Pages

ТАШКО (ТАШО) СПАСЕВ ГРУЈОСКИ

ТАШКО (ТАШО) СПАСЕВ ГРУЈОСКИ
(1910-1973)
Роден е во Лазорополе во 1910 година, од татко Спасе Груески и мајка Фроса. Основното образование го стекнал во родното село. Уште од најраната младост тргнал како печалбар низ разни средини да се бори за гола егзистенција. Бидејќи немал познавање од некој особен занает, бил принуден да ги прифаќа сите понудени работи. Работел во скопскиот тутунски комбинат, а интересно е и неговото ангажирање како статист во скопскиот театар на претставата „Печалбари“. Неговиот вроден талент му овозможувал полесно да се движи низ туѓите средини и брзо да го учи она што во моментот го работи. Со леснотија свирел гитара, пишувал песни и компонирал по слух, без нотно запишување. Бил комуникативен и лесно воспоставувал конаткти. Се оженил со Паруска Алкушоска со која што имал четири ќерки Славка, Симка, Ботка и Невена.
За време на Втората Светска Војна, кога Лазорополе било окупирано од страна на италијанската војска, од кусото дружење со италијанските карабинери во 1942 година, го научил италијанскиот јазик. Активно се вклучува во Народно-ослободителната војна и заедно со Гене Јосифоски и Ладе Колоски учествува во формирањето на првата комунистичка партиска келија во Лазорополе во 1942 година.
Во 1944 година, со една група од избегани Лазоровци во Битола ја формира „МитеРакоп“ (Мијачка текстилно-работничка кооперација) како еден вид претходник на подоцнежната селска работна задруга „Кочо Рацин“. Од комуникацијата што ја имал со овчарите вработени во задругата го совладал албанскиот и турскиот јазик, а знаел да се служи и со грчкиот.
По Втората Светска Војна во два наврата бил пратеник. Бил сојузен пратеник (во федеративниот дом) во периодот 1948-1952; а потоа бил и републички пратеник во периодот 1952-1956 година. За време на неговите два пратенички мандати во Лазорополе биле изградени следните работи:

*Трасираниот пат до месноста Миревичина Краста (којшто уште пред војната го трасирал Арсо Жепчески) бил изграден и донесен до селото.
*Била изградена хидроцентрала (на Гарска Река) за напојување со струја само на Лазорополе, така што селото е меѓу првите населби во Македонија коишто се електрифицирани веднаш по војната.
*Во центарот на селото бил изгрaден Задружен Дом.
*Во месноста Наполе бил изграден Задружен комбинат.
*Во месноста Задел, со градење на неколку вили, бил направен обид за создавање на предходница на нова викенд населба.
*Во Лазорополе во негово време била донесена првата фудбалска топка и првите фабрички направени скии.

Литература:
Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995, 72-73
Ристо Бужароски, Галичка повест, НИК Наша Книга, Скопје, 1976, 177


изработил Слободан Шошкоски