Pages

2. Градење на црквата

селска црква Свети Ѓорѓија во Лазорополе (2)

текстот е базиран на книгите од почитуваниот г-дин Блаже Смилевски,
„Срцепис за Лазарополе“, издание на Македноска ризница, Куманово, 1995 година
„Црквата Св Ѓорѓија во Лазарополе“, издание на Македонска ризница, Куманово, 1997 година

Градење на црквата

Не можејќи повеќе да чекаат за да се променат условите и да започнат легална изградба на новата селска црква, тогашниот црковен одбор на чиешто чело стоел првенецот Ѓурчин Кокале, решиле со изградбата да започнат на своја рака, без добиена официјална султанска дозвола т.е. ферман. Градењето започнало на 15 април 1832 година, кога во продолжение на веќе постоечката мала селска црквичка биле ископани широки темели за новата градба. Темелите биле осветени од селскиот свештеник поп Мартин Димкоски, најверниот соработник на ктиторот Ѓурчин Кокале. Во нивни раце била организацијата околу целосната изградба на црквата. Тоа било и сосем нормално, со оглед на тоа што првенецот, селскиот главатар и богатиот ќеаја Ѓурчин Кокале, бил и најголемиот финансиер на изградбата, а покрај пари, тој на располагање за градењето на црквата ги ставил и своите коњи, со кои се вршел транспортот на градежниот материјал. Но и сите останати лазоровци без исклучок, активно се вклучиле во изградбата на првата нова црква во цела Мијачија. Чувствувајќи ја свеченоста на моментот секој помагал како што знаел и умеел. Доколку не биле во можност парично да ја потпомогнат изградбата, тогаш подарувале црковни предмети или пак изградбата ја потпомагале со сопствениот труд. Меѓу лазоровци постои преданието дека на чинот на започнувањето на изградбата присуствувал и нивниот славен соселанец архимандритот Анатолиј Зографски, меѓутоа историските согледувања барем засега тоа неможат веродостојно да го потврдат.
Потполно нелегално црквата била градена 6 години, од 1832-1838 година. Тоа било возможно благодарениена големиот авторитет што го имал Ѓурчин Кокале, кој не дозволувал никој да влезе во селото без негово знаење, особено не претставници на турската власт.
Во 1838 година дошло до пресврт во однос на легализирањето на црковната градба. Имено, во оваа година Ѓурчин Кокале бил на аудиенција кај султанот Махмуд Втори (благодарение на двобојот којшто го имал со одметнатиот јаничар и арамија Алија, кого што го победил и го погубил) од кого што успеал да издејствува добивање на ферман за изградба на црквата. Ферманот, кој што бил изработен во дупликат, се чувал во лазороската црковна архива сé до Втората Светска војна до 1943 година, кога селото било опљачкано од балистичките банди, а потоа и раселено. Оригиналот на ферманот бил напишан на турски јазик со арапски букви, додека преводот бил на црковно словенски.
По добивањето на ферманот изградбата на црквата продолжила без никаков страв и со забрзано темпо. Ѓурчин Кокале на располагање на црковниот одбор, ги ставил и парите што ги нашол кај одметнатиот јаничар Алија, како и парите што ги добил од Лобуд паша, како награда за убиството на овој злосторник. Тој овие пари му ги предал на попот Мартин Димкоски со зборовите:
„Еве ти ги овие пари. Тие се крвави. Јас во мојата куќа не ги ставам. Мене ми дал Господ. Нека бидат на вакуфот!“Црковниот одбор овие пари решил да ги зачува, бидејќи на изградбата на црквата ñ се гледал крајот, а финансиските средства за нејзината доизградба веќе биле обезбедени од многубројните парични прилози на селаните. Тие решиле овие пари да ги наменат за натамошните потреби на црквата или пак еден човек од селото со овие пари да се испрати на аџилак, со цел на Христовиот гроб да се помоли од името на целото село. Парите биле ставени во ѓугум (бакарен сад) и биле закопани пред олтарот во висина на Исус Христос во новосозиданата црква. (За жал, подоцна овие пари биле откопани и земени од Никола Ѓурчинов Кокале - еден од синовите Ѓурчинови и неговиот син Гаврил Ников Кокале - внук Ѓурчинов)
Црквата била градена со камен како градежен материјал, а него го ваделе од местото Чупоска Краста. За градењето на црквата била најмена неимарска тајфа од селото Луково, а неа ја водел устабашијата - протомајсторот Стојан. Тие како мајсторско неимарска тајфа биле во редот на оние тајфи кои биле особено ценети, но и постојано барани во цела Македонија, па и низ Балканот. Големите камења темелници, кои се поставувале на ќошињата на градбата, биле делкани (клепани) по мерка на местото на кое што се вадел каменот, а потоа од сите полнолетни Лазоровци биле пренесувани „од рока на рока, за да се паметуват“. Особеното мајсторство на неимарите од селото Луково, кои покрај црквата го изградиле и големиот камен ѕид којшто ја заобиколува црквата, е во тоа што камените површини кои што ги изработиле, го доловуваат впечатокот како целата црква да израснала од една целина.
Подот на црквата е составен од камени плочи, обработени во квадратни правоаголници, кои биле носени од соседното село Гари.
Во текот на градењето се јавила потребата од вградување на камен - бигор, кој бил неопходен за изработката на олтарниот дел од црквата. Тој бил потребен заради неговото акустично својство. Бидејќи во Лазорополе и околината нема бигор, тогашниот црковен одбор им се обратил на селаните од село Росоки, во чија што околина имало места од каде што можел да се вади бигор, и им предложил Лазоровци на нив да им отстапат на извесно време неколку ливади на користење, а тие за возврат да им дозволат да вадат бигор. Така било и направено.
Црквата е целосно оградена со дебел изѕидан ѕид од делкан работен камен, од истата неимарска тајфа која што ја работела и црквата. Исклучително впечатлив дел од оградениот ѕид претставува влезната дворна порта која се наоѓа на исток и преку која се влегува во црковниот двор. Самиот портал на оваа влезна врата е изработен од едно парче камен со големи димензии работен - делкан со восхитувачка прецизност, којшто самиот за себе зборува за големото мајсторство на оваа неимарска тајфа. Обиколниот ѕид што е изграден околу црквата нема само карактер на потпорен и заштитнички ѕид. Се чини дека тој овде нема само архитектонска функција, туку неговата доминантна видливост од повеќе позиции, конструкстивната маркантност, како и вниманието со коешто е работен секој вграден камен, кажува многу повеќе дека со него се сакало да се постигне едно одбележување на просторот, втиснување на еден печат во времето. Тоа секако го сакал Ѓурчин Кокале, но можеби и повеќе од него го сакале и сите Лазоровци, кои со право се особено горди на црквата до ден денешен.
Со градењето на новата селска црква, целото село како да сакало да ја манифестира својата напредност (градењето на лазороската црква е првото градење на црква во цела Мијачија по подолг период. Подоцна биле изградени цркви во сите мијачки села), но и зголеменото материјално богатство, кое што Лазоровци не го криеле. Затоа, колку што ова градење на нова селска црква зборува за започнатата борба за црковно осамостојување, таа можеби и уште повеќе треба да се гледа како статусен симбол на напредокот на селото.