Pages

БАЛИСТИТЕ И ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА 1942-1945година

БАЛИСТИТЕ И ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА 1942-1945година
Балистичката организација на политичката сцена на Албанија се појавила при крајот на 1942 година, во месец ноември. За нејзин основач се смета дека е Митхат Фрашери, попознат под псевдонимот Љумо Скендо. Членовите на организацијата истапувале со тезата дека албанскиот народ за време на Втората светска војна не смее да се изложува на уништување и затоа треба да се почека со вооружената борба. На Фрашери најблизок соработник му бил Хасан Доста кој пред да пристапи кон балистичката организација бил министер за правда во владата на квислингот Мустафа Круја. Во најтесното раководство биле велепоседниците: Абас Ељмени, Скендер Мучо, Нуредин бег Флора и други. Организација била директно поддржувана од воено-политичката известителна служба на Вермахтот (Абвер) која му помагала на Хитлер да ги освојува териториите. "Бали комбетар" - балистичката организација имала добра организирана мрежа во Западна Македонија. Тоа особено се почувствувало по капитулацијата на Италија, во септември 1943 година. Главен балистички центар станал Гостивар, а со него раководел Кадри Сали. Во Тетово окупаторот комуницирал со адвокатот Шаип Камбери. Организацијата имала инсталирано повеќе општински комитети, а меѓу првите бил оној во Тетово во кој членувале: Фати Салиница, Шаип Камбери, Менди Мустафа бег и Усеин Делара бег. Комитетот во Тетово ја имал целата власт, командата, жандармеријата, префектурата и другите институции на власта што биле инсталирани од албанските окупатори. Комитетите во основа работеле по зацртана програма на балистичката организација. Прво, мобилизирање и вооружување на албанските маси за борба против партизанското движење. Второ, преку борба да се создаде "Голема Албанија" со новите краишта Струга, Дебар, Кичево, Гостивар, Тетово и Косово, се до Бакарно Гумно и Санџак. Трето, да се собираат материјални средства за одржување на балистичките сили и за купување оружје. Балистичката организација во Македонија имала најголем центар во Гостивар. Како команданти на балистичките вооружени формации во Гостиварско се истакнале Џемо Хаса "Хасани" од Симница, Акиф Речани од Речани, Мустафа од Трница, Феим Јонузи од с. Здуње и други. Најголем замав ширењето на организацијата имало со појавувањето на Џемаил Хасани - Џемо (1908 - 1945 година) од село Симница, Гостиварско. Џемо во 1942 година, пред појавувањето на балистичката организација, се одметнал со 40 Албанци и го тероризирал македонското население. Него Италијанците претежно го искористиле за борба против партизаните и му давале месечна плата од 50 илјади леки. Во кичевската околија балистите ги раководел Мефаил Еипов од Зајас, додека во Струга организатор бил Ремзи Шакир бег. Штабот на балистите за целата кумановска околија бил формиран во с. Матејче. Водач бил Суљо од с. Отља кој порано бил командант на контрачета составена од Албанци. Членови на штабот биле Мула Џафер Азизи-оџа, Мула Илијас Керими-оџа од село Матејче, Џемаил Џемаили од с. Никуштак и други. Ова јадро било директно поврзано со балистите од Косово и со германската војска со која координирано ги напаѓале единиците на македонската војска во кумановскиот терен.
Членовите на балистичките комитети добивале плата која била собирана од селаните како и од опљачканите имоти на Македонците. Структурата на вооружената и воената сила на балистите била т.н, вулнетари или доброволна војска. Тие биле организирани на целата територија на Западна Македонија. Во Дебар нивниот број изнесувал од 1.200 до 1.500 лица распоредени во пет до шест чети. Во струшкиот крај бројот на вулнетарите изнесувал од 700 до 800 души, кои биле поделени во две чети. Првата чета броела 500 души, а командант бил мајорот Бекир ага. Втората чета се состоела од 300 лица чиј командант бил мајорот Тефик Власи. Во Ростуше дејствувала една чета од 400 души со која командувал Али Маличи. Во Кичево со вулнетарите командувал Мефаил, а во Гостивар Џемо Хаса.Во општиот план за разбивање на вооружената борба и создавање на страв меѓу македонскиот народ, балистите покрај воени дејствија на широко спроведувале акции на палежи, грабежи, силувања и убиства врз незаштитеното македонско население. Овие акции ги изведувале сами или во координација со германските или италијанските воени сили. Тие ги изведувале на целата територија на Западна Македонија, но пред се во селата со чисто македонско население. Ним им помагале и качачките банди, како на пример, бандата на Елез Јусуфи чии синови Цене, Јусуф и Садик крстареле по гостиварско-тетовската област, на просторот од планината Бистра се до Шар Планина. Тие биле присутни се до 1943 година, но продолжиле со ограбувањето и во наредните години. Последниот грабеж Цене Елези го извршил на 6 јуни 1946 година кај месноста Афметковица. Овој познат качак македонската власт успеала да го уапси во 1949 година во с. Жеровница. Во мијачките, горнореканските и планинските предели на полошкиот регион дејствувала качачката банда на Мурат и Мифтар Каљоши, која била разбиена во 1944 година. Во почетокот македонското население за да се одбрани од качачките банди и нападите од балистите изнајмувала семејни професионалци кои се бореле против бандитите. На шести ноември 1942 година, балистите навлегле во селата Селце, Ростуше и Тресонче. Тие го уценувале населението од селата и барале да им платат големи износи пари. Населението од Селце било уценето за 200 илјади лека, ростушани за 80.000, Тресонче за 150.000, а селаните од Лазарополе дури за 200.000 лека. Балистите ги напаѓале селата по Маврово и по Шар Планина во обид да го истераат македонското население и да го уништат партизанското движење. Во тие напади биле убивани цели семејства, биле спалувани цели куќи, домови...Ослободувањето на Македонија во 1944 година не значело и дефинитивно уништување на балистичките банди, бидејќи познатите водачи Џемо, Мефаил, Хамзо Реџепи и други се одметнале во шума. Тие правеле проблеми се додека македонската војска не ги фатила или убила водачите и ги разбила балистичките банди во Македонија.