Pages

3. Зографисувањето на црквата

селска црква Свети Ѓорѓија во Лазорополе (3)

текстот е базиран на книгите од почитуваниот г-дин Блаже Смилевски,
„Срцепис за Лазарополе“, издание на Македноска ризница, Куманово, 1995 година
„Црквата Св Ѓорѓија во Лазарополе“, издание на Македонска ризница, Куманово, 1997 година

Зографисувањето на црквата
Уште за времето додека се градела новата селска црква во Лазорополе, црковниот одбор започнал да размислува за нејзино зографисување. Бидејќи и самото градење на црквата било одраз на новата духовна преродба што ги зафатила Мијаците во овој период, преку која тие копнееле да ја покажат својата христијанска врска со моќната Византија, со која што пак духовно се идентификувале, се наметнала потребата и самото зографисување да биде извршено во византиски стил, но со старословенски натписи. Старословенскиот јазик се наложувал како неодложна потреба во овој период кога Мијаците започнале сè пожестоко да го чувствуваат процесот на наметливата елинизација која го зафаќала ова подрачје.
За да се спроведе оваа одлука на црковниот одбор, Ѓурчин Кокале на располагање ставил неколку коњи, од своето богато ергеле, со коишто било решено да замине еден Лазоровец до Солун, а по можност од таму и до Света Гора, за таму, во центарот на православното духовенство, да се побара достоен зограф, мајстор на својот занает, кој што би дошол во Лазорополе за да ја зографиса новата селска црква. И самиот овој начин на размислување доволно јасно зборува за големината и значењето што Лазоровци му го придавале на новоизградениот храм, како и за длабоката поврзаност со Светогорскиот културен центар, кој што, колку за потсетување, веќе имаше примено во своите пазуви еден друг Лазоровец, архимандритот Анатолиј Зографски идниот игумен на Зографскиот манастир. Но, далеку е Лазорополе од Солун и тешко некој се нафаќал да замине од овој централен град за да појде да зографисува далечна селска црква. На крајот бил пронајден зографот Михаил (Грк или Влав по народност) во чие што убедување да ја прифати оваа работа, клучна улога одиграла количината на изброените златници. Заедно со него, во негова придружба бил и 23-годишниот Мијак Димитрија Дичо Перкоски, од Тресонче, соседното село на Лазорополе, кој сеуште работел под будното око на постариот мајстор-зограф.
Кога оваа група се приближила до пред селото (тоа најверојатно било од правецот на Горно Поле) со еден истрел од пушка бил даден однапред договорениот знак, со кој се означувало нивното пристигнување. Полно Лазоровци, предводени од Црковниот Одбор излегле во пресрет и им приредиле свечен пречек. Претпоставуваме дека тоа се случило во пролетта 1837 година. Основа за ваквата претпоставка се потписите на зографот Михаил, заедно со годината 1837 кои што тој ги оставил под своите работи во црквата. Во неа непостојат постари записи од 1837 година. Но, работата на зографот Михаил не била многу плодна. Тој изработил само две фрески и два натписи (едниот од нив на самиот влез во црквата) по што морал да го напушти селото. Имено, неговото однесување од страна на повидните луѓе во селото било оценето како неморално (се „загледувал“ по убавите Лазоровки) по што му било откажано гостопримството. Од оваа новонастаната ситуација најмногу профитирал младиот зограф Дичо, на кого што му била укажана довербата тој да ја доврши работата на неговиот учител зографот Михаил. Дичо ја прифатил оваа ненадејна шанса која што му се давала и ја продолжил работата. Отпрвин, со оглед на тоа што ова му била негова прва самостојна работа, Дичо работел полека и несигурно, довршувајќи ги веќе започнатите работи. Но, подоцна, откако се стекнал со потребната рутина, со далеку поголема сигурност ги продолжил работите за зографисување на целата црква. Првите, но и најмногу од фреските кои што ги изработил Дичо се од 1841 година, на кои што тој се потпишувал „зограф смирени од Тресонче Перкоски“ и „из роки Дича зографа“.
Живописувањето на црквата во Лазорополе било конципирано помалку или повеќе во препознатливиот византиски стил, оставајќи да доминираат сцените од Стариот и од Новиот Завет, впрочем како и што бил договорот со Црковниот Одор. Особеноста што се сретнува во оваа црква се неколкуте реалистични фрески, кои што зографот Дичо ги насликал во црквата на кои што се среќавале ликовите на најважните ктитори на црквата Ѓурчин Кокале прикажан на две и поп Мартин Димкоски, прикажан на една фреска. На првата фреска Ѓурчин е прикажан како млад маж со густи мустаќи качен на коњ, облечен во мијачка народна носија, како отстрана му виси сабја-јатаган,на појасот има кубура, а на главата има црвен фес со пискул (туфна). На втората фреска тој бил прикажан во годините додека била сликана фреската 1838-1841, кога тој боледувал од здобиените рани од двобојот со одметникот Алија. Затоа тој бил насликан како лежи в постела, а над неговата глава попот Мартин како кади со кандило. Крај Мартиновото лице пишувало „Мартин јереј“, а покрај Ѓурчиновото „Ѓурчин Илија“, меѓу с
ликите стоело напишано „Јако с нами Бог“. За жал овие фрески денес неможат да се видат во лазороската црква, бидејќи не постојат. Тие настрадале во периодот по смртта на Ѓурчина, кога во селото завладеала неслога меѓу двата најмоќни лазороски родови Кокалевци од една и Жунгуловци од друга страна. Нивните препирки со текот на времето само станувале сè пожестоки и честопати завршувале со тепачки. При една таква крвава пресметка во 1909 година настрадале и овие фрески, заедно со специјално изрезбарениот т.н. Ѓурчинов стол. За тоа како изгледала фреската на младиот Ѓурчин, дознаваме од една фотографија која што всушност е и единственото сведоштво за нејзиното постоење, додека за другата фреска на која што бил насликан Ѓурчин знаеме само од исказите на старите Лазоровци кои како сведоштва се среќаваат во одредени книги. Но, сепак најважниот факт е всушност самото постење на овие фрески, кои се најверојатно и единствените фрески од 19 век во цела Македонија на кои во црква се насликани световни лица, облечени во народни носии уште и со кубура и сабја на појасот. Вакви фрески можат да се сретнат во Средниот век кога владетелите, црковните великодостојници, разните властелини и велможи, настојувале да остават спомен за себе подигнувајќи завештанија во чија што внатрешност се наоѓала насликана фреска со нивните ликови. И ете, по неколку векови, во Лазорополе, како ништо да не било и како да не постои турската власт, го наоѓаме големиот мијачки главешина Ѓурчин Кокале кој идентификувајќи се себе си со овие дамнешни велможи си го гледа сопствениот лик во селската црква, за чија што изградба најголемата заслуга ја имал токму тој. Несомнена била потребата да се истакне моќта на Ѓурчина, како преку неговиот лик прикажан на фреските, така можеби и уште повеќе преку тоа што ја симболизирало самата фреска на млад силен маж-јунак, качен на коњ со сета своја елегантност, кој во левата рака ги има уздите на коњот (што значи дека го знае патот и води по тој пат), додека десната рака му е спуштена на кубурот кој му стои во појасот, а кој претставува очигледен симбол на моќ, засилен со долгата сабја којашто виси од страна. Пред нас лебди моќното чувството на оваа слика, преку која се сакало да се испрати една важна порака на сила и надеж, дека ваквите луѓе ставени во функција на заштитници на народот можат да ја подобрат сеопштата состојба. Воедно, тоа им давало и позитивен пример на сите млади луѓе мотивирајќи ги да го продолжат патот трасиран од главешината Ѓурчин Кокале.
Откако зографот Дичо го завршил главното зографисување на новата селска црква во Лазорополе, продолжил со зографската работа во други цркви во Македонија и на Балканскиот Полуостров, израснувајќи во многу плоден зограф кој своите работи ги изработувал со врвен квалитет. Во Лазороската црква по него работеле и зографите Крсте Колоски (постариот) и Никола Крстев(иќ). Тие потекнувале од познатиот зографски род Дулевци од селото Селце, а кои во Лазорополе биле повикани да се доселат лично од Ѓурчин Кокале, со цел да се дозаврши зографисувањето на лазороската црква. Овие зографи благодарение на нивниот признат талент, го надополнувале постоечкото богатство од фрески.


изработено од Слободан Шошкоски