Pages

ЃУРЧИН Илиов КОКАЛЕСКИ

ЃУРЧИН Илиов КОКАЛEСКИ (1775-1863)

Познат како Ѓурчин Кокале. Тој се истакнал како знаменит човек не само во своето родно Лазарополе, туку и во целата Мијачија, па и пошироко. Рано останал без татко (татко му Илија бил убијен од арамии). Изгледан е и изведен на пат исклучиво од неговата мајка. Најнапред се оспособил за терзија, потоа станал кираџија и трговец. Подоцна станал сточар, запоседнувајќи ја шумата Лопушник, како и повеќе пасишта. Сам за себе напишал и оставил живопис што е уникатен пример во Македонија. Во него меѓу другото пишува: "Фала Господу и на другите светители што ми дадое прво ум и разум а после и јунаштво. Пред мене не може да излезе никој, ни со занат, ни со пушка, ни со коњ бинеклија. Скакав 55 нози на три поти, 25 одеднуш, коњи прескакав шест. Со десет оки камен, фрлав 50 нозе. "
Тој со помош на Мартин Димковски Попоски го имаат задолжено Лазарополе со убавата селска црква.Во својот живопис има оставено и порака до своите синови и внуци која гласи: " Да се молите Господу, да гледате сиромаси, да најадувате гладни, да одите смирно, да не чините гордост и фодулок, руба и пусат, туку со срце !"
Ѓурчин Кокале е познат и како еден од првите наши преродбеници. Неговото големо дело е познато и по тоа што христијанте од цела Деборија, ги држел во слога за да не се разединат и бидат лесен плен на Турците. Од султанот добил дозвола да носи оружје и со него да го штити населението од насилници. Бил истакнат коџабашија на селото од 1807 до 1863 година. Бил пријател со повеќе турски великодостојници и со фрман од султанот добил право да го штити својот крај и да учествува во покраинскиот меџлис (собрание), каде што заседавале беговите од целата Деборија.

Литература:

1. Сотир Шошкоси и Васко Попоски, "Лазарополе во подалечното и поблиското минато", Скопје, јуни 2003г., стр.16-17.

Човек звездалија - како што го нарекувале лазоровци. Богат сточар - ќаја, ктитор на црквата во Лазорополе, коџабашија на селото од 1807 до 1863 година, заштитник на христијанското население, прв човек во Македонија кој зад себе оставил пишана автобиографија „Ѓурчиново наказание“, претставник на мијачкиот крај во Дебарскиот покраински меџлис (собрание). Зборувал турски, албански и грчки јазик. Роден е во Лазорополе во 1775 година, од татко Илија Кокале и мајка Кала Жунгулоска. Уште на едногодишна возраст останал без татко му Илија, кој бил убиен во 1776 година. Ѓурчин минал тешко детство, заради тешката материјална состојба во која што се нашло семејството по татковата смрт. Заради сиромаштијата на Ѓурчина му умреле еден брат и една сестра. Во 1785 година, неговиот постар брат Силјан се оженил, а десетгодишниот Ѓурчин бил даден од страна на мајка му да слугува во Дебар, кај некои бегови, само за да може да се прехрани и да научи јазик. Тој во Дебар останал две години до 1787, каде што успеал да научи турски и албански јазик, кои што понатаму ќе му бидат од голема корист. Во истата 1787 година, една од сестрите (две што ги имал) се омажила за Илија Коштрески, терзија во Лазорополе; а тој заедно со брат му Силјан заминале на печалба во градот Катерино (сега во Грција), каде што ги усовршил јазиците и започнал да учи грчки јазик. Таму останал само една година, по што се вратил во Лазорополе и станал терзија кај својот зет Илија Коштрески, кој освен на занаетот го научил да пишува црковно словенски. Тоа всушност било првото Ѓурчиново описменување. Со терзискиот занает во селото се занимавал две години 1788-1790 година, совладувајќи го потполно. Потоа отишол во Воден 1790-1792, каде го усовршил терзискиот занает, но не се збогатил, како што претпоставувал, туку си останал сиромав.Честопати, покрај со терзискиот се зафаќал и со други занаети: бил анџија, кираџија (пренесувал стока на коњи во Дебар, Прилеп, Елбасан), бојаџија, но од ништо не се збогатил. Сепак, и тогаш, според физичките карактеристики личен, висок, тенок, но многу повеќе според елегантната облека (која што самиот си ја шиел), вооружен со туфек-пушка, а подоцна и со јатаган, личел на богат Албанец или Турчин, а знаењето на овие јазици само му помагало да си го пробие патот понатаму. Во 1798 година, Ѓурчин се оженил со Ѓурѓа сестрата на селскиот свештеник поп Мартин, ќерка на Петре Димкоски од познатиот род Димковци, староседелци во селото. Од тогаш започнал да се богати и од оваа година тој наполно му се посветил на сточарството, напуштајќи го анот што дотогаш го држел целосно отстапувајќи му го на својот ортак Стамат. Ѓурчин купил овци и ги оставил на презимување во Прилепско Поле. Ѓурчин подоцна своите овци секогаш ќе ги испраќа на зимување во околината на Солун. Таму закупувал кшли (земја, ливада каде се правело трло и каде што овците презимувале), особено се знае дека Ѓурчин вакви кшли имал во близина на селото Лубаново, Солунско. Извесно време параќаја (заменик на ќајата, кој раководел со целата работа околу овците) на Ѓурчина му бил Стамат Димкоски. Како што се зголемувало богатството на Ѓурчина, така се зголемувал и неговиот авторитет не само во селото, туку и во целата Мијачија, па и пошироко. Негови лични пријатели станале тогашните моќници Али-паша Јанински и Лобуд-паша од Солун. Деловни пријатели му биле беговите од Воден, Костур, Бер и Дебар. Овие врски и контакти Ѓурчин ги користел не само за лични цели, туку и за заштита на мијачкото население.Во 1807 година, Лазорополе биле зафатено од силен пожар и речиси целото било опожарено (од тогашните 60-тина куќи, биле опожарени 53). Куќата на Ѓурчина не страдала во пожарот. Во таа година за коџабашија на селото (еден вид на селски кмет) бил избран Ѓурчин Кокале, која што должност ја извршувал бесплатно до крајот на својот живот, а која што активност била богата со настани и случувања. Веднаш по изборот за коџабашија на селото, Ѓурчин заминал на поклонение на Света Гора, верувајќи дека со овој аџилак ќе ги исчисти гревовите на своите соселани за да не им се случуваат такви трагедии во иднина. На Света Гора во Зографскиот манастир се сретнал со својот соселанец Анатолиј Зографски и уште тогаш заедно со него размислувале на кој начин да издејствуваат издавање на ферман за изградба на голема црква во Лазорополе (во тоа време градбата на нови цркви била возможна само со издавање на ферман од Султанот). Но и двајцата заклучиле дека тоа ќе мора да почека некои подобри времиња.Следните години Ѓурчин продолжил да се збогатува од сточарењето, но и не само од него. Тој се занимавал и со:
  • лихварство (како што правеле и сите во тоа време што имале вишок готови пари),
  • закупувал кшли по цени што нему му се исплателе (заради пријателствата што ги склучувал, редовно ги закупувал по пониски цени), а потоа ги давал во подзакуп за реалното чинење на кшлите;
  • се бавел и со трговија - кога на пролет се враќало стадото, тој во Лазорополе носел сол, тутун, маслинки, маслиново масло, јужно овошје, занаетчиски производи, па дури и накит - односно сé она што сметал дека можело да се продаде во селото. Тој дури имал и свој дуќан во селото. (според кажувањето на неговиот внук Ефто Кокалески - види кај Д-р Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески (1775-1863), ИНИ, Скопје, 1959, 133
  • ја преработувал волната. Имено, тој на жените од Лазорополе, но и од околните села им давал волна, која овие ја преработувале (переле, пределе, сновеле, ткаеле, бојадисувале) за од неа да изработат разни волнени производи: шајак, чоја, аба, долами, бечви, појаси, престилки, минтани и разни гајтани, за кои што Ѓурчин им плаќал, а потоа ги продавал најмногу во Дебар и Елбасан.
  • изработувал сапун и лоени свеќи од пцовисаните или болни овци, кои потоа ги продавал по локалните пазари.
Иако, Ѓурчин бил современик на востанијата во Србија (1804-1813) и Грција (1821-1829) тој не учествувал во нив. За Негушкото востание самиот оставил неколку редови во својата автобиографија. Благодарение на својот пријател берскиот ага Каилоџија, кој го известил навреме, Ѓурчин се вратил во Лазорополе, засолнувајќи се од бесот на турската војска, која што можела и него, како богат човек-христијанин да го зафати. По поразот на Негушкото востание, биле заробени многу луѓе, кои Турците ги продавале како робови. Ѓурчин овие несреќници ги откупувал по пазарите и ги ослободувал. Тој исто така во своите трла штител и хранел секакви разбојници. Ги помагал и немирните Албанци од Дебарско, воспоставувајќи со нив пријателски врски, заштитувајќи го на тој начин Лазорополе од пљачкосување.
Во 1821 година, Ѓурчин веќе бил толку богат што ја купил целата планина Луковец зашто му била потребна за летни пасишта. Во 1822 година богатството на Ѓурчина се ценело на 1000 овци, 25 коњи и 25.000 гроша (огромна сума за тоа време) Од 1823 година, Ѓурчин започнал почесто да останува во Лазорополе, а на зимување со овците ги пуштал своите синови, на тој начин упатувајќи ги во сточарскиот живот. Тој особено се грижел на своите деца да им ги пренесе своите знаења, но и деловни контакти. Уште како помали, сметајќи дека неговите синови мора да бидат писмени за да бидат понатаму подготвени за водењето на работите, тој лично ги описменил (бидејќи во Лазорополе тогаш сеуште немало училиште) и ги научил на турски, албански и грчки јазик. Во 1826 година се случил двобој меѓу Ѓурчина и одметнатиот јаничар Алија, чија што глава била уценета од страна на турската власт. Имено, Алија му наредил на еден поп од Солунско, да му ја донесе својата убава ќерка во шаторот. Но, наместо тоа, тој ја скрил ќерка си во Ѓурчиновото бачило. Кога Алија разбрала за тоа, тргнал да ја граба. Во дуелот, што се одвивал на коњи и со јатагани, Ѓурчин, иако ранет успeал да го убие Алија. Му ја отсекол главата и заедно со парите што тој ги пљачкал од народот и со јатаганот, отишол во Солун, кај својот пријател Лобуд-паша. Овој го пофалил, му го оставил целиот плен, а освен тоа му го исплатил и износот на кој што била уценета главата на разбојникот. Ѓурчин особено бил горд на ново добиениот јатаган од кој не се делел до крајот на животот. По смртта на Ѓурчина овој јатаган, кој го нарекувале „Ѓурчинова сабја“ ја чувале како селска реликвија со која лечеле од уплав, за лесно породување и за лесна смрт. Како последица на повредата што Ѓурчин ја добил во овој двобој, тој подоцна во староста се парализирал. Во извршувањето на својата обврска како селски коџабашија, Ѓурчин особено се трудел даноците со кои што било задолжено селото, самиот да ги собира и да им ги носи на турските власти во Битола. Не сакал под изговор дека собираат даноци, во селото да влегуваат турци и да го тормозат населението. Тоа Ѓурчин не го дозволувал. Главната девиза со која се раководел Ѓурчин за време на својот коџабашилак била „Колку сме повеќе, толку сме посилни“… За секое новородено машко дете во селото, како мушчилок давал еден златен наполеон и двапати едно по друго пукал со својот туфек од прозорецот на куќата; за новородено женско дете давал една бела-меџидија (сребреник) и пукал еднаш од пушката. Така целото село разбирало дека Лазорополе има принова. Така во селото, но и во Мијачија се создавал култ кон многудетните семејства. Сиромашните во селото ги помагал, водејќи се од својата христијанска милосрдност. За таа цел, за потребите на селото тој дал 400 кози, за да имаат сите млеко. За него, долго по неговата смрт било задржано сеќавањето дека каде и да минел ја хранел сиромаштијата. Особено му се спротивставувал на печалбарството и се трудeл да им најде работа на сите, за да не се осипе селото. Женел и мажел сираци и ги помагал секако. Го посинил Јован наречен Ќоле (на турски - роб) кој се наоѓал кај дебарскиот бег Мухамед Бербер Оглу, заедно со неговата мајка Стефана Мутафчиќ и сестрата Сара, која што пак ја омажил за својот син Мино. Ги одвраќал луѓето од пијанства, кражби, разврат и сл. Откупувал христијански робови по пазарите, а некои од нив и ги носел по мијачките села. Барал од селаните да бидат писмени, чисти и да носат убави алишта. Со својот авторитет ги смирувал скараните, го делел имотот меѓу браќа и ортаци, недозволувајќи да се оди по турски судови. Во селото организирал каси, во кои што ќаите вложувале пари во текот на годината, а кои што се користеле како помош на оние кои настрадале од турски зулум или пак биле ограбени од арамии. Подоцна често пати овие средства се користеле за општествени цели: за поправка на цркви, манастири, училишта, патишта, за плати на селските учители и попови, за помош на сиромашните во селото, како и за други заеднички селски расходи. Така на пример со овие пари Ѓурчин ја подигнал „Горна чешма“ која уште ја викале и „Кокалеска чешма“. Во Долно маало ја подигнал „Долна чешма“, која била долга 12 метри и била покриена. Голема била желбата на Ѓурчина во Лазорополе да се изгради голема црква. Тој тоа го сметал за своја обврска, бидејќи се сметал за миленик на Бога, заради тоа што бил коџабашија и сакал на селото да му остави свој траг, но и заради истакнување на своето стекнато богатство. Сметајќи дека неговиот авторитет е веќе толку голем, а Лазорополе толку оддалечено од турските власти, решил да ја гради црквата и без да посетува султански ферман. Ѕидањето на црквата било започнато на 15 април 1832 година. Таа се градела со пари на Ѓурчина, но и на другите селани во Лазорополе, а ја граделе сите. Како селско предание се раскажува дека иако селото било богато со коњи и тие можеле да го пренесуваат каменот потребен за изградба на црквата, тие тоа го правеле сите сложно, пренесувајќи камен „од рока на рока, за да се паметуват“. Се претпоставува дека на чинот на започнувањето со градба учествувал и дал свој благослов и лазоровецот Анатолиј Зографски (подоцна архимандрит, кој имал пријателски однос со Ѓурчина Кокале), но, за тоа колкава била неговата улога околу изградбата на црквата, досега во историската наука постојат нејаснотии, иако се претпоставува дека ако ништо друго, тој за црковните потреби на своето село испратил од Русија црковна литература. Градењето на црквата во селото се одвивала нелегално се до 1838 година, кога Ѓурчин, по добиената препорака од својот пријател Лобуд-паша, успеал да биде примен на аудиенција кај Султанот Махмуд II. На таа средба Султанот на Ѓурчина му врачил орден заради ликвидацијата на разбојникот Алија; но главната намера зошто Ѓурчин ја барал оваа аудиенција била можноста лично од Султанот тој да побара ферман за градење на црква. Во оваа пригода, стравувајќи дека би можел да биде одбиен од Султанот за такво нешто, тој дипломатски изразил подготвеност воедно да изгради и џамија во селото Лубаново, Солунско. Кога тоа го слушнал Султанот, ги дозволил и двете работи. Ѓурчин на оваа аудиенција побарал дозвола за постојано носење на оружје, како и тоа лично тој да го претставува својот крај во Дебарскиот покраински меџлис (собрание) - и тоа му било дозволено. И последното негово барање било да се издаде ферман со кој би се назначило кои давачки населението треба да ги плаќа, за да не би дошло до идни недоразбирања. За овие три барања, биле изготвени и три фермани. По оваа аудиенција кај Султанот и по добивањето ферман за градба, изградбата на новата селска црква била продолжена без никаков страв. Ѓурчин за изградба на црквата ги дал сите пари што ги нашол кај разбојникот Алија, како и парите што ги добил како награда за неговото убиство. Тие пари не ги сакал, затоа што тоа биле „крвави пари“. Но, бидејќи црквата веќе била готова и немало потреба од тие пари, тогаш со поп Мартин Димкоски се договориле овие пари во еден ѓугум да бидат закопани под олтарот и од нив понатаму да се испрати еден Лазоровец на аџилок на Светиот гроб, за да побара од името на целото село прошка за гревовите. Конечно црквата била готова и во негова чест од страна на сите лазоровци било решено таа да се вика Свети Ѓорѓија, иако желбата на Ѓурчина била таа се посвети на Свети Илија, бидејќи неговиот татко се викал така. Таа била осветена на Илинден 1841 година, со голема општонародна веселба, на којашто присуствувале и други Мијаци од околните села. Од тогаш празникот Илинден во селото се празнува како селски празник. Како благодарност за изградбата на Лазороската црква, Ѓурчин во црквата добил посебно, почесно место изрезбарен стол наречен уште и „Ѓурчинов престол“ на кој што (откако во староста се парализирал) бил седнуван кога доаѓал во црквата, за да ислуша богослужба. Со Ѓурчинови финансиски средства во работилницата на браќата Бота, во Вршац (тогашна Австрија) била излиена камбана во 1856 година, која била наменета за црквата во Лазорополе. Овој факт добива на тежина ако се знае дека тое е всушност четвртата камбана во цела Македонија во тоа време. Уште и пред воопшто и да биде црквата готова Ѓурчин Кокале заедно со својот пријател поп Мартин, се грижеле неа да ја снабдат со потребни црковни книги. Како докажани дејци кои се противеле на употребата на грчкиот јазик во црковната богослужба, настојувале црковните книги да бидат на разбирлив словенски јазик. Книгите се купувале од Русија и преку трговци и печалбари се носеле во Лазорополе. По изградбата на црквата во самиот црковен двор била подигната една зграда, која што всушност била првото основно училиште кај Мијаците. Тоа било подигнато на иницијатива на Ѓурчина Кокале и поп Мартин Димкоски, кој бил и првиот учител. Се учело од црковни книги на мијачки дијалект. Ова училиште било основано со единствена цел да ги описмени најпрво децата на ќаите, кои ја наследувале работата на нивните татковци. За поуспешно водење на работата неопходно било да знаат да читаат, пишуваат и сметаат. Училиштето било селска сопственост (основано 1841 година) и за него, како и за исплатата на учителот се грижеле побогатите ќаи во селото. Ѓурчин Кокале честопати ги помагал како манстирот Свети Јован Бигорски така и манастирот Света Богордица Пречиста Кичевска. Овој манастир често бил пљачкан и опожаруван од албански арамиски банди. Ѓурчин, заедно со другите мијачки првенци Сарџо Брадина од Тресонче и Тодор Томоски од Галичник, како и со помош на сите Мијаци, го обновиле манастирот. Само од Лазорополе во 1850 година биле собрани 500 гроша за да се направат нови конаци во манастирот.Ѓурчин лично ја помагал и изградбата на црквата во Росоки, која почнала да се гради во 1836 година.Како борец и заштитник на христијанското мијачко население тој, благодарејќи на својот, но и на авторитетот на неговиот пријател галичкиот првенец Томо Томоски, успеале да ги вратат во христијанство неколкуте исламизирани галички семејства, со што го зацрстиле своето влијание меѓу останатото население, но и меѓу локалната турска администрација.
Тој заедно со својата жена Ѓурѓа Петрева Димкоска ги имале децата Риста (1798-1905), Дамјан (р.1799), Мино (1800-1870), Елена-Чола (1807-1892), Пера, Нико, Доста, Пенда, Аврам и посвоениот син Јован-Ќоле. Починал во 1863 година и сè до крајот на својот живот, иако парализиран, останал да биде селски главатар, благодарение на огромниот авторитет што го имал. Тој по барање на народот бил погребан во црковниот двор крај олтарот. Кога се разбрало за неговата смрт во Лазорополе за да му оддадат последна почит дошле многу луѓе, официјални претставници на тогашната турска власт, дебарските бегови кои биле негови пријатели и кои го сметале за рамен на себе, од Албанија дошле неговите роднини Кокаите, како и сите мијачки првенци. Погребот бил извршен со повеќе свештеници, на чело со игумените од манастирот Свети Јован Бигорски и Света Пречиста Кичевска, како и со верниот сомисленик попот Мартин Димкоски. Колкава била големината на овој човек се гледа и од фактот што дури и по седум години од неговата смрт грчките владици не се ни осмелувале да влезат во селото, за да одржат богослужба на грчки јазик. А пак каков печат оставил тој во народната меморија на секој Мијак, а особено Лазоровец, можеби највпечатливо зборува и тоа што и многу години по смртта на Ѓурчина, кога некој Лазоровец ќе починел луѓето го испраќале довикнувајќи му: „Да ми го поздравиш Ѓурчина!“.
изработено од Слободан Шошкоски

извори:

  1. Д-р Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески, ИНИ, Скопје, 1959.