Pages

4. Иконостасот во лазороската селска црква Свети Ѓорѓија

селска црква Свети Ѓорѓија во Лазорополе (4)

текстот е базиран на книгите од почитуваниот г-дин Блаже Смилевски,
„Срцепис за Лазарополе“, издание на Македноска ризница, Куманово, 1995 година
„Црквата Св Ѓорѓија во Лазарополе“, издание на Македонска ризница, Куманово, 1997 година


Иконостасот во лазороската селска црква Свети Ѓорѓија

Иконостасот кој што е изработен во оваа црква претставува убаво уметничко дело, кое што со својата големина од 7 метри височина и 8 метри ширина делува мошне импозантно. Со него е направена преграда меѓу олтарот со проксомидијата и ѓакониконот и другиот дел на црквата. Оваа граница всушност ја претставува и границата меѓу световноста од една и продлабочената духовност на олтарот од друга страна.
Целиот иконостас е изработен од дрво, во поголемиот дел од ореовина. Одејќи од подножјето кон врвот тој се стеснува, за да заврши на самиот врв со прицврстен крст на кој е изрезбарен дрвен гулаб, кој во устата го држи кандилото кое при неговото спуштање имитира летање. Ова дава убава слика која што несомнено останува запаметена од посетителите на црквата. Иконостасот е дело на лазоровецот Наум Тајтински, кој заради говорната маана што ја имал - пелтечењето, од своите соселани го добил прекарот Пелтек. Во својата конструкција иконостасот содржи повеќе хоризонтални појаси на кои што се поставени иконите, а завршува класично со северна и со јужна врата.
Во првиот хоризонтален ред, како престолни икони се наредени осум, кои од лево на десно се подредени по следниов редослед:
Прва е иконата на Свети Илија. Веднаш до неа е северната врата за влегување во олтарот. На самата икона има натпис за нејзиниот дародавец: „Ја подари Василко, учител 1884 година из руке Добе“.
На следната икона е насликан Свети Никола. Во долниот дел од иконата стои натписот: „Во времега Ѓурчиново сугради се титори смирени раб Вељо Пејчинович“.
По неа следува иконата на патронот на храмот Свети Ѓорѓија
Веднаш до него се наоѓа престолната икона на Света Богородица и кај неа на дното стои натпис: „Сија светаја икона бого матере ја поклониха Кир Вељо и братију јего Дамјан и Ѓорѓе Огненови синови Дарковски во лето 1849. Од рука Димитрија из Разлога“.
Во централниот дел на иконостасот се изработени царските двери, направено од по едно парче дрво за двете крила, секое од нив изрезбарено со крајна внимателност и софистициран вкус. Над дверите сосем неупадливо, но мошне вкусно се изрезбани и дванаесет мали скулптури.
По царските двери следуваат претсолните икони на спасителот Исус Христос, Свети Јован Крстител и Свети Димитрија. По нив доаѓа јужната врата за влез во олтарот, а на неа се живописани Свети Харалампија и Свети Евстатија.
Хоризонталниот ред на претсолни икони завршува со најстарата, а со тоа и највредната икона на патронот на храмот Свети Ѓорѓија.
Најдекоративниот дел од целиот состав на иконостасот е појасот во кој се сместени два реда мали икони. Во првиот ред ги има 21, а во вториот 13 икони. На сите нив се насликани светци, но за жал за нас останува непознат зографот кој ги има нацртано, зашто најверојатно заради преголема скромност го нема оставено својот потпис на ниедна од нив.
Целиот овој иконостас е работен во препознатливиот стил на Мијачката резбарска школа. На него се забележуваат и дванаесет вертикално поставени столпчиња, сите изработени од ореово дрво и мошне прецизно украсени со ситен резбарски релјеф. Над секој од овие столпчиња има по една изрезбарена птица - сокол.
Самиот олтар пак, како најсветиот дел од црквата е доволно голем и убаво украсен со икони, комотен е и во него без никаков напор можат да учествуваат и поголем број на свештенослужители за време на светата богослужба.
Во црквата постои и поголем фонд на икони кои стои по ѕидовите во внатрешноста на црквата. Бројот на овие икони бил значително зголемен во времето кога селаните го напуштале Лазорополе и се отселувале. Тогаш своите семејни куќни икони ги оставиле на чување во селската црква.
Наум Тајтински Пелтекот освен иконостасот во црквата го изработил и сиот црковен мебел, вклучително и владичкиот престол, како и познатиот Ѓурчинов стол, кој за жал не е зачуван. Во долниот дел на овој стол биле претставени два лава кои на симболичен начин ја изразувале Ѓурчиновата храброст. Тешко е да се каже дали изработката на овој иконостас му била првата работа на Наум Тајтински Пелтекот, зашто освен за тоа дека има работено во Серско и во Драмско, не знаеме ништо повеќе за него. Воедно неговата работа воопшто не е оценувана од историчарите на уметноста, а за неговото име не се среќаваат никакви други податоци. Се знае само дека длетата со кои што го копаничел иконостасот, повеќе од дваесетина на број, во многу запуштена состојба `рѓосани, му биле дадени на сега веќе покојниот последен лазороски зограф Крсте Рафев Колоски.