Pages

САМА БУКА

САМА БУКА
Во близина на месноста, меѓу Лазоровци позната како На Крст, постоела голема бука која била самоник. Во пошироката панорама на селото, таа стоела сама на тоа место, со цврсти корени задлабени во камењата и земјата, па затоа од Лазоровци била наречена Сама Бука. Дури и најстарите луѓе од селото не знаат од кога таа постоела и ја паметуваат како огромно и старо дрво со шупливо стебло. Стеблото било толку дебело, што двајца возрасни луѓе држејќи се за раце не можеле да го префатат. Односот на Лазоровци кон Сама Бука бил полн со почит, дури би се рекло и со стравопочит, што најверојатно се должело на староста на буката, но и заради големата крошна што ја имало тоа дрво. За тоа како ја искажувале својата почит кон дрвото, зборува и фактот што никој од селаните не скршил ниту едно гранче од нејзината крошна, дури и сувите гранки што биле паднати под дрвото не се собирале. Ноќно време никој не се осмелувал да помине под неа, а на децата и преку ден не им било дозволено да си играат во близината на Сама Бука. Како воспитна мерка дека ваквите забрани ќе бидат почитувани од децата, на нив им биле раскажувани приказни дека таму живееле самовили и дека тие можеле да грабнат некое дете. Честопати приказните биле збогатувани со тоа дека некој што минал во близината на Сама Бука ноќно време, слушал свирки и песни, а дека пак некој друг дури и видел самовилско оро.
Ваквата грижа на Лазоровци, нешто лошо да не и се случи на Сама Бука и стравопочитта што ја имале кон неа, треба да се бара во длабокото верување на старите луѓе, кои на почетокот на 20 век загрижено им го повторувале на своите внуци и правнуци - денес и самите навлезени во длабока старост - а тоа е дека Кога ќе се исуши Сама Бука и селото ќе се испусти.
Сама Бука денес не постои во Лазорополе, се урнала од староста на своето постоење, потпомогната од удар на гром. На неа се присетуваат само оние кои што за вечност ја врежале во својата меморија. На нас останатите ни преостанува да ја гледаме на ретките стари фотографии на кои во сеопштата панорама на Лазорополе и таа си го наоѓа своето место, извишена меѓу куќите, сведочејќи за сопственото постоење. Останува нејасно дали конечното паѓање на Сама Бука се случило токму во времето кога и последниот Лазоровец се иселил од селото, во големиот бран на иселување во `60-`70-тите години, со што се оствариле стравувањата на старите Лазоровци. Но, мистеријата и енигмата околу Сама Бука продолжува, бидејќи од едно нејзино семе, изртило коренче, од кое пак речиси на истото место расте стебленце - зачетник на нова бука. Бука која што е родена од својата мајка Сама Бука и која што настојува да биде нејзина наследничка. Ни останува да се надеваме дека во моментот кога тоа дрво ќе порасне и ќе ја развие својата крошна, тогаш и Лазорополе повторно ќе се насели и обнови во целост. Првичните чекори во тој правец веќе се прават, новата бука е жива и расте, исто како и нашата надеж.

Автор на текстот
Слободан Шошкоски

САМА БУКА

И листот на кој му недостасуваше твојата
јунаштина
Мртов им го враќаше на своите корени
Гладна за едно колено
Двојно што ќе те надвиши.

Доаѓавме ние децата крај тебе и молчевме.
Ги полневме своите малечки грстови вода
Ги вовлекувавме длабоко в земи
и те поевме.

Ти растеше на секоја наша капка нагоре
- Небото ќe го надрастеше!

Доаѓам пак и молчам.

Очиве те бараат некаде високо, високо
- твојот врв на рамо ми се потпира!

Се престорува твојава кора земја
и скриени во неа ќе останат
рачињата што те прегрнуваа...

Се престорува ова небо камен
И скриени во него ќе останат
очите што сонуваа да го надвишиш!

Се престоруваш земја и камен
И длабоко со тебе ќe пропаднат
нашите грстови вода
за да остане пусто ова распаќе
- без корени и без деца!

О, вие минувачи!
Симнете му капа на дрвово и поклонете му се!
Усамено на ова pacпaќe растеше,
за да дочека колено двојно што ќe го надвиши.
А веќе се ведне
за да ги задави своите корени
и својата самотија.

Скинете од неговиов корен
и посадете си го на дланката
На неа да изникне мала Сама Бука
И нешто како детето во вас.

Анте Поповски