Pages

ЕВСТАТИЈЕ ЈОЛЕСКИ

ЕВСТАТИЕ ЈОЛЕСКИ
(роден во Лазарополе ?/г.-1937г. починал во Лазарополе )


Евстатие Јолески кој работел во Лазарополе и околината, како надрилекар и фотограф и фотографирал портрети, свадби, погреби, селска архитектура и пејсажи, според податоците на Македонскиот центар за фотографија се споменува и во весникот "Цариградски гласник", год.8 бр.1 од 1902 година, на чија што третата страна стои забележано: "На погребот на ученикот од српската машка гимназија Секула Илиќ(ски) од Лазарополе, фотографирана е целата погребна поворка". Се претпоставува дека авторот на таа фотографија е Евстатие Јолески (Лазарополе(?) - Лазарополе, 1937) за чија фотографска активност постојат сигурни податоци од 1911 година, а благодарение на неговите потомци, сочувани се голем број стаклени плочи (негативи). Јолески за фотографирање на поединечни и групни портрети користел импровизирано студио во дворот на својата куќа. Студиото му било опремено со насликано платно, подот бил прекриен со суви лисја, а како реквизити користел столови, масичка, стаклени вазни и др. Понекогаш за снимање ја користел и мансардата од куќата, при што како позадина му служел еден стар ормар. Според кажувањата на современиците, кога снимал пак портрети и групи на луѓе во други места (Галичник, Тресонче, Гари), импровизирал студио, користејќи како позадина на композициите сиво платно, килим или јамболија, а честопати портретираните ги поставувал пред едноличен ѕид, од камен или плитари, со цел да добие неутрална позадина. Фотографиите на Евстатие Јолески имаат голема етнолошка вредност и покажуваат дел од обичаите, како и носијата од Лазарополе и околината. За значајни се сметаат и неколкуте негови панорамски снимки на Лазарополе и Галичник, кои нудат јасна слика за архитектурата на овие села. Фотографиите се дел од богатата колекција на Македонскиот центар за фотографија.