Pages

КРСТЕ НИКОЛОВ КОЛОСКИ

КРСТЕ НИКОЛОВ КОЛОСКИ
(1839-1938)
Роден е во Лазорополе, годината на неговото раѓање е 1839, но не можеме со сигурност да ја потврдиме. Негов татко е Никола, оној кого што лично Ѓурчин го поканил да се досели во Лазорополе од селото Селце. За жал, не располагаме со податоци за неговата мајка. Веруваме дека неговото првично образование го добил во селото и дека тргнувајќи по татковите стапки го изучил зографскиот занает. Можеме само да претпоставиме дека тој заедно со татко му и со брат му Косто едно време дејствувале како зографска тајфа. Не сме во можност во потполност да ја следиме неговата зографска дејност, бидејќи барем засега непостои некое истражување за делата што ги оставил.
Па сепак, дека се работело за извонреден уметник ни кажуваат констатациите на нашиот угледен историчар на уметноста и академик Цветан Грозданов, изложени во книгата „Струга и Струшко“, 1970 година, каде што работата на Крстета ја споредува со онаа на познатиот иконописец и зограф Дичо Перкоски. Станува збор за иконите кои што се изработени на иконостасот на црквите во Горна и Долна Белица, каде што Крсте во 1895 година се потпишува на грчки јазик како Ставрос Николау од Лазорополе. Но, неколку години подоцна, при работата во струшкиот храм Св. Ѓорѓија, потпишан е како Крсте Николов од Лазорополе.
· Крсте Николов, најверојатно на почетокот на 20-иот век, заедно со син му Русалим, ги изработуваат иконите за иконостасот на црквата Свети Атанасиј, во селото Јудово, Кичевско.
· Во периодот околу 1919 година, заедно со син му Рафаил-Рафе и со Митре Донески од Лазорополе, ја жив
описуваат црквата Св. Атанасиј, во селото Радиовце, Тетовско. На натписот на внатрешната страна од црквата стои натписот: „Овој храм Св.Атанасиј Александриски е изграден во летото Христово 1917, а завршен во летото 1919. Ктиторот е Цветко Аврамович и самите селани. Иконописци се Крсто Николиќ (Николовски), Митре Дониќ (Донески) и Рафе Крстиќ (Крстески) од Лазарополе. Мајстор за изградбата на црквата е Аврам Стојко Лекиќ од Јабланица, струшко. “
· Во дваесетите години на 20 век, Крсте Николов заедно со син му Рафаил ја иконописуваат новата црква во рамките на стариот манастирски копмлекс посветен на Сите Светии - Си Свети во селото Лешани, Охридско.
· Во 1928 година заедно со син му Рафаил, го изработил фрескоживописот на црквата Свети Маченик Мино, во селото Горно Коњско, во денешната Пештанска парохија.
· Во 1929 година, повторно заедно со син му Рафаил го изработуваат фрескоживописот на ново изградената црква Успение на Пресвета Богородица, во селото Скребатно.
· Повторно заедно со син му Рафаил имаат изработено икони за црквата Св. Богородица во селото Волино.
Освен за овие негови дела се знае уште и тоа дека како иконописец работел и по тетовските села, во солунско, и секако во селската црква во родното Лазорополе. Има одредени насоки кои ни укажуваат на негова активност и во Ќустендилско каде што се потпишува како Крсте Николов од родот Дулевци од Лазарополе. Според одредени кажувања, негови трудови има и во одредени цркви на Косово и јужна Србија, но сето тоа мора дополнително да се потврди. Па сепак, треба уште дополнителен и далеку поопсежен труд да се вложи за евентуално да се изработи покомплетен регистер на неговите трудови, кој што понатаму би требало соодветно да се вреднува од стручни лица.
Барем засега не го знаеме името на неговата жена, но знаеме дека со неа ги имал синовите Русалим и Рафаил кои исто така биле зографи наследувајќи го татковиот занает, како и ќерката Тона.
Починал во 1938 година, во Лазорополе.

Литература:

¨ Блаже Смилевски, Тешкото од Лазорополе, Скопје, 2006, 185 (родословното стебло)
¨ http://www.kultura-struga.com.mk/tekst.asp?lang=mac&tekst=297&str=4 (интернет текст преземен од книгата на Цветан Грозданов, Струга и струшко, 1970)
¨ Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995, 47
¨ http://www.dke.org.mk/namesnistva.asp
¨ http://www.dke.org.mk/crkvi/manastiri.asp
¨ http://liternet.bg/publish20/d_strahilova/za_niakoi.htm
¨ http://mk.wikipedia.org/wiki/