Pages

Настанување на селото Лазорополе и потеклото на неговите жители

Настанувањето на селото Лазорополе
и потеклото на неговите жители
Лазорополе за прв пат се споменува во Кодиката (книгата на дарители) на манастирот Слепче, во втората половина на 15 век. Ова подоцнежно споменување на селото, за разлика од другите соседни мијачки села, зборува за тоа дека селото е од понов датум. Во прилог на тоа одат и зачуваните легенди и преданија меѓу самите лазоровци, а кои зборуваат за тоа дека селото е основано од човекот по име Лазар, кој успеал да го преживее погромот на своите поранешни соселани од Главино Село. Затоа и името на селото се вика Лазорополе. Но, не сите се сложуваат со етимологијата – потеклото на името на селото. Познатиот лазороски публицист Блаже Смилевски верува дека селото го добило името според старословенскиот збор лазор кој означува простор исчистен од шума. Меѓу самите лазоровци се зачувани спомените дека тие морале просторот на селото да го копачат од дабова и букова шума за да можат да добијат погодно место за градење на живеалишта. Како уште еден аргумент плус за оваа теза зборува и фактот што самите селани себе си се нарекуваат лазоровци, а не лазаровци и селото го нарекуваат Лазорополе, а не Лазарополе, како што би се очекувало доколку името би потекнувало од легендарниот Лазар. Но, како и да е, важен е фактот дека селото настанало подоцна од другите мијачки села и можеби токму за тоа било поотворено кон себе да привлекува нови доселеници, кои континуирано го зголемувале бројот на селаните, збогатувајќи го на тој начин и самото село.
Првичните доселеници кои и го формирале селото се преживеаните од настраданото, дотогаш најглавно мијачко село, Главино Село. Дилемата дали преживеал само јунакот Лазар или пак тоа успеале да го направат уште неколкумина други кои во тој момент не биле во селото, а кога се вратиле ги нашле задушени своите најблиски и уништени своите домови; тоа најверојатно и никогаш нема да успееме да го дознаеме. Но сепак, некои постари претставници на одредени родови од Лазорополе при неколку истражувања имаат изјавувано дека во нивните семејни преданија се чува сеќавањето дека тие го водат своето потекло од славното Главино Село. Тоа е познатиот и еден од најпризнатите родови во Лазорополе Димковци/Поповци кои себе си се сметаат за директни наследници на Лазар, потоа Коштревци, Чуповци, Слздановци, Струшовци, Лонзовци, Ололовци и други.
Овде, како мала дигресија, веднаш треба да споменеме дека кај месноста Јаорска Вода, во непосредна близина на Лазорополе, но и на сега непостоечката населба Главино Село, во 50-тите години на 20 век, сосема случајно се пронајдени 60-тина гробови. Нив ги има проучувано археологот д-р Блага Алексова која дошла до заклучок дека овие гробови се слични со гробовите кои претходно биле откриени во Демир Капија датирајќи ги во периодот од 9 до 12 век. Според самите гробови, но и керамичките садови кои се пронајдени во нив, таа смета дека кај оваа месност постоела словенска населба, во чија непосредна близина се наоѓала и самата некропола. Доколку денес се дојде до оваа месност во период кога вегетацијата не го започнала својот процес, ќе може да се забележи некаков ред на камења, кои како поголеми и помали грамади се наоѓаат на тој простор. Дали можеби се работи за некакви остатоци од меѓи на некогаш постоечките градини, тешко е да се каже. Па, сепак, се знае дека овие парцели, ниви, градини отсекогаш биле користени и обработувани од едни и исти лазороски семејства, што ни дава за право да изведеме зклучок дека другите лазоровци им го признавале правото на сопственост на овие фамилии (Долиќовци, Струшовци, Карафилинци...) Но, дали овие фамилии, родови, водат потекло од оваа населба (чија што точна локација треба допрва да се открие) или пак само успеале да го задржат правото на сопственост над тие парцели, кои ги обработувале додека нивните претци сеуште живееле можеби во Главино Село, останува само да нагаѓаме.
Втората компонента на доселеници или можеби подобро речено староседелци на Лазорополе, се оние лазороски родови кои тврдат дека водат потекло од селото Папраѓе. Имено, во непосредна близина на денешната локација на селото Лазорополе, кај Тресонечки Рид, постои месноста Папраѓе, која целата е покриена со папрат. Одредени лазоровци веруваат дека на ова место постоела некаква населба која можеби била претходница на денешното Лазорополе. Не е воопшто чудно на ова место да постоела таква населба бидејќи во близина има извор на вода, а во подножјето на местото се протегала широка рамница, низ која во поголемиот дел од годината течела река. Во непосредна близина кон југ продолжувале шуми и пасишта. Иако, не се вршени било какви испитувања на теренот и не ни е познато дали таму е пронајден делкан-работен камен, кој што би зборувал за некакво присуство на човек токму на оваа локација; сепак, самата местоположба како и преданијата на неколку лазороски родови кои сметаат дека водат потекло од ова село, ни наложува и него да го вметнеме во оваа провизорна рамка на настанокот на Лазорополе. Претставниците на родовите Ѓуревци, Жепчевци и Филевци, сметаа дека водат потекло од Папраѓе - Старо Село.
Третата компонента на доселеници, кои се населиле во Лазорополе, биле оние семејства кои дошле од селото Лопушник. Ова село кое се наоѓа источно од Лазорополе, ја имало лошата судбина да се наоѓа на патот што од дамнина служел за поврзување на населените места од Радика со оние во Кичевската Котлина. Со доаѓањето на Турците, ова село заради својата стратегиска важност речиси постојано било напаѓано и опљачкувано. Неговите жители немоќни да се спротивстават на овие зулуми започнале да се иселуваат и со тек на времето ова село целосно испустело. Селото било сместено среде огромни букови стебла, кои и ден денес можат да се видат, но од самото село неостанало речиси ништо. Постарите жители на Лазорополе раскажуваат дека пред 60-70 години, на тоа место сеуште можел да се распозне по некој делкан, обработен камен, кој тажно ја зборувал историјата на запустеното село. Неколку семејства од Лазорополе, тврдат дека водат потекло токму од ова село. Тоа се Каленичевци, Нектенинци, Батовци, Шлакевци, Пунтевци, Фидановци, Жиковци.
Четвртата група на доселеници кои ја зголемиле бројката на жители на Лазорополе, се оние семејства кои дошле од пределите на денешна Албанија. Ваквите миграциони движења не биле ретка појава во историјата на овие простори. Кон крајот на 17 и почетокот на 18 век, во потрага по нови пасишта, како и заради притисокот што го чувствувале од своите исламизирани албански соседи, повеќе мијачки родови и семејства тргнале кон исток за да бараат место за своите нови домови. Лазорополе, кое било релативно отворено село, ги прифатило овие нови мијачки доселеници, кои дополнително го збогатиле селото како со луѓе, зајакнувајќи го на тој начин мијачкиот идентитет, но и со стока – овци, кои ги носеле заедно со себе, како единствено сопствено богатство што го имале. Најзначајните родови кои во Лазорополе се доселиле од просторите на денешна Албанија се Жунгуловците доселени околу 1750 и Кокалевците доселени околу 1760 година. Подоцна овие стануваат и најмоќните родови во Лазорополе, кои во определени историски моменти ќе соработуваат, но почесто ќе се борат меѓу себе за превласт во селото.
Петтата компонента на доселеници во Лазорополе, се оние лазороски родови кои водат потекло од семејствата или поединците коишто во селото се доселиле по барање и со дозвола на големиот лазороски и мијачки главатар Ѓурчин Кокале. Овие семејства се доселиле од околните мијачки соседни села, бидејќи на еден или на друг начин соработувале со Ѓурчин Кокале. Така на пример, родот на Дракуловци во селото води потекло од својот предок Марко, кој се доселил од Росоки во Лазорополе зашто бил Ѓурчинов параќеаја и водел една од многубројните негови овчарски булуци (бригади). Родот Коловци води потекло од својот предок Никола-Коло, кој пак потекнувал од постариот познат и признат зографски род Дулевци од селото Селце. Нивниот предок се доселил во Лазорополе по покана од Ѓурчин Кокале, бидејќи биле извонредни зографи, а во периодот откако се изградила новата голема црква Св. Ѓорѓија, во селото имало зголемена потреба од ваков кадар.
Шестата група на доселеници во селото, се оние кои како поединци доаѓале во селото и останувале да живеат во него како лазороски зетови – кои се ожениле со лазороски девојки; се преселувале привлечени од релативното богатство и напредок на селото, од неговата сигурност и особено од сигурноста што ја пружале неговите главатари, пред сè Ѓурчин Кокале.
Потребно е да се истакне дека со текот на времето одредени родови нараснувале во својата бројност и започнувале да се делат меѓу себе. Новоформираните големи родови или го зачувувале старото родовско име, но почесто, за да се разликуваат од претходниот род, добивале ново име најчесто според главешината на родот или според одреден специфичен прекар кој важел за тој род.
Се разбира, како што растела бројката на нови семејства и родови, така започнала да расте и бројката на нивни отселувања од селото, во потрага по подобар живот и поголема сигурност. Овој процес забележливо пораснал во 80-тите години на 19 век и речиси незапирливо течел со променлив интензитет се до конечното раселување на селото во 70-тите години на 20 век.
изработил Слободан Шошкоски

Извори:

Д-р Александар Матковски, Ѓурчин Кокалески (1775-1863), ИНИ, Скопје, 1959
Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995, 18-25
Блага Алексова, Археолошки наоди кај село Лазарополе кај Дебар, сп.„Разгледи“, год. II, серија III, бр.1, 1959
Сотир Шошкоски и Васко Поповски, Лазарополе во подалечното и поблиско минато, Скопје, 2003