Pages

НОВООТКРИЕНО МИЈАЧКО ЗНАМЕ

НОВООТКРИЕНО МИЈАЧКО ЗНАМЕ
интегрален текст на Иван Блажевски објавен во весникот ВРЕМЕ, број 644, од 26.02.2006

ПРЕД ДЕСЕТИНА ДЕНА ОТКРИЕНО ДРЕВНО МАКЕДОНСКО ЗНАМЕ
Кои се коњаниците од семејниот мијачки бајрак
Низ оваа приказна ќе ве води старицата Ангелина. Нејзиниот лик го земаме како измислена илустрација, зашто во денешна Македонија не можевме да пронајдеме личност што до доцна во ноќта на свеќа во горното одајче шие бајрак.
До овие времиња се откриени и зачувани само четири древни македонски (мијачки) бајраци. Два се чуваат во Музејот на Македонија, третиот е т.н. мијачки Крстат бајрак, кој и ден-денеска се развива низ селата Галичник, Тресонче, Лазарополе, Гари, Росоки и другите села во Дебарско.

Потомците во Австралија

За коњаниците од мијачките бајраци низ литературата се пишуваше повеќе од сто години. Но, за нивното постоење македонската историографија доби доказ пред само неколку дена! Димензиите на бајракот со коњаници се 130 см на 73 см. Над коњаниците на латинско писмо, со сини избледени букви, пишува „Усура фамиглиа“ (семејно знаме). Според податоците, потомците на ова семејство од Галичник живеат во Австралија. И оттаму сакаат да ја дознаат целата приказна за знамето што со векови е во нивниот род.
Знае ли некој кои се коњаниците од Река што бодинале по планините Бистра, Стогово, Крчин и Кораб, се кваселе во реката Радика, а чии ликови на ленено платно ги сошиле вредните раце на баба Ангелина пред повеќе од 200 години? Какво значење имале тие?
Според археологот Никос Чаусидис од Философскиот факултет, кој меѓу другото предава и ликовна семиотика (наука за значењето на ликовните претстави), коњот и коњаникот претставуваат сончеви симболи.
- Но, самиот факт што се поставени во дното на бајракот упатува на заклучок дека тие се застапници на земното. Можно е да се работи за постара космолошка шема, претстава на светот, која со време добила некои нови, поинакви значења - оценува професорот.

Храбри капидани?

На баба Ангелина можеби не и е толку блиска ликовната семиотика, но сигурно многу често пеела народни песни. Низ македонската фолклористика е познат ликот на големиот Кузман Капидан. Зборот капидан потекнува од војничкиот чин капетан. Можно ли е коњаниците што ги сошила баба Ангелина всушност да се ликови на некои досега непознати храбри капидани, за кои не се интересирала нашата наука?
Професорот по средновековна историја Коста Аџиевски тврди дека капиданите се појавиле дури во времето на Отоманската Империја и оти нема податоци за многумина од нив.
- Капиданите навистина биле првенци, водачи на коњаници, кои се бореле против зулумџиите. Капиданите биле под заштита на отоманската власт. За разлика од нив, витезите од Западна Европа имале своја територијална власт и имот, што не бил случај кај капиданите, кои немале таков имот - вели Аџиевски.
Сепак, науката за грбовите (хералдиката) уште во 14 век споменува т.н. капетански грбови на Балканот. За проучувачите на литературата и на народниот фолклор кај нас, ликовите на капиданите во македонските книжевни дела се претставуваат како заштитници.
- Тие биле борци за слобода и заштитници на народот, како што е ликот на Кузман Капидан - објаснуваат во Институтот за македонска литература.

Науката без одговор

Фигурите со коњаници ги истражувала и историчарката на уметноста Снежана Филипова. Таа смета дека ликовната претстава на војник, односно јавач на коњ, е многу стара и ја има во многу цивилизации.
- Коњаници завртени еден кон друг, како во овој случај, се среќаваат и во времето на Богомилите. Во западната иконографија, пак, војниците се основата на државата и затоа биле поставувани во долната зона. Во византиската уметност светите воини се земаат како основа на црквата. Некои биле сликани на столбовите што ја држеле куполата на црквата - вели таа.
Науката во земјава засега нема единствен одговор кои се коњаниците на баба Ангелина од овој мијачки бајрак. Велат оти ќе биде потребно да се соберат и документираат сите знамиња, за потоа да се открие некое конкретно значење. Каков и да биде нивниот конечен одговор, засега е сигурно само дека старата Ангелина на Македонија и оставила огромен доказ за една култура каде што се вкрстувале вековното влијание на византиската цивилизација и големите европски кнежества во средниот век - Венеција, Неапол, Дубровник.
Во селата што биле носители на таа култура денеска одвај живуркаат неколку семејства, а одаите каде што работела нашата водителка низ оваа приказна се речиси целосно разурнати.

Бајракот го шиела домаќинка со вешти раце

Ова не е едноставно да се направи. Бајракот со коњаниците сигурно го шиела домаќинка со вешти раце, со уметничка душа. За вакво знаме да се сошие на рака се потребни неколку месеци - процени познатиот скопски кројач Благоја Ангелковски откако ги разгледа деталите од бајракот.
Според него, оригиналниот бајрак е веројатно направен од лен, а тој материјал е тежок за рачна обработка. Само за да се подготви, ленот требало да остане потопен во вода 21 ден.
- Долниот дел со триаголниците е засилен со двоен слој платно, за целото знаме слободно да виси надолу. Апликациите се рачно везени. За целиот бајрак била потребна голема метража различен материјал. Само богат или виден човек би можел да си дозволи таков луксуз - објаснува Ангелковски.

Крстатиот бајрак - знамето на сите Мијаци

Првиот бајрак на Мијаците (жителите на селата Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари, Росоки, Осој и неколку други) е т.н. Крстат бајрак. Тие и ден-денеска него го сметаат за заеднички симбол и го истакнуваат заедно со државното знаме, сретсело, за време на празниците. Лавот се толкува како земски симбол на Македонија, змејот како заштитник на сточарите, двоглавиот орел како остаток од богомилските времиња и Византија, а полумесечината со ѕвезда како илирски симбол.
Низ средновековието за Илири се сметале сите јужни Славјани, па и Мијаците. Во центарот околу крстот пишува ИС-ХР/НИ-КА, односно Исус Христос Победник, наведуваат археолозите и ваксилилозите (истражувачи на знамињата).


Човечки фигури, волци ловат јагниња...

Вториот и третиот рачно изработени мијачки бајраци се чуваат во Музејот на Македонија и се заведени како свадбарски. Потекнуваат од Галичник. И на нив се забележуваат животински форми (два волка ловат две јагниња), има човечки фигури со испружени раце кон небото, крстови и полумесечини со ѕвезда.