено по нивното подпаѓање под турска власт и самата функција на селски главатар доживувала преобразување, добивајќи повеќе задолженија од официјалната (турска) власт.
Со Ѓулханскиот хатишериф, од 1839 година, султанот Абдул Меџит вовел нов систем за наплата на даноци. Со новите измени данок се определувал за цело село, а селскиот главатар (коџабашија) заедно со селаните, требало да го распоредат целиот данок по домаќинствата во селото.
За жал не ни е познато како се вршел изборот на селскиот главатар во периодот пред 19 век. Но, познавајќи ја мијачката карактеристика на тоа ваквите значајни заеднички церемонии многу долго да ги држат затворени за било какво видоизменување, тогаш ни се налага заклучокот дека нивната конзервативност се огледува и во изборите што се вршеле во подоцнежните периоди. Подолу опишаниот избор на селски главатар-коџабашија се однесува на тоа како таа се извршувала во 19 век.
Изборот на селски коџабашии кај Мијаците се вршел обично од редот на постарите луѓе, кои не оделе на печалба, кои биле по имашливи и кои со своето животно искуство имале општа доверба како кај селаните, така и кај турските власти и дебарските бегови кои им давале заеми на селата. Тоа се случувало на определен ден во годината, кој претежно бил верски празник, во Лазорополе по градењето на новата селска црква во 1841 година, за селски празник бил определен Илинден. На овој ден, главатарот т.е. коџабашијата од претходната година го отворал соборот на кој биле присутни селските свештеници и учители, богатите ќеаји како и сите мажи, односно глави на фамилиите и тие го вршеле изборот на коџабашија. По извршениот избор, селскиот коџабашија задолжително се јавувал кај казаклискиот кајмакам (тогашната турска општинска власт) од кого добивал писмено задолжување и селски печат. Потоа, коџабашијата ги свикувал главите на семејствата на собир и ги повикувал да му изберат помошници, наречени ази. За работата што ја вршел како коџабашија, тој примал одредена плата од селото, која што изнесувала од 20 до 30 турски златни лири годишно.
Околу прибирањето на данокот што селото требало да му го плати на турската власт, во Мијачките села коџабашијата ги свикувал сите глави на домаќинствата на советување, со задолжително присуство на селскиот свештеник. Тука на отворено место се вршело пребројувањето на домаќинствата во селото, на машки глави по семејствата; земајќи ги во предвид семејствата кои останале без прехранувач. По констатирање на фактичката состојба, одредената сума од данокот врз селото, коџабашијата ја воведувал во коџабашискиот дефтер, внесувајќи го и секое семејство поодделно, како и сумата со која семејството било задолжено да ја даде за сите видови даноци или давачки, што биле одредувани врз селото за соодветната година. Но, освен ова, селскиот коџабашија раководел и со финансиската политика на селото. Треба да се има во предвид дека во мијачките села сеуште постоела колективна сопственост над горите, водите, планините и утрините, од кои што преку пат на издавање и експлоатација селото остварувало одредена материјална - парична добивка. Така Лазорополе добивало приход за искористување на дрва од шумата Лопушник, Јама и Коритник, со кои го снабдувале градот Дебар; потоа од годишно продавање (земање во закуп) на пасиштата кај месноста Коритник, од продажба на сено од селските ливади и сл.
Селскиот коџабашија го организирал и општествениот живот во селото од избор на селскиот свештеник, притропот, подновувањето на црквата, до училишните и другите селски прашања, а неретко поавторитетните коџабашии биле консултирани околу постоечките или новонастанатите селски спорови. Неговиот збор бил последен и во поглед на другите селски трошоци, како храна и сместување на турските војници присутни во селото, околу исплатата и издршката на селските сејмени и дерудеџии, подмитувањето на турските власти (кое редовно се случувало), за додаток на платата на селските учители и други предвидени и непредвидени работи.

ДЕРУДЕЏИИ – се луѓе -лихвари кои врз себе го земале данокот на селата. Со склучен договор од селото кое што го застапувале го плаќале неговиот годишен данок кај турските власти, а потоа од селаните од тоа село добивале плата која честопати била повеќекратно поголема од сумата што тие првично ја платиле. Постепено тие станувале вистински дерикожи на селаните од селото кое што го „заштитувале“ пред турските власти. Со овој вид на лихварство селата биле економски заробени.

Литература:

Д-р Глигор Тодоровски, Малореканскиот предел, ИНИ, Скопје, 1970, 42-49, 61
Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995, 74-75