Pages

80 години од раѓањето на Анте Поповски

Свечен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Анте Поповски

Во Друштвото на писатели на Македонија денеска се одржа свечен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на Анте Поповски, академик, еден од најзначајните поети во современата македонска литература, врвен есеист и интелектуалец.

Претседателот на Собранието на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Веле Смилевски рече дека Анте Поповски е автор кој целиот свој творечки век го врзал за македонската писателска асоцијација. Поповски од 1956 година бил член на ДПМ, претседател на ДПМ во два мандата, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата во два мандата, член на Македонскиот ПЕН Центар, член на МАНУ и на Светската академија на поезијата на УНЕСКО.

Делото на Анте Поповски има свое значајно место во фондот на трајните вредности на македонската литература и култура. Поповски е еден од врвните претставници на втората генерација поети во современата македонска литература, автор со силно изразени специфики на мотивско-тематски и стилско-изразен план, рече Смилевски.

Тој потенцира дека Поповски бил поет за кој татковинското чувство било од примарен карактер.

Во песните на Поповски љубовта се јавува како повод за пеење, но и како порака, љубов кон сето она што е составка на светот и животот, кон сето она што ја гради неговата смисла и што како негова вредност го одржува и продолжува, потенцира Смилевски.

Анте Поповски е автор на книгите „Одблесоци“, „Вардар“, „Непокор“, „Камена“, „Тајнопис“, „Љубопис“, „Родопис“,„Сина песна“, „Ненасловена“...

На свечениот собир присуствуваа академици, универзитетски професори, писатели, поети и семејството на Поповски. Стихови од Анте Поповски читаше Софија Гогова - Врчаковска.

_____________________________________
На 13 декември (вторник) 2011, во 12 часот, во Друштвото на писателите на Македонија ќе се одржи Свечен собир по повод 80-годишнината од раѓањето на академик Анте Поповски. Влезот е слободен.
________________________________________________
види линк -


Македонија
Еве ја таа проста земја
од дволичен камен
и сонце
Децата уште незаодени каде откопуваат
лобањи по градините
Еве ја таа проста земја
од пајажина
и од води
Мудро слободата кај што ги запишува
селските имиња
Место икони по црквите
И каде летото како судбина
Трае до последниот востанат
Еве ја таа проста земја
од заморено дишење
и од молк
Низ која времето одминува
и пак се враќа
Со неа да го сподели лажното траење.
О, еве ја таа проста земја
од грч
и од чекање
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски
А никој не ја знае.