Pages

"ЛАЗАРОПОЛСКИ ГЛАСНИК"

"ЛАЗАРОПОЛСКИ ГЛАСНИК"
..."Арно ама, театарот не можеше да опстане. По извесно време, јас повторно добив писменце. Тоа беше последица од средбата што градоначалникот на Штип, Кокошкаров, ја имал со Ташко Груевски, управител на задругата во Лазарополе. Ташко му рекол дека му треба таков човек да дојде во Лазарополе за весникот „Лазарополски гласник“. Во писменцето беше напишано дека се назначувам за соработник на весникот.Во Скопје, каде што е сега трговскиот центар, имаше изградено гаража од штици. Таму доаѓаше камион еднаш неделно за да носи прехранбени производи за населението во Лазарополе. Со тој камион што беше отворен патував осум часа. Жителите веќе го чекаа камионот пред продавницата за да видат што е донесено. Целиот бев во прав и пепел, очите не ми се гледаа. Ме пречека управителот Ташко и ми рече: „Ја гледаш онаа куќа“. „Ја гледам“, му велам. „Таму е брат ми Бане и со него ќе работиш“. Влегов во куќата, се качив по дрвените скали кои крцкаа и ја отворив вратата. Во собата имаше едно многу старо канцелариско биро, две столчиња и еден војнички кревет покриен со ќебе со тробојка од Кралството Југославија. Бане лежеше. Тој беше болникав човек. Јас го прашав мојот уредник каде ќе живеам и каде ќе работам. „ Тука, тука“, ми вели тој. Јас сфатив дека човеков абер нема од новинарство. Арно ама тие веќе издале два-три броја од лазарополскиот весник и направиле нешто. Време за размислување имав колку што сакаш. По дваесетина дена, Бане ми вели:„ Сега ќе пишуваме за бачилата“. „А како ќе пишуваме за нив кога тие се во планината“, му велам јас. „Со коњи ќе одиме“, ми вели Бане. Отидовме двајцата кај управителот Груески за да ни даде коњи од ергелата. Таму се чуваа пет коњи за Лазар Колишевски, за кога ќе дојде во Лазарополе да одат на лов. По бачилата Банета го познаваа и таму ни даваа кисело млеко, бакрдан и се' што имаше. По една недела престој се вративме во редакцијата. Истиот ден беше дојден Бранко Костоски од МНТ за да му напише на Груевски фирма на задругата. Бранко ја напиша фирмата на еден плех со стари бои што му ги најдоа по селото. По два три дена, кога плехот го опече планинското сонце, боите протекоа, а Бранко беше веќе заминат во Скопје. ..."
http://www.globusmagazin.com.mk/; одблизу со Коста Балабанов.