Pages

PESNI-LIRIKA ZA LAZAROPOLE OD PETAR GINEVSKI

ПЕСНИ-ЛИРИКА ЗА ЛАЗАРОПОЛЕ ОД ПЕТАР ГИНЕВСКИ
Овде, во овој дел од блогот има голема чест да објавам песни-лирика за Лазарополе напишана од нашиот Македонец, нашиот Лазоровец ПЕТАР ГИНЕВСКИ (заминува далеку од родното Лазарополе и татковината Македонија) кој долги години живее и работи во Торонто Канада.
-------------------------------------------------------------------------------------------------

ЅВЕЗДИТЕ НАД ЛАЗАРОПОЛЕ

(Петар Гинески, Торонто, контакт: skopje@rogers.com)

ПОСЛАТКО ОД ЛИРИКА
(Петар Гинески, Торонто)

Вгнездено на Бистра планина
Ти си мојата убавина
Секој што сретнав и поздравив
Се што видов и слушнав
Се е милина.

За тебе седнав песна да пишувам
Ама омајав. Незнав што да пишувам!

Лазарополе! Село мое идила
Ти си полично од песна
Послатко од лирика
Родна куќо моја
Всрце посадена
Бујна розова градина
Море од убавина.




ЅВЕЗДИТЕ НАД ЛАЗАРОПОЛЕ
(Петар Гиневски, Торонто)
Мугра е
Глуво доба
Во Лазарополе
Посакувам да ја погледам родината
Станувам пред петли пеење

Селото пак , малечко
Повиено во молк и темнина
Потонало во длабок сон
Ама, од негде, барем нешто да шушне
Ни сум, ни жива душа да гугне!

Од небото тишина струи
Си го слушам дури и здивот свој
Се живо всело полегнало
Селаните, добитокот, дивината, спијат
Спие Лазарополе
Спие една голема душа

Во душава моја

Ајде сега да зборуваме за убавина
Селска ноќ, срамежлива месечина
Посребрени сокаци, кровови, калдрми...
Се гледа минувал Господ тука.
А ако незнаеш што е милина
Погледни во небото
Нагледај се убавина.

Вдолж и попреку
Прошетав низ светот
Никаде, нигде не видов
Ниту пак некогаш ќе видам
Полични ѕвезди
Од ѕвездите, над Лазарополе.


ЛАЗАРОПОЛЕ
(Петар Гиневски, Торонто)
Една мисла, една желба
Едно пусто човечко мечтаење
За 50 години да го врати времето назад
Назад во селото мое
Кај што го минав детството
Кај што цути животот
Рајот и радоста моја.

Таму, вноќи мислите молкум ме водат
И јас по нив патувам одам
Бродам низ далечините
Дури зората забелее
И денот ме разбуди всело
Па, еве ме,
Сум ти стигнал в‘Лазарополе.

Слушам блеење на офци
Лаат кучиња
Всреде всело стадо збираат
На чешмата Павловец
Во ѓугуми млади невести

Црпат вода.

Лазарополе, село мое
Алка од злато искована
Целото во камен, на рудина
Цути со убавина.

Сега, одам кон планината
Слушам ромор – тече питка вода
Во неа боси жени лазоровки, домаќинки
Си ја перат рубата.

Птица песнопојка го надлета небото
Сјај е – црквата Свети Ѓорѓија
Ѕвоно ѕвони, тоа се камбаните
Ѕунат планини
Ечи ехото од срцето на Лазарополе
Удараат неговите дамари
Неговиот пулс.

И еве, ги гледам селаните, мили мои
Променати со свеќи враце одат вцрков
Децата се крстат со црвени јајца

Велигден е, се празнува
Еден тих глас ме вика
Да одам дома...

Да одам да заминам
Барем да ја видам коријата
Со поглед да го гушнам полето
Да ме опие здивот на природата
И мирисот од рузите кај Лазовата куќа.

Знам таму и денес гугаат гугутки
Низ селото гркаат чешми со студена вода
Ливадите таласаат со цвеќе
И тревје високи над колена
Ноќите горат од ѕвезди
Штурчиња штуркаат песна за живот.

Пуст живот, што ни ламја не го јаде
Дали ќе ме пречека, дали го има таму
А ако го нема
А ако се пусто останало?
Тогаш ќе застанам над хоризонтот

Пред Сама бука
Пред Господа и селото
Да ја исплачам душата
И со шепот ќе ја молам родината:

Не умирај! Поживи ми! Село мое весело
Денес целото раселено
Без стока, без селани
И без мене во тебе.







УТРО ВО ЛАЗАРОПОЛЕ

(Петар Гиневски, Торонто)
Отоде хоризонтот
Чиниш, сонцето искачува угорнина
Ја носи муграта на рамена
А таа џиновска роза
Се буди, рудее, отвара...
Зрачи небесна убавина
Со лице трендафил
Жив пурпур
Како лична невеста
Од срамежливост

Што поцрвенува.

И се полека
Без алчење, со кроце
Вмугри петлите пејат
Ех, ама велиш убост
Памет да ти штукне
Ете така
Да го гледаш пурпурот на небото
И да слушаш гласови
Од тиа таинствени петли
Кога по навика
Со стотици не одговорено
Од сите страни
Од сите селски буништа
Пејат!

Ех , точно тука, во Лазарополе

Вмугри да испиеш кафе
Кога распукува зората
Кога селото се буди од сон
А денот се раѓа
Да го поздрави животот.

Па така – од мугри во зора
И натаму по бел ден
Во раната утрина
Всреде село
Да појдеш на Ан
Гледаш и уживаш
Кога селаните од сите страни
Го дотеруваат добитокот.

Таму чека краварот Амит
Телчарот Рамче
И овчарот Незат
Стоката ја собираат
Ја водат на пасење
По падини, млаки и ливади
Во атарот на Лазарополе
На ќутук во Стамбол пишано
Мијачко село на Бистра планина
Ненаситна природна убавина.