Pages

ТУРСКАТА КУЛА ВО ЛАЗОРОПОЛЕ

ТУРСКАТА КУЛА ВО ЛАЗОРОПОЛЕ

Во периодот на турското владеење со Македонија, во градовите, во поголемите населени места, но и на точно определени раскрсници и важни точки, постоеле касарни во кои биле стационирани одреден број на турски војници кои претставувајќи ја турската власт, се грижеле за безбедноста на местото или пак биле обезбедување на некоја делница од поважен пат кој што поврзувал одредени градски центри.
Лазорополе, како поголемо село во реонот на Мала Река низ кое што поминувал патот што го поврзувал Дебар со Кичево, било важна точка на која што турската власт настојувала да биде видливо присутна. Но, за да се дознае од кога точно тие биле стационирани во селото, неопходно е подлабоко истражување. Сепак, меѓу постарите Лазоровци е познато, а во некои книги кои зборуваат за селото тоа е и публикувано (1), дека во периодот кога се изградила една од куќите на познатиот род Чуповци (и тоа онаа куќа во која што живеел и Рафе Ѓорѓев Чупоски (1850-1928)); веднаш откако била изградена во 1830 година, таа од страна на турската власт била реквирирана. Таму биле стационирани извесен број на турски војници и таа служела како касарна цели осум години, сè додека во меѓувреме не била изградена Кулата во Лазорополе. Една од причините зошто токму оваа куќа била реквирирана од страна на турската власт била нејзината пространост, но и пушкарниците коишто во овој немирен период биле вградени во куќата. Бидејќи оваа куќа и ден денес постои во Лазорополе, тие сеуште можат да се забележат. Треба да се одбележи дека доколку се прифати 1830 година како приближно точна, тогаш ова засилено турско присуство во селото се случува во периодот кога главатар – коџабашија во селото е легендарниот Ѓурчин Кокале (2). Тој маркантно издигнувајќи се како главатар не само на своето село, туку и на останатите мијачки села, бил и главниот иницијатор за изградба на нова поголема црква во Лазорополе, која се градела во периодот 1832-1841 година. Дали меѓу останатото и овој факт одиграл извесна улога во стационирањето на турската војска во селото е тешко да се каже, но сосем извесно е дека побудува интерес периодот на совпаѓање на годините. Иако, потребно е да се истакне дека Ѓурчин Кокале, благодарение на својот голем авторитет и бројните пријателства со одредени влијателни личности, бил подеднакво респектиран како од страна на Мијаците, така и од страна на Албанците и на Турците, а самиот тој настојувал колку што било можно да издејствува мирно сожителство и со едните и со другите.
Како и да е, откако се изградила турската воена Кула во Лазорополе, турските војници се префрлиле во неа и од таму го набљудувале селото, но и патот кој од Дебар поминувајќи преку селото води до Кичево. Местоположбата на Кулата била извонредно избрана. Таа се наоѓала во Краста, над куќата на Методија Струшоски, со поглед кон речиси амфитеатрално поставените куќи на селото, со особена видливост на патот, преку кој што несомнено е дека било невозможно некој или нешто да помине незабележано. Оваа Кула денес не постои во селото. На нејзино место била подигната куќа, која што постарите селани паметат дека и припаѓала на Зуна Кузманоска, но и од оваа куќа неостанало речиси ништо, само едно разрушено ќоше. Па сепак, погледот којшто се доживува од оваа микролокација зборува за нејзиното исклучително важно стратегиско значење.

изработил Слободан Шошкоски
Литература:
  1. Атанас Томов Чупоски, Мојот животопис, (второ издание) Скопје, 2002, 263
  2. Сотир Шошкоски и Васко Попоски, Лазорополе во подалечното и поблиското минато, Скопје, 2003, 128
  3. Александар Матковски, Ѓурчин Кокале 1775-1863, ИНИ, Скопје, 1959