Pages

Главино Село - весник Време

ЗАКОПАНАТА ИСТОРИЈА НА МАКЕДОНИЈА
Главино Село - заборавена престолнина на реканските главатари

новинарски текст публикуван во весникот „Време“, бр.734, од 31.05.2006

Во времето додека два црни дождовни облака повторно да удрат врз планината Бистра и врз малореканските села, почнуваме еднодневна експедиција до старото и напуштено Главно Село.Хроничарите на реканско-дебарскиот регион во западна Македонија ова село го знаат како древна престолнина на мијачките првенци, односно главатари. Оттаму тие ги воделе економските и политички работи на Мијачијата, но секако, зависни од отоманската власт.На петнаесетина километри од патот Маврово-Дебар во насока на селото Лазарополе и Мала Река, под една голема карпа, која ја викаат Соколица, треба да ги пронајдеме урнатините на Главино Село.Неговите жители во далечното минато тука се доселиле од големиот и значаен епископски и културен центар Главиница, кој сега се наоѓа во Република Албанија, а го носи името Балша (алб. чело, челник...).Доаѓајќи оттаму, со себе го понеле и името на старото живеалиште.Патот до Главино Село почнува со една тесна планинска патека. „Варди, в очи ќе ми влезе гранката“, подвикнува некој од нас, додека првиот се пробива низ пофидите и гранките натежнати над патчето.Додека газиме врз длабокиот мов што ги покрива сите дрвја и камења на патот, жителите од малореканските села што дојдоа со нас ни раскажуваат за Главино Село.„Порано таму се чувал главниот мијачки бајрак. Главатарите се менувале, но бајракот број еден останувал во селото“, велат тие.По еден час, околу нас почнуваат да се појавуваат урнати ѕитчиња. Едно помало, друго поголемо, а третото сосема стопено со тревата.„Џунгла е. Тука 300 години секира не влегла. Откако заминал и последниот главиноселец, водата и корењата испревртеле се“, вели некој од групата.Почнуваме да се напрегнуваме да пронајдеме остаток од некоја куќа. Тешко ни оди. Полесно од каменот ќе се исцеди ракија отколку да се пронајде каде врвел некој капиџик, или да се пронајдат темелите на старите камени кули и дворови.Застануваме на чистинката каде што се вели оти било сретсело. Еден огромен орев се распослал над два брзи потока што се пенат низ некогашните сокаци. Див кукурек на местото каде што селаните ги саделе своите бавчи. Брлог од мечка сретсело!Шумата и дивината како стоглави аждери со години го голтале Главино Село, но на мијачките првенци така им станале и чувари поцврсти од секаков бедем.Речиси никој во земјава досега не пронашол кои биле редум главатарите од Главино Село. Кој бил макар последниот? „Тоа е тешко да се каже. Селото е одамна испустено“, ни изјави во Скопје, мијакологот Мелетија Бркоски.Додека неколкумина од групата залегнуваат на една тесна ливада за да уловат мирно соне, се обидуваме да ја пронајдеме барем црквата сретсело.„Ни трага од неа. Илјадници седмици поп не испеал литургија во ова село“, вели еден од нашите домаќини.Како што претпоставувавме, еден голем црн облак во следните минути се зададе од Галичник кон нашава планина. Решаваме да ја завршиме посетата на Главино Село, иако овие лилјани и крошни великодушно би не засолниле од дождот.Оставаме зад нас гробниот молк на селото да биде заседа за секој што сака да ја пронајде закопаната Македонија, единствена по својата убавина, дури и меѓу урнатините.

http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=0&tabid=1&ArticleID=49120&EditionID=755