Pages

ЃУРЧИНОВАТА САБЈА

ЃУРЧИНОВАТА САБЈА
(Двобојот на Ѓурчин и Алија)

Постојат личности низ историјата, кои се светилници на своето време и кои преку својот живот ја испишуваат историјата на еден народ, едно племе. Таков е и Ѓурчин Кокале лазороскиот коџабашија-главатар, ктиторот на црквата во Лазорополе, заштитникот на христијаните, јунак над јунаците. Тој е човекот – звездалија, чии што постапки и акции биле нашироко прифаќани од селаните лазоровци, а потоа и раскажувани и предавани од колено на колено за да не се заборават. Во овие преданија за јунаштвото на Ѓурчина, народот ја гледал надежта за својата слобода од под ропството, а него самиот го сметале за јунакот кој го претскажува доаѓањето на таа слобода. Како што минувале годините и нови генерации Мијаци – лазоровци се раѓале, на нив повторно и повторно во детството им ги раскажувале приказните за јунакот Ѓурчин кој јавал коњ голем како ламја, кој скокал „25 нози одеднуш и 55 на три поти“, кој фрлал камен од 10 оки 50 нозе, кој прескакал по 6 коњи, јунакот кој му ја „факнал“ главата на турчинот Алија.
За таков јунак се раскажувале и многу други преданија и легенди кои зборувале за неговата храброст, бестрашност и за христијанската доблест да биде заштитник на послабите и обесправените. И колку и да се прифаќаат денес со резерва овие преданија, сепак за едно имаме историска потврда, а тоа е двобојот што се случил меѓу Ѓурчина Кокале и турчинот Алија, како и за славната сабја со која била отсечена главата на зулумќарот.
Во 1826 година, тогашниот турски султан Махмуд II, со посебна наредба го укинал дотогаш озлогласениот јаничарски воен ред. Но, многумина од јаничарите, навикнати на пљачкосување, грабање и водење на војни, неможеле да се привикнат на фактот дека одеднаш тие не му се повеќе потребни на султанот. Многумина се одметнале, непризнавајќи ниту една власт (Али Паша Јанински е еден од нив) и продолжиле да го тероризираат населението. Таков бил и случајот со одметнатиот јаничар Алија, кој во Солунскиот крај толку многу се осилил, што покрај зулумите и пљачкосувањата кои што ги вршел, барал во неговиот шатор да бидат праќани сите убави девојки од околијата. На многуте поплаки од населението, официјалната турска власт одговорила со тоа што преку својот официјален претставник во Солун Лобуд-паша (кој инаку му бил и личен пријател на Ѓурчина) јавно обзнанила дека се дава награда за оној кој ќе ја донесе главата на одметнатиот јаничар-злосторник. Во тоа време Ѓурчин Кокале во овој крај одел на зимување со своите овци, закупувајќи кшли (земја, ливада на која потоа се подигало трло кое служело за презимување на овците). Овие кшли тој најчесто ги закупувал од неговиот пријател поп Пулиз. Судбината сакала зулумќарот Алија еден ден да побара во неговиот шатор да дојде убавата ќерка на попот која според едни преданија се викала Анѓа (1) Сакајќи да му помогне на својот пријател, Ѓурчин ја засолнал убавата девојка во неговото трло. Кога за тоа разбрал Алија, се разлутил и веднаш тргнал кон Ѓурчиновото бачило за да ја грабне девојката. Ѓурчин, иако тогаш имал над 51 година, заради сопственото убедување, но и заради авторитетот што го имал меѓу населението, не доаѓало во предвид да ја пушти девојката во рацете на Алија. Двобојот бил неизбежен. Двајцата качени на своите коњи и со исукани мечови се втурнале во трк еден кон друг. Во налетот и од силината на ударот, мечот на Ѓурчина (кој бил пократок рамен меч со дршка во форма на крст) се скршил, а тој самиот паднал од коњот (2), но исто така при падот својот јатаган (закривена сабја) го испуштил и зулумќарот Алија.

Ѓурчин ја дофатил неговата сабјата и го победил Алија, отсекувајќи му ја главата. Отсечената глава Ѓурчин ја ставил во зобница и заедно со неговиот јатаган, коњот и ќемерот (3) на Алија, во кој што имало многу пари опљачкани од народот, отишол кај Лобуд-паша во Солун, за да си ја побара наградата, која што била ветена за главата на Алија. Кога го видел Лобуд-паша својот пријател со главата на злосторникот не само што му ја исплатил награда, туку му го оставил неговиот јатаган, коњот и сите пари од ќемерот на Алија. Овие пари Ѓурчин не ги сакал за себе, сметајќи ги за „крвави пари“, туку му ги оставил на својот пријател попот Мартин Димкоски да бидат за црквата. Според д-р Александар Матковски (4) овој двобој се одиграл меѓу селата Лубаново и Милово, Солунско.
Снаодливиот Ѓурчин овој настан подоцна го искористил да побара од Лобуд-паша да му обезбеди аудиенција кај султанот Махмуд II. Кога тоа на крајот и му било овозможено многу години подоцна (ферманите се издадени во 1838 година) и откако на султанот му го раскажал текот на двобојот и од него добил орден (5) Ѓурчин од султанот побарал неколку работи:

  • Да му даде ферман, со кој непречено ќе може да се изгради црквата во Лазорополе (инаку црквата веќе се градела - нелегално)
  • Побарал дозвола за постојано носење на оружје, како и да го застапува својот крај во Дебарскиот покраински меџлис (собрание)
  • Побарал со посебен ферман да се регулираат давачките на Мијаците кон турската држава

Сите овие работи султанот ги одобрил и му издал три фермани како потврда за тоа.Но, тука не е крајот на приказната за сабјата, која што откако Ѓурчин ја освоил од Алија, не се делел од неа се до крајот на животот и која меѓу лазоровци била позната под името „Ѓурчинова сабја“. Со неа тој бил насликан и на фреска во лазороската црква. (6) На сабјата/јатаган, покрај дршката, постои изгравиран натпис, кој порано бил исполнет со сребро, а во моментот на нашиот увид забележлива беше само гравурата (може да се забележи на сликата). Натписот е на турски јазик со арапски букви и (според д-р Александар Матковски) ја има следната содржина: „Работа на Хусеин, сопственик Алија. Треба да се има нож в рака, а Господ во срцето“ Над натписот е годината 1218 по хиџра (тое е периодот од 23 април 1803 до 12 април 1804 година)
Ѓурчиновата сабја била сметана како селска реликвија, на која и се давале и одредени магиски својства. До 50-тите години на 20 век, оваа сабја се употребувала за лекување од уплав. Сабјата била полевана со вода, а на уплашениот му се давала водата како „лек“ да се испие. На тој начин всушност симболично се манифестирала Ѓурчиновата храброст која се воскреснувала во водата, која потоа се пиела, со што „се внесувала храброста во телото на уплашениот“. Вториот случај, кој барал полевање на сабјата бил за да се олеснат претсмртните маки на оној кој што умирал. Всушност, овде магиско својство на сабјата била да ги „пресече“ врските со овоземниот свет. Исто така сабјата била полевана со вода и во мигот на породувањето на трудница, за да има лесен пород, а магиското својство било да се „пресечат“ породилните болки.


Ѓурчиновата сабја, по смртта на Ѓурчина Кокале, останала кај неговиот најмал син Аврам, бидејќи како најмлад останал да живее во куќата на Ѓурчина, која потоа ја наследил. (За сите други свои синови Ѓурчин изградил посебни куќи) Заедно со куќата ја наследил и сабјата. Кога Аврам починал, сабјата ја наследил неговиот син Ефрем (наречен Локе) Во премрежијата што ги носело времето тој во 1914/15 година се преселил да живее во Бугарија. Сабјата сакал да ја понесе со себе, но целото село станало и тоа не го дозволувало, зашто веќе ја сметале како селска реликвија. На крај, тој попуштил и морал да му ја остави на својот сосед Милан Китески. Тој сабјата ја чувал кај себе се до Втората светска војна, кога и самиот морал да се исели од селото, оставајќи му сабјата на Цветко Дојчиноски, четврт по ред внук на Ѓурчина, од неговиот најстар син Дамјан (меѓу лазоровци попознати како Чанговци) И ден денес сабјата се чува во кругот на наследниците на ова семејство, ние сме им бескрајно благодарни што ни овозможија да ја фотографираме и да ја претставиме пред Вас, во нејзината денешна состојба.



Посилил се црна Арапина,
Посилил се низ Солунско Поле
Како тешка могла низ полето
Таке тешка мока на народот.
Не дават овци да пасет,
Овци да пасет, в кшли солунски
Прибират млади стројни девојќи,
Стројни девојќи и млади невести.
Бегат од него турско, каурско,
Никој на мегдан да му излезе.
Накачил еднаш црна Арапина,
Накачил горе трло Ѓурчиново:
„Дајте овчари, јагне печено,
Јагне печено, ушче сугарче,
Пресна погача од невеста месена,
Вино црвено од три години,
Лута ракија-препеченица.“
Овчари кротки се му дадое,
Кога ми втасал Ѓурчин Кокале,
Опаша силаф-појас посрмен,
На појасот сабја наточена,
Па се фрлил коњу в половина,
Дрпна узда, дупна узенгија
И префтаса црна Арапина.
Па задене борба на друм царски
На арслани коњи, коњи бинекчии,
На коњите два јунака славни,
Бој се биет касно до вечера,
Слнце зајде, црна глава падна


Оваа песна е испеана од Ефто Кокалески, забележана од д-р Александар Матковски, објавена во неговата веќе цитирана книга Ѓурчин Кокалески (1775-1863), ИНИ, Скопје, 1959, 201

изработено од Слободан Шошкоски

(1) Во книгата на д-р Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески (1775-1863), ИНИ, Скопје, 1959, 142 наведува дека за време на неговиот престој во Лазорополе, многумина стари луѓе тврделе дека на десниот ѕид во женскиот дел од селската црква Св.Ѓорѓија, постоел натпис, во кој се споменувало името на Анѓа и се молеле ангели за покој на нејзината душа. Овој натпис бил уништен при проширувањето на црквата.
(2) од овој пад Ѓурчин си го повредил рбетот, никогаш целосно не се заздравел, а во староста останал и парализиран, така што на црковните литургии (кои никогаш не ги пропуштал) морале да го носат на коњ.
(3) Ќемер - (доаѓа од грчкиот збор κεμερι/kemeri) има неколку значења (свод, лак во градба, мост) но исто така значи и појас и тоа ако е машки (како во случајов) тој служел за чување на пари кои се ставале во посебни зашивки во појасот; доколку е женски тоа е сребрен појас.
(4) д-р Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески (1775-1863), ИНИ, Скопје, 1959, 143
(5) не сме сосема уверени за доделувањето на орденот, кое го споменува само Томо Смиљаниќ, Ѓурчин Кокале главар лазаропољски, ГСНД, кн.XXI т.д.н.12 одделен отпечаток (ова е посредно цитирање, преку фуснота од д-р Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески (1775-1863), ИНИ, Скопје, 1959, 143)
(6) за жал, сега таа повеќе не постои зашто била уништена во борбите за преваст, кои што по смртта на Ѓурчина се воделе меѓу двата моќни родови во селото Кокалевците и Жунгуловците.