Pages

ЗА МАНАСТИРОТ СВЕТИ ЈОВАН БИГОРСКИ

Свети Јован Претеча
Манастирот е изграден на планината Бистра, а под него тече реката Радика. Опкружен е со бујна шума а од манастирот се простира прекрасен видик кон планината Кораб. Во негова близина се Реканските села Гари, Осој, Тресонче, Галичник, Росоки и Лазарополе од каде произлегла цела плејада градители, зографи и иконописци и копаничари кои низ целиот 19 ти век граделе, зографисувале и украсувале со резбани иконостаси голем број цркви на целиот Балкански полуостров. Манастирот Бигорски бил светилник и стожер на просветителската дејност и книжевен центар на препишувачката дејност. Во него се школувале голем број свештеници, калуѓери и учители кои ја ширеле просветната дејност по сите краишта на Македонија. Манастирската црква била изградена врз темелите на постара црква. Таа се споменува во зографскиот поменик ( 1527 – 1728 ). Врз основа на манастирскиот поменик препишан во 1883 година, манастирот бил изграден во 1021 година, кога била насликана старата чудотворна икона на Свети Јован Претеча. Но, ова предание кое се појавило по обновата на манастирот во 18 ти век. Меѓутоа, од манастирските објекти од тој период не е ништо сочувано. До обнова на манастирската црква дошло во втората половина на 18 ти век. За тоа потврдуваат делумно зачуваните фрески на јужниот ѕид од таа црква кои припаѓаат на втората половина на 18 ти век. Централно место во комлексот е манастирската црква изградена во 1800 година за време на игуменот Митрофан од Лазарополе, кој бил игумен на манастирот од 1796 до 1807 година. Веднаш по изградбата на црквата во 1800 година истата била живописана. По смртта на игуменот Митрофан, за игуме на манастирот доаѓа неговиот ученик Арсение. За време на неговото управување со манастирот тој ќе биде многу заслужен, особено за големите градителски зафати што биле превземени. Денешната црква посветена на Свети Јован Претеча има изглед на светогорските манастири со две куполи и осмоаголни тамбури. Градбата на црквата е изведена со правоаголни делкани камења и дејствува како мошне цврста градба. Кон западната страна имало изграден трем од дрвена конструкција на горниот кат со влез во црквата, додека долниот дел на тремот служел за ќелијно училиште. Пред тремот од црквата била изградена чешма во 1814 година и запишано од игумен Арсение – 1814 за горната - . Чешмата била обновена во 1877 година и на една камена плоча која и денес стои вградена пишува: Во времја смиренаго игумена Михаила от село Галичник. Братја христијани, пите слатка и студена вода да охладите жедна ваша душица и поминајте Неофита монах, бил родум от село Вехчано Охрицко и обновил его сем источник 1877 конец Богу слава.
Тремот на црквата бил во употреба во 1838 година па се до 1938 , кога е извршена нова преправка, по што го има денешниот изглед. Изградбата на манастирските конаци му припаѓа на архимандритот Арсение – игумен на манастирот Бигорски. На северната страна од црквата, манастирскиот конак е наречен Горни палат, и е изграден во 1814 година. Конакот служел за живеење на манастирските браќа и гости кои доаѓале во посета на манастирот. Во 1825 годона на западната страна од Горниот палат, биле изградени машката и женската трпезарија, селечката и дебарската одаја и најдолниот дел бил наменет за штала. На нададените чардаци помеѓу машката и женската трпезарија и денес се сочувани амбарите за жито. На челно место помеѓу зградата со трпезариите и Горниот палат, се наоѓа некогашната меѓерница, а под неа била фурната. Сето тоа и денес е сочувано. За сместување на момоците кои му служеле на манастирот била изградена посебна зграда западно од црквата, која денес е сочувана во горните делови и така е конзервирана. Во непосредна близина од западната страна е семејната куќа со приземје и кат.
По осликувањето на големата купола во црквата а за време на игуменисувањето на архимандритот Арсение од 1807 – 1839 година, дошло и до зографисување на машката трпезарија кога пристигнале Михаил зограф со синот Димитар од Самарина. Тие ја зографисале апсидата во трпезаријата во неколку зони. Иконостасот во манастирот Бигорски претставува монументално резбарско дело на мијачките кппаничари. Мијачките копаничари се здобија со славата на најдобри на целиот Балкански полуостров. На Бигорскиот иконостас со употребата на човечката фигура е изкажана и потврдена виртуозноста на мајсторите резбари од Река на чело со Петре Гарката од село Гари. Изработени се многу сцени, композиции и одделни фигури претставени во движење, а со искажан драматизам во некои сцени, како на пример со отсекувањето на главата на Свети Јован Претеча и други. Во некои сцени мијачките копаничари ќе се доближат до реалниот живот на човекот: гроздоберач, режач на винова лоза и друго. На иконостасот среќаваме многу животински фигури, птици и сето тоа проткаено со реалистичен приказ за винова лоза, цветови од нарциси, питоми рози, јужни плодови, а омилена мотив на мијачките копаничари ќе им биде – распукани калинки.