Pages

6. Снабдувањето на селската црква со камбани и изградбата на камбанаријата

селска црква Свети Ѓорѓија во Лазорополе (6)
текстот е базиран на книгите од почитуваниот г-дин Блаже Смилевски,
„Срцепис за Лазарополе“, издание на Македноска ризница, Куманово, 1995 година
„Црквата Св Ѓорѓија во Лазарополе“, издание на Македонска ризница, Куманово, 1997 година

Снабдувањето на селската црква со камбани и
изградбата на камбанаријата
По изградбата и осветувањето на селската црква Свети Ѓорѓија, главниот ктитор Ѓурчин Кокале си поставил за задача црквата да ја снабди со црковно ѕвоно. Пред воопшто да биде изградена новата црква во Лазорополе, христијаните од селото биле повикувани на богослужба со дрвено клепало, како што имало и по другите цркви и манастири низ цела Македонија. Турските власти биле многу ригорозни околу изградбата на нови цркви, а пак за камбанарии не станувало ниту збор. Но, целта што пред себе си ја поставил Ѓурчин Кокале морала да се оствари. Затоа, од познатата работилница за изработка на црковни ѕвона на браќата Бота во градот Вршац, од другата страна на Дунав, кој тогаш бил под австриска власт, било нарачано црковното ѕвоно за лазороската селска црква. Заради недостаток на пишувани податоци не знаеме дали оваа нарачка Ѓурчин Кокале ја направил лично патувајќи до таму, но поверојатна е варијантата дека таа била направена преку посредници т.е преку печалбари Мијаци кои таму работеле. Во прилог на ова зборува и фактот што тогаш веќе остарениот Ѓурчин, во овој период страдал од парализа и неможел да се движи без нечија помош.
Но, како и да е во споменатата леарница црковното ѕвоно било излиено во 1856 година. Тоа го дознаваме од излиениот натпис кој што постои на ѕвоното:
„Ова звоно покланја Ѓурчин Илие Кокале хр. св. Георгија у Албанију окр. Дебарског, села Лазарополја ливено у Вршцу Браче Бота 1856“ 1Се верува дека црковното ѕвоно уште истата година било пренесено во Лазорополе, од страна на Мијаци - кираџии. Уште пред селото него го дочекале речиси сите селани, свечено облечени и со развиорени знамиња (мијачки и црковни), со истрели од пушки и со неизбежните зурли и тапани, како да се работело за најсветиот празник. Ваквото славје може во потполност да се разбере доколку се знае дека тоа било вкупно четвртото црковно ѕвоно во цела Македонија, а дотогаш едно и единствено што било набавено со заслуга и финансиски средства на домашен човек. Со тоа Лазарополе било второто место во Македонија, по манастирот Свети Јован Бигорски, каде што верниците на богослужба биле повикувани со биење на црковно ѕвоно.
Откако со сите свечености црковното ѕвоно било пречекано во селото, тоа било поставено на едно дрво во црковниот двор. По ова Ѓурчин Кокале помислувал да започне со изградба и на камбанарија, но неговата старост не му дозволувала да си ја реализира и оваа замисла. Тој починал во 1863 година, но на своите синови им оставил во аманет да ја изградат камбанаријата која што тој неуспеал да ја изгради. За таа потреба тој оставил и посебен фонд на пари.
Во 1867 година, по четири години од смртта на главниот ктитор на лазороската селска црква, на селското училиште и на црковното ѕвоно, главешината и ќеајата Ѓурчин Кокале, неговиот најстар син Дамјан Ѓурчинов Кокале го остварил аманетот од татко му и ја изградил камбанаријата. Таа била градена со црвен делкан камен, кој што според селските преданија бил носен од месноста Црвено Млаче.
На влезот во камбанаријата, над вратата, на една голема камена плоча во два реда на старословенски јазик стои натписот:
„(1867) Во славу светаго славнаго великомученика Георгија, зачасја сија камбанарија месеца јунја 6 ден во това време беше епитроп Дамјан Ѓурчинович со сем братје селани Лазоровци. Мајстор Ило Стојанов од Луково. Помилуј Господи.“
1. во овој натпис се пишува дека звоното го подарува Ѓурчин Кокале на црквата на Св. Ѓорѓија во „Албанију, окр. Дебарског“ , ова бара дополнително објаснување, а тоа е следното: во историските услови кои што постоеле во тој момент треба да се има на ум дека тука сеуште постоела турската империја, која си имала своја територијална поделба. Имено, ниту имало албанска, ниту пак, македонска држава. Поимот е произволно искористен како познат поим за одредена територија која што на пишувачите на натписот од Вршац (Србија) мислеле дека одговара за оваа територија, водејќи се од блискоста на поимот што ја имал со градот Дебар, заради албанците коишто живееле во градот. Не треба да не збунуваат ваквите натписи, зашто во текот на историјата се случуваат разни недоследности за исти територии, реони, градови. Ние светот го гледаме со очите на денешницата, а низ него се напластени многу векови полни со историја.