Pages

КРСТЕ ИЛИЕВ ПАШО

КРСТЕ ИЛИЕВ ПАШО
Роден е во Лазорополе, татко му се викал Илија. По професија бил ѕидар, а се претпоставува дека и татко му ја работел таа работа. За Крстета се раскажува дека карактеристична била силата која што избивала од неговите очи, како и потезите што ги правел. Бил мускулест и силен, така што немало камен што неможел да го совлада при градењето на куќите. Како мајстор-ѕидар најчесто крстосувал по околните градови Кичево и Дебар, но се знае дека по печалба одел и до Лерин.
Еднаш додека работел кај некој дебарски бег, нагости кај него дошол некој пеливан од Цариград. Пеливанот веднаш побарал да му се најде јунак што ќе излезе на мегдан со него. Откако бегот неможејќи да обезбеди пеливан за борба започнал да очајува, Крсте се понудил самиот, за голем надомест, за што бил даден и збор, да си ја испроба силата со познатиот борец. Борбата започнала, а пеливанот чувствувајќи се надмоќно, започнал да си игра мајтап со мајстор Крсте, удирајќи му шлаканици. Но, во еден момент на негово невнимание, Крсте го фатил на лошо место, високо го кренал во воздух и со силина го удрил од земја, по што пеливанот се повредил, а борбата била прекината. Се раскажува дека тогаш бегот со голема радост изустил: „Пашата од Цариград ни испратил силен пеливан ама и ние меѓу нас имаме паша“. По ова мајсторот Крсте го завикале Пашо, коешто име подоцна станало и семејно презиме.
Како негови наследници се забележани неговите двајца синови Петре и Ристе.
Годините на неговото раѓање и смрт досега за нас остануваат непознати.
изработил Слободан Шошкоски
Литература:
¨ Блаже Смилевски, Тешкото од Лазорополе, Скопје, 2006, 180