Pages

АНАТОЛИЈ ЗОГРАФСКИ



Своето образование го започнал во познатото манастирско училиште, кое се наоѓало во духовниот центар на Мијаците манстирот Свети Јован Бигорски, каде што нешто подовна станал и калуѓер. Своето калуѓерување го продолжува во Света Гора, каде станал игумен на познатиот Зографски манастир. Во 1818 година бил испратен на една мисија во Русија, во Петроград, каде што останал две децении. Притоа тој станл познат и популарен на царскиот двор. Му бил кум на императорот Николај и воспитувач на неговите деца. Додека бил на Света Гора редовно одржувал врски со Лазарополе, главно преку сточарите кои престојувале во Солунското Поле. Во Света Гора прибирал ученици од својот роден крај, кои ги учел на црковнословенски јазик. литература: "Лазарополе во подалечното и поблиското минато", стр.18.ПОВЕЌЕ 

(текстот е испратен од Слобoдан Шошкоски); Точната година на неговото раѓање не се знае. Се претпосатвува дека е роден во втората половина на 70-тите години од 18 век. Потеклото, световното име, местото на раѓање, но и одредени моменти од неговиот животен пат се замаглени, неодредени, полни со дуалитети и недоречености. Според едни (Симон Дракул, Архимандрит Анатолиј Зографски, ИНИ, Скопје, 1988) тој потекнува од селото Могорче и во 80-тите години од 18 век, со мајка му Акилија - Кила дошле во Лазорополе, како питачи, по што биле примени од вдовецот Тодор Велчоски - по занимање терзија. Тој се оженил со Кила и бидејќи немал деца од првиот брак, го посвоил и многу го засакал малиот Анатолиј (чие што световно име најверојатно за навек останува непознато); Според други пак (Петар Попоски, Архимандрит Теофил Аврамов Жунгулоски, Штип, 1997) тој потекнува од значајниот род Жунгуловци, а за коешто допрва би требало да се дооткријат стојалиштата и фактите кои би го поткрепиле таквото тврдење.Според Симон Дракул, бракот меѓу Тодора Велчоски и Кила траел 6 години, по што Тодор умрел, а Кила по втор пат останала вдовица. Но, сегашната имотна состојба, по наследството на имотот на терзијата Тодор Велчоски í отворила можност својот син да го прати на школување во манастирот Св. Јован Бигорски. Тука негови соученици се Арсениј (подоцна станал игумен на манстирот) и Иларион (подоцна Зографски) од Лазорополе. По 5 години од неговото школување во Бигорскиот манастир, починала мајка му Акилија. Анатолиј ја распродава оставнината и заминува во манстирот Св. Богородица Пречиста во Кичевско. Околу местото на замонашувањето на Анатолиј повторно има разногласија; дали тоа станало во Пречиста - Кичевска или во Св. Јован Бигорски (што се чини поверојатно). Во Пречиста, Анатолиј останал 6 години, по што заминал во Зографскиот манастир на Света Гора, сонот на сите балкански православни духовници. Таму го носел монашкиот чин јероѓакон.Додека престојувал во Зографскиот манастир, Анатолиј одржувал контакти со своите пријатели и соплеменици од родниот крај. Се знае дека во манастиорот тој го пречекал новиот лазороски коџабашија - главатарот Ѓурчина Кокале. Нивната средба се случила во 1807 година, кога Ѓурчин сакал да се советува со Анатолија за изградба на новата селска црква во Лазорополе. Се барале начини, како да се издејствува султански ферман, зашто само со таков акт-дозвола-наредба можело во тоа време да се гради црква. Но, и двајцата констатирале дека тоа во тој момент било невозможно и дека целата работа ќе мора да почека некои подобри времиња.Во 1819 година, Анатолиј бил произведен во монашкиот чин јеромонах и заедно со схи монахот Викентиј од името на Зографскиот манастир биле испратени во мисија, која ќе се оддолжи цели 20 години. Нивна цел била да се изборат Кипријановскиот и манастирот Добровец, кои се наоѓаат во Молдавија и Влашко; а кои во средновековието му биле подарени на Зограскиот манастир како негови метоси (владенија); да ги вратат повторно под јурисдикција на Зограф. Во тој период овие манстири биле преземени од Руската Парвославна црква, затоа што и земјите каде што се наоѓале биле освоени од Руската империја.
Кипријановскиот манастир му бил доделен на Кишиневската епархија, за со своите приходи да го издржува тамошниот Архиерејски дом и Семинаријата.Успешното завршување на оваа мисија на Анатолиј ќе му донесе огромен углед во целиот православен свет, а воедно и негово духовно исполнување. Но, доаѓањето до успешниот завршеток не било нималку лесно. Најпрвин Анатолиј и Викентиј отишле во Кишинев, од каде што заминале за Санкт Петербург, каде всушност и биле сконцентрирани силите коишто најдиректно можеле да влијаат за разрешување на ова прашање. Таму тие престојувале во братството на Александро-Невската лавра. Во оваа, за него нова средина, скромниот јеромонах Анатолиј тивко, но упорно започнува да гради познанства и пријателства со луѓе од високиот општествен-владејачки слој во Русија, блиски до царското семејство. Целта на овие познанства била позитивното разрешување на прашањето околу спорните манастирски имоти.Во декември 1825 година, шест години по неговото доаѓање во Русија, дошло до смена на рускиот престол. На местото на ненадејно починатиот Александар I Павлович, дошол неговиот брат Николај I Павлович. Во овој период Анатолиј успеал да го привлече вниманието и симпатиите кон себе на високото руско општество, благодарение на својата скромност, својот хармоничен глас, строгиот манастирски живот кој го водел, чесноста, душевната чистота и благост, кои се гледале со секој негов гест. Во овој период тој веќе í станал духовен татко на Имеретинската царица (Имеретија е дел од Грузија) Ана Матвеевна, од која што добивал и годишна пензија од 500 рубли. Тоа му дало нов поттик на Анатолиј, кој сега веќе се обидувал преку координирани молби од неговите влијателни пријатели и познајници да издејствува позитивно решавање за спорниот Кипријановски манастир. Дека тој станувал сé поблизок со рускиот царски двор зборува и одликувањето што го добил во април 1826 година. Имено, тој бил одликуван со златен крст за на гради - одликување со коешто дотогаш, од страна на царот биле удостојувани само високи личности од руското духовенство. Во кругот на влијателните Анатолиеви пријатели се наоѓала и грофицата Ана Алексиевна Орлова-Чесменскаја, која не само што го помагала и се застапувала за Анатолиј, туку го помагала и Зографскиот манастир на Света Гора. Вистинскиот врв на ова Анатолиево инфилтрирање во самиот врв на тогашното руско општество се достигнало со тоа што тој му станал и личен пријател на рускиот император Николај I Павлович, крстејќи ги неговите синови престолонаследниците Константин и Александар, воедно станувајќи и нивни воспитувач.За квалитетите на духовната чистота на Анатолиј најдобро зборува и еден настан кој се случил во Санкт Петербург. Имено, како ефимериј (духовен татко) и исповедник на престолонаследниците, тој примал на исповед и многу други видни граѓани. При една таква посета, од почитта што ја имале кон него, тој добил на дар скапоцен златен часовник. Анатолиј, овој часовник í го дал на една жена од познато, но осиромашено петербуршко семејство, која дошла да му се исповеда, но и да поплаче над својата судбина. По неколку дена овој часовник се појавил на пазарот на скапоцености во градот, а Анатолиевиот авторитет дошол под сомнение. Тоа прашање стигнало и до императорот, по што Анатолиј бил повикан да ја објасни настанатата ситуација. Кога овој ја раскажал случката, дека часовникот í бил подарен на сиромашна жена, неговиот углед уште повеќе пораснал, станувајќи пример за чесност и монашка понизност.За сето време на престојот на Анатолиј во Санкт Петербург, тој присобирал милостини за Зографското братство, кои потоа им ги праќал на своите собраќа на Света Гора.Во 1832 година, Анатолиј се вратил на Света Гора, во својот Зографски манастир, а потоа најверојатно (сеуште неможе историски да се потврди ова, но логиката на настаните тоа го навестува - б.м.) накратко и за последен пат го посетува Лазорополе. Колку е тоа во корелација со почетокот на изградбата на новата голема селска црква; дали тој знаел за тоа и намерно дошол во селото; дали неговото присуство било искористено како иницијален повод за почеток на градбата и дали воопшто неговото присуство во Лазорополе во 1832 година е вистина или мит. Контроверзни се „историските искажувања“.Во истата таа 1832 година, Анатолиј во Бигорскиот манастир се запознал со Партенија (подоцна Зографски) неговиот подоцнежен воспитаник, следбеник и заменик.По повторното враќање на Анатолиј во руската престолнина С.Петербург, тој во 1836/37 година, конечно успева да издејствува враќање на Кипријановскиот манастир со имотите на неговиот Светогорски Зографски манастир. По ова тој е овенчан со слава не само од Зографските монаски, туку и пошироко од тогашниот православен свет. Угледот на Анатолиј е повеќекратно зголемен и во преден план избиваат неговите дипломатски вештини и упорноста со која што ја водеше целата мисија околу спорните манастирски имоти. Руската дипломатија, сакајќи да го искористи овој позитивен Анатолиев авторитет, го повикува него да се вклучи во руската дипломатска служба на Балканот. Анатолиј ја дал својата согласност за тоа, па така откако бил приопштен кон Руската Православна Црква, бил прераспределен да ја извршува службата на ефимериј, исповедник и проповедник во посолската руска црква во Атина. Пред да замине за Атина, Анатолиј во ноември 1837 година, бил произведен во чинот Архимандрит на патријаршискиот престол, сосем ретко добиван чин во православната хиерархија.За време на својот престој во Санкт Петербург, Анатолиј ја напишал книгата „Молебное пеение светому славному великомученику победоносцу чудотворцу Георгију“. Таа била публикувана во С.Петербург, во синодалната типографија зимата или раната пролет 1838 година. Тоа е мала книшка со формат 10/14 цм. со 66 страници, од кои самото пеение изнесува 29, додека останатите 27 страници се акатист.Во втората половина на мај 1838 година, тој тргнал од С.Петербург и преку Москва, Киев, Кишинев, притоа посетувајќи го и повторно добиениот Кипријановски манастир, преку Одеса, се вратил најпрво, но само за кратко во август 1838 година, во својот Зографски манастир. Благодарение на големиот авторитет што го имал архимандритот Анатолиј, тој успеал да се избори (дури и со официјален руски акт) да им се овозможи школување на тројца Зографски монаси во Кишиневската духовна семинарија. Меѓу првите тројца коишто заминале на ова школување во учебната 1838/39 година, бил и монахот Натанаил (Кучевишки подоцна митрополит Охридски и Пловдивски). Подоцна благодарение на ова стипендирано школување, таму бил испратен и нашиот познат преродбеник и учебникар, штитеникот на Анатолија, Партениј Зографски.Како Анатолиева заслуга се смета и општиот просветен подем што го зафатил Зографскиот манастир по неговото враќање од Русија. Финалето на овој подем било основањето на сопствено Зографско училиште, каде се школувале монаси, кои потоа останувале во Зограф или пак заминувале да го шират образованието по другите манастири и училишта во Македонија и Бугарија. Како надградба на стекнатите знаења сите Светогорски манастири формирале заедничко средно монашко училиште во месноста Кареја, каде што наставата се изведувала на грчки, но и на словенски јазик. Воедно, се знае за неговите активности за привлекување на талентирани ученици, особено од мијачките предели, кои потоа се школувале во Зографскиот манастир. Ова било возможно, благодарение на непрекинатите контакти што архимандритот Анатолиј ги имал со своите соплеменици Мијаци, особено во зимскиот период, кога овие со своите овци оделе на презимување во Солунско.Колкава била посветеноста на Антолиј за просвета и колку многу се трудел таа посветеност да им ја пренесе на своите Зографски собраќа, најдобро зборува и фактот што тој од Русија, во Зографскиот манастир донел огромна библиотека, која тогаш била проценета на неверојатни 30.000 рубли. Воедно, тој донел од Русија и печатарски букви, сакајќи во Зографскиот манастир да отвори манастирска печатница. До тоа никогаш не дошло, но затоа пак тој силно ја поддржувал печатницата на Теодосија Синаитски во Солун. Всушност, првата книга што излегува од оваа печатница е „Началное учение со молитви утренија“ напишана токму од архимандритот Анатолиј, а печатена во 1838 година. Оваа книга, како што кажува и самиот нејзин наслов е учебник (букварче) за првично образование. Книгата е мала, напечатена на неполни два печатарски табака, поточно на само 28 страници (осмина формат), со црковнословенски шрифт и со словенско писмо. Таа е двојазична, поточно речено таа е паралелно јазична, а вистинската нејзина намена била напоредно изучување на грчкиот јазик, на оние што го совладале црковнословенскиот јазик и обратно. Оваа книга, всушност била првиот учебник на македонски народен јазик, наменета за нашите ќелијни и приватни народни училишта. Се верува дека претходно оваа книга веќе била еднаш печатена, пред 1838 година. Но, како и да е, со оваа книга Анатолиј се вбројува во редот на најпрвите наши преродбеници учебникари, кои неодложно го давале својот придонес за општо народна просвета. Подоцна оваа книга ќе се печати уште двапати во 1858 година, како подобрена верзија од Партениј Зографски, Анатолиевиот штитеник; и во 1864 година печатена во Цариград.Што се однесува до дипломатската служба на Анатолиј тој веќе во октомври 1838 година се наоѓа во Атина, во назначената служба при руската посолска црква. На ова место останува до 1843 година. Иако, уште со писмо од 26 октомври 1841 година барал да биде разрешен од таа должност, заради својата старост и климата која не му одговарала на здравјето. Заради исклучително успешното службување, Анатолиј од страна на Рускиот император бил одликуван со орденот Св. Ана од втор степен, притоа доделувајќи му 150 златници. Додека престојувал во Атина, Анатолиј одржувал врски со немалиот број на ученици, кои таму биле испраќани од своите имотни фамилии од граѓанските слоеви од Македонија и Бугарија, обидувајќи се нив да ги организира да работат за народната просвета, чиј што голем поборник бил.Во јули 1845 година, при посета на Светата Атонска Гора, се случила средба меѓу великиот кнез, рускиот престолонаследник Константин Николаевич и некогашниот негов воспитувач архимандритот Анатолиј.Анатолиј, во пролетта 1846 година се наоѓал во Цариград, а потоа заминал на посета на манастирските имоти по Молдавија и Влашко.На 6 април 1846 година, архимандритот Анатолиј од страна на рускиот импертор бил вбројан во редот на носителите на орденот на Св. равноапостолски кнез Владимир од трет степен. Тоа уште еднаш докажува колкав бил авторитетот што го имал Анатолиј кај рускиот царски двор, кога и по осум години од заминувањето од Русија и три години по напуштањето на руската дипломатска служба во Атина, тој сеуште бил почестуван со такви одликувања.Се знае дека архимандритот Анатолиј во 1846/47 година изработил еден опширен учебник по предметот граматика на црковно-словенскиот јазик наречена „Славјанскаја граматика“; но историската наука нема потврда дека таков учебник бил печатен. Имено, сé досега не е откриен ниту еден печатен примерок од овој учебник. Единствено останува уверувањето дека овој Анатолиев труд останал во ракопис, бидејќи за неговото постоење се знае посредно преку зачуваната коресподенција на монахот со своите пријатели.Додека Анатолиј се наоѓал во посета на манастирските имоти во Молдавија и Влашко, тој се разболува по што бил приморан да остане шест недели во постела. Во декември 1846 година, тргнува да се враќа за Света Гора преку градот Јаш, каде повторно се разболува. Конечно во летото 1847 година тој успева да се врати во Зографскиот манастир на Света Гора. Таму и починува на 22 јуни 1848 година. Во свечената сала на Зографскиот манастир на Света Гора се наоѓа, меѓу останатите заслужници на манастирот и неговиот портрет под кој што стои следниот текст:„Изображение на атоно-зографскиот потстрижанец, архимандритот на вселенскиот патријаршиски престол и кавалер на руските императорски ордени Св. Владимир од 3 степен и Св. Ана од 2 степен, кој има и златен наперстниј крст, отецот Анатолиј, уроженец од горно-дебарското Лазарополско село. Со неговите непрекинати трудења заедно со соборниот старец Викентија во Русија, кои траеја од 1818 година, на манстиров му беа вратени отуѓените Кипријановски имоти + 1848 година во јуни КВ (22) ден својата Зографска обител, од каде е почившиј. Нему во знак на благодарност и незаборавно сеќавање се наслика овој лик со усрдието на неговата возљубена во Христа братија“. (¨Симон Дракул, Архимандрит Анатолиј Зографски, ИНИ, Скопје, 1988. ; ¨Георги ТраŸчевъ, Книга за Мияците, София, 1941. ; ¨Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995Костадин Кајдамов, Теодосиј Синаитски, Дојран, 1994 ).

Текстoт  нa Слoбoдaн Шoшкoски