Pages

Свети Атанасиј - Свети Танас

Свети Атанасиј - Свети Танас
Малата црквичка посветена на Св. Атанасиј, меѓу лазоровци попозната како Св.Танас, се наоѓа на макадамскиот пат што води кон Извор и Кичево, на околу 3 километри источно од Лазорополе. Овој пат што нé води до црквичката, всушност ја следи малата река којашто тече низ Лазорополе само на пролет, носејќи ги водите од стопениот планински снег, додека во останатиот дел од годината оваа рекичка понира пред воопшто и да дојде во селото. Пријатната прошетка до оваа црквичка е особено впечатлива во пролет, во времето кога цветаат нарцисите. Тогаш без здив ве остава глетката на расцветаната ливада со нарциси, која ја има моќта да излекува секаква негативност во вашата душа. Во летниот период ливадите околу пресушеното корито на рекичката ќе Ве изненадат со својата опијанувачка миризба на мајчина душичка и диво ливадско цвеќе. Доколку пак се решите прошетката до црквичката Св. Танас да ја направите во почетокот на есента, тогаш подгответе се за експлозија од бои кои само природата може да вкопмонира во една композиција која секојдневно се менува. Во овој период добро ќе Ви дојде и советот да си понесете некоја торбичка зашто во блиската шума има лески полни со лешници. Црквичката Св. Танас според едни (Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995,102) ја изградил Русе Кардалески, кој каменот за градбата го носел од месноста Стража, а самата црквичка била изградена во почетокот на 20 век; според други пак (Сотир Шошкоски и Васко Попоски, Лазарополе во подалечното и поблиско минато, Скопје, 2003,126/127) црквичката Св.Танас е изградена од Павле Дракулоски, а таа била изградена во спомен на неговиот син Маноил, кој бил свршен со Викторија Велчоска, но кој починал неуспевајќи да се ожени. Оваа црквичка во периодот 1999/2000 година, од страна на селскиот црковен одбор е потполно реконструирана. Најпрвин урната е покривната конструкција на старата црквичка, исчистен е стариот малтер од ѕидовите, ставен е бетонски цирклаж на ѕидовите, изградено е кубе од армиран бетон, направена е покривна конструкција, препокриено е со ребрест лим, црквичката целосно е малтерисана одвнатре и однадвор, изградени се пристапни скалила, изработен е тротоар и двор од камени плочи, поставени се клупи за седење, а изградено е и бетонско мостче за премин преку рекичката на само неколку метри од оваа црквичка. Порано оваа црквичка била свечено посетувана од лазоровци на 15 мај, кога таму се одело со јадење и топани и каде што се играло и се пеело. Сега е идеална за еднодневен излет и за потполно уживање во опивачката убавина на природата.
Изработил: Слободан Шошкоски