Pages

РЕКАНСКАТА НАХИЈА ВО ТУРСКИТЕ ПОПИСНИ ДЕФТЕРИ ОД XV ДО XVI ВЕК

РЕКАНСКАТА НАХИЈА ВО ТУРСКИТЕ ПОПИСНИ ДЕФТЕРИ
ОД XV ДО XVI ВЕК
Реканската нахија (нахија е најмала територијална-административна област во Османлиската империја) била составен дел од Дебарската каза (оваа каза е составен дел пак од Охридскиот санџак (1395г.); овој санџак е дел од Румелискиот беглербеглак /елајет односно вилает/), во која што каза припаѓале следниве нахии: Горни Дебар, Жупа и делумно Долго (Голо) Брдо. Од своја страна, нахијата Река се делела на две пределски целини: Мала и Голема Река.
Турските пописни дефтери, просто и разбирливо кажано, преставуват “статистички податоци” во кои што турската централна власт заведувала-попишувала се (и во најзафрлените-најнедостапните нејзини краеви) што се наоѓало на нејзина територија. Попишаните резултати од секое село, град и област (село, нахија, град, каза, санџак и вилает) преставуваат рамка за утврдување на најниските даноци (данок на едно село кој што треба да го платат неженетите или на пример данок кој што го плаќале “неверниците” и сл.) до најголемите даноци кои што ги плаќале феудалците.
Според пописот за Дебар (дебарско-реканската област) и на неговата околина, во 1466/67 година 18 од запишаните тимари се наоѓале во рацете на христијаните – спахиите, кои што имале приход од 19.999 акчиња.
Кога ќе ги читате податоците за селата од реканската нахија ќе сретнете податоци кои што ќе ви се видат малку чудни-смешни од денешна гледна точка, каде што се дадени податоци за неженети, вдовици-вдовци (муслиманките овој данок не го плаќале), податоци за бројот на овци-ситен рогат добиток и слично.
Според пописот од 1467 година, данокот за ситна стока во Дебарската каза бил собран само од 28 населби од сите 5 нахии, и тоа во висина од 10 до 20 акчиња, што значи дека во најдобриот случај едно село чувало до 210 овци, а најчесто 30-40 овци. Меѓу приходите на управникот на Кичевската нахија, во 1569 година, бил регистриран и данок за летно пасиште (јајлак) на планината Бистра, во висина од 400 акчиња.
Во пописните дефтери нема никогаш да сретнете поделба по национална основа (графа за национална припадност) на населението бидејќи таква статистика Османлиската империја не водела, наместо тоа имало “графа” за муслимани, христијани и евреи-јудеи. Врз основа на пописните дефтери се утврдувал данокот кој што го плаќале неверниците, кој што данок се разбира бил поголем од данокот кој што го плаќале муслиманите. Пописните турски дефтери се важен дел за функционирање на Османлиската империја, односно за непречено функционирање на тимарско-спахискиот систем. Кога се извлекуваат податоци од турските пописни дефтери за некоја проблематика-тема од историјата, треба да се биде многу внимателен поради тоа што дефтерите не се потполно точни и врз нив не можеме безрезервно да се потпреме.
Како да ја утврдиме вкупната бројка на населението во едно село ?
Од самиот почеток треба да ни е јасно дека вкупната бројка никогаш нема да е во целост точна, туку треба да имаме до знаење дека се работи за приближна бројка која до некој степeн ја одредува вистинската бројна состојба за едно село или област. Во дефтерите редовно е присутен бројот на семејствата, неженетите и на вдовиците. Но никогаш вкупниот број на лица во едно семјество, на жители на попишаното-попишаните села, а со тоа и на вкупниот број на жители на нахијата, казата и тн. За да може врз основа на ваквите податоци да се добие вкупниот број на лица во едно семјество, што понатаму е основа за пресметување на демографските состојби во едно село, во еден предел и во целата земја, потребно е според вообичаените стандарди во историската наука, бројот на семејствата да се помножи со коефицентот пет (или шест; подолу ќе се обидеме да ја пресметаме вкупната бројка жители на пет малорекански села и притоа бројот на семејствата ќе го множиме со коефицентот пет) и на тоа да се додаде бројот на вдовиците, помножено со коефициентот четири. Имено, се смета дека едно тогашно комплетно смејство, маж, жена и нивните деца, во просек броело пет до шест лица, а вдовичиното (некомплетно) семјство броело еден член помалку (четири до пет лица). Бројот на неженетите не се земал предвид, бидејќи тие веќе еденаш се вклучени во комплетното или некомплетното семејство. Меѓутоа, кај многу од селата од Реканската нахија во пописите од XVI век (подолу неколку примери пред се од Мала Река), бројот на “неженетите” драстично е зголемен во однос на состојбата во пописите од XV век. Понекогаш нивниот број е поголем од бројот на семејствата. Последниве, не така ретко, претрпеле значително намалување. Таа појава принудува на размисла за можните фактори кои ја предизвикале и, дали е во ред приведената постапка кон “неженетите” кога се врши пресметување на бројот на населението. Тоа дотолку повеќе кога се има предвид дека зборот mucerred , покрај значењето “неженет” имал и други значења, кои што во случајов заслужуваат внимание “самец” и “беден-сиромав”. Проблемот-појавата, засега останува, но треба да се нагласи дека има и други причини кои не дозволуваат да се дојде до прецизни резултати за бројот на населението. Главната цел како што споменавме погоре на пописите била, меѓу другото, да се регистрираат сите даночни обврзници во државата. Проблемите се се поголеми ако сакаме да ја утврдиме бројката во градовите и областите.
Приближна бројка на вкупното население за селата Галичник, Гари, Лазарополе, Лопушник (само во ова село има вдовици) и Тресонче според горе споменатиот метод. Дадената бројка на семјствата во овој случај ја множиме со коефицентот 5. Бројот на вдовици го множиме со коефицентот 4. Бројот на неженети не се зема во предвид при изведување на вкупниот-приближен број на население (види погоре).

ГАЛИЧНИК
1536-39г. имало 32 семејства и 3 неженети; 32x5=160
1583г. 32 семејства и 19 неженети; 32x5=160

ГАРИ
1536-39г. имало 62 семејства и 10 неженети; 62x5=310
1583г. 40 семејства и 47 неженети; 40x5=200
----------
ЛАЗАРОПОЛЕ
1536-39г. – 84 семејства и 16 неженети; 84x5=420
1583г. – 60 семејства и 44 неженети; 60x5=300

ЛОПУШНИК
1467/68г. – 18 семејства и 2 неженети; 18x5=90
1519г. – 51 семејство, 1 неженет и 1 вдовец; (51x5)+(1x4)= 255+4=359
1528/29г. – 15 семејства, 3 неженети и 2 вдовици; (15x5)+(2x4)= 75+8=83
1544/45г. – 33 семејства и 2 неженети; 33x5=165
1568/69г. – 28 семејства и 12 неженети; 28x5=140
-----------
ТРЕСОНЧЕ
1467/68г. – 3 семејства; 3x5=15
1481/82г. – 18 семејства; 18x5=90
1519г. – 35 семејства и 3 неженети; 35x5=175
1544/45г. – 37 семејства и 3 неженети; 37x5=185
1568/69г. – 38 семејства и 9 неженети; 38x5=190

Приближната бројка на вкупното население според пописите за секое село одделно (пописна година) е следен:

ГАЛИЧНИК: 1536/39г. 160 жители; 1583г. 160 жители.
ГАРИ: 1536/39г. 310 жители; 1583г. 200 жители.

ЛАЗАРОПОЛЕ: 1536/39г. 420; 1583г. 300 жители.

ЛОПУШНИК: 1467/68г. 90 жители; 1519г. 359 жители; 1528/29г. 83 жители; 1544/45г. 165 жители; 1568/69г. 140 жители.

ТРЕСОНЧЕ: 1467/68г. 15 жители; 1481/82г. 90 жители; 1519г. 175 жители; 1544/45г. 185 жители; 1568/69г. 190 жители.

Во податоците за реканските села ќе го сретнете и називот ДЕРВЕН (деренџиско село). Називот дервен преставува предосманска институција, служба, која што ја вршеле дрвенџии. Оваа служба ја задржале и турските власти. Службата на дервенџиите се состоела од чување на одделни делови од патишта кои, во близина на нивните населби, минувале низ клисури (дервени) и, воопшто, низ тешко проодни и опасни планински места. Дервенџиската служба претежно ја вршеле христијани, макар што многу ретко со оваа служба се занимавале и муслимани. Врз себе ја превземале одговорноста за животот и за имотот на патниците во секторот од патот што им бил определен за чување. Отпрвин тоа задолжение паѓало врз сето машко население од дервенските села, а кон средината на XVI век била извршена реорганизација на службата, со тоа што само дел од жителите на тие села, 30 или 60, а многу ретко 90, па и 120 лица ја вршеле двенџиската служба. На секој дервенџија му било загарантирано правото од страна на Османлиската држава да носи оружје. Ова право е само еден дел од малкуте примери каде што христијаните во империјата имале право да носат оружје.
Овде ќе ги прикажеме сите села кои што биле дел од Реканската нахија (исклучок е селото Лопушник - денес не постои - кое што е дел од Кичевската нахија; исто така и селото Радика – денес не постои – а е дел од нахијата Горни Дебар, локацијата на селото се уште не е утврдена; промена во однос на казите претрпува и Тресонче) и кои што се наоѓаат во турските пописни дефтери од XV до XVI век.
Во 1544/45 година малореканските села Тресонче и Сушица преминуваат (преместени се) од Реканска нахија (Дебарска каза) во Кичевската нахија (Кичевска каза). За селата Тресонче и Сушица извршени се годишни пописи (како дел од Кичевската нахија) кои што не се поклопуваат според годините со пописите кои што се извршени во Реканската нахија. Зашто овие две села се преместени во Кичевската нахија можеме само да претпоставуваме, но не можеме да дојдеме до некој цврст заклучок. Се поставува, исто така прашањето, родено од географска реалност, зашто, почнувајќи од Тресонче па се до Сушица (и обратно по ова линија) при ова преместување-менување на казите истото не е сторено со селата Росоки и Селце, кои што се на самата средина од линијата Тресонче – Сушица. Одговорот на ова прашање МОЖЕБИ се крие во тоа што селата Тресонче и Сушица ја извршувале дервенџиската служба за разлика од обичниот статус-функција кои што ја имале Росоки и Селце како обични селски населби без задолженија. Можен одговор, исто така, треба да се бара во претпоставка дека селата Тресонче и Сушица некаде пред 1544 година биле во состав-владеење на еден ист тимар (имот). Ова тврдење го изведувам од познатиот факт дека селото Лазарополе околу 1536 година како дервенџиско село било составен дел на тимарот не еден член од војничката тврдина Коџаџик. При тоа, одалеченоста од Лазарополе до Коџаџик е запазена и таа е успешно-брзо совладлива. Можно е ова да е една од причините поради што овие две села биле преместени во Кичевската каза. Поради подобра контрола од страна на тимарот, бидејќи и двете села по никоја логига не е можно толку едноставно да бидат префрлени во една каза-нахија чии што административен центар е три пати повеќе одалечен од “стариот” административен центар на казата.
Видлива е “појавата” во пописот од 1583 година каде што во пописните резултати се забележува висока бројка на неженети. Таа бројка станува многу интересна кога ќе се спореди вкупниот број на семејства со вкупниот број на неженети во едно село. Ова појава на неженети е застапена скоро во сите села од Реканската нахија, но исклучок се селата од малореканскиот крај. Како примери би ги издвоил селата Лазарополе, Гари и Галичник. Соодносот на вкупниот број на семејства со бројот на неженети во овие села во дефтерот од 1583 година е следен:
1. Лазарополе - 60 семејства и 44 неженети;
2. Гари - 40 семејства и 47 неженети;
3. Галичник - 32 семејства и 19 неженети;
Која е причината за оваа појава не би навлегувал понатаму, но било каква грешка од стана на турските власти ја исклучувам и за такво нешто не станува збор. Се уште Османлиската империја во овие години била моќна. Постоел данок кој што го плаќале неженетите во Османлиската империја, кој што данок селаните секако би сакале да го избегнат- да не го платат. Грешка во попишувањето не е можна. Не може намерно да се зголеми оваа графа во однос на тоа да се зголеми и вкупниот данок на селото со оваа група на “даночни обврзници” во државата, во овој случај и на целата нахија (и одредени нејзини делови). За да ја потврдам оваа “појава” ќе ве упатам да погледнете подолу за останатите села, но овде ќе ви го претставам само уште примерот за селото Мала Трница (Горна Река) кое во пописот од 1583 година броело - 10 семејства и 25 неженети.
Ќе забележите дека многу од селата денес не постојат, а можно е некои од нивните имиња за прв пат да ги сретнеме. Исто така воочливо е и тоа што многу од овие села (но и некои од денес постоечките) во пописните дефтери од 1467 година се пусти и во следните пописни дефтери веќе и не се споменуваат (за тоа која е причината, што се случило во 1467 година - во друг текст поопширно).
За време на пописот на пошироката дебарска област, кој бил извршен непосредно по нејзината реокупација од турската војска, во 1467 година, голем број од села од пределските целини (нахии) Горни Дебар и Река останале пусти (28 од вкупно 105 населби - села). Карактеристично е, притоа, што запустените населби обично биле групирани во оделни региони, како што е случајот со населбите од Мала Река. Тоа секако било последица од поразот на востаниците на Скендер-бег, со кои турските пацифактори жестоко се пресметувале. Ова се настани доста одалечени од времето на првичното навлегување на турската војска во дебарско-реканскиот крај, но добро ги илустрираат последиците за оние делови од овој крај кои енергично одбивале да се покорат.
Интересно е и тоа што за дел од овие села кои што денес не постојат, оние кои во временскиот период од XV до XVI век се науштени (во 1467 година повеќето), сеуште не може да им се одреди нивната локација, каде се ноѓале. Интересен за нас податокот од ваков вид е за селото Јагурица (Јагорица);(за наша среќа успеавме да лоцираме место со вакво име), кое што во пописниот дефтер од 1467 година е забележано дека е пусто-ненаселено, во наредните пописи не се среќава, но неговата локација “денес би требало да ја бараме во месноста Јаворица источно од селото Лазарополе” (А. Стојановски и Д. Ѓоргиев, “Населби и население во Македонија - од XV и XVI век”, Скопје 2001, стр.96.).
Подоцна се забележани низа на локални буни во Дебарската каза, односно во нахијата Река. Овие бунтови во Реканската нахија, од 1560 до 1609 година, биле насочени против турската централна власт, односно против турските власти во самата нахија и Дебарската каза. Овде ќе дадам три примери на буни од Реканската нахија. Во пролета 1583 година селаните од Дебарската каза се одметнале и не сакале да ги плаќаат своите феудални давачки. Овој бран на ненаплаќање на давачките се проширил и во 22 други села во Охридскиот санџак. Во султанската наредба се бара “да бидат убиени бунтовниците, а нивните жени и деца да се заробат”. Дванаесет години подоцна, во 1595 година, во нахијата Река, поточно во селата Штировица, Стрезимир, Кичиница, Ничпур, Нистрово и Трница селаните заедно со неколку арнаути-тајфи од овој крај се креваат на буна. Се доаѓа до информација-извор дека тогаш се кренале околу 10000 бунтовници (оваа бројка е претерана). Исто така во еден документ од 1609 година се вели дека Реканската нахија, како и целата Дебарска каза, и сето нејзино христијанско население се кренало на бунт, што може да значи дека овој крај се бунтувал постојано околу триесетина години (26 години). Бидејќи бунтовите во Реканската нахија продолжиле и понатаму, сега веќе скоро половина век, и не можеле целосно да се задушат, османлиските власти примениле поефикасен метод – исламизацијата. Но исламизацијата од помасовен карактер забележана е уште порано. Таков е примерот за селото Видуше кое во пописните дефтери од 1467 година и 1536-39 година, односно се до втората половина на XVI век е потполно христијанско село. Веќе во пописниот дефтер од 1583 година, го наоѓаме податокот дека сето население е исламизирано – во него живеат мислимани; “во 1583г. во селото живееле само муслимани: 10 семејства и 6 неженети” (запазете ја пописната година 1583г. во однос на исламизацијата, види село Жировница).
Забележан е податокот дека во 1583 година “името на прворегистрираниот муслиманин од Жировница, во пописот на ова село гласи: МУСТАФА ЖУПАН” (Историја, год.XXXX, Скопје 2004, број 1-2, стр. 76). Овој назив (жупан) упатува на претпоставка дека ова лице или било старешина на селото или, пак, било влијателна личност, чија исламизација влијаела врз другите христијани од селото да го прифатат исламот.
Исто така во овие пописни дефтери ќе сретнеме првични информации за почетокот на исламизацијата во реканските села. Првите конвертити во поглем број се дел од “старата аристократија и феудалците”, која што сакала да ги задржи старите привилегии во новата држава. Исламизацијата зема голем замав при крајот на XVI и почетокот на XVII век, кога поголем број од насленето, пред се од Голема Река (селата од Горна и Долна Река) минува во исламската вера (не навлегуваме детално во причините
). Во нахиите Горни и Долни Дебар и во нахијата Река, во 1467 година не бил регистриран ниту еден муслиман, исклучувајќи ги се разбира, припадниците на феудалната класа, спахиите.

СПИСОК НА СЕЛА ОД РЕКАНСКАТА НАХИЈА ПРЕСТАВЕНИ ВО ТУРСКИТЕ ПОПИСНИ ДЕФТЕРИ ОД XV ДО XVI ВЕК

1. БЕЛИЧИЦА, христијанско село, североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467 година – пусто (ненаселено);
1536-39 година имало 18 семејства и 2 неженети;
1583 година – 30 семејства и 26 неженети;

2. БИТУШЕ, христијанско село, североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 4 семејства;
1536-39г. – 26 семејства, 3 неженети и 2 вдовци;
1583г. 12 семејства и 8 неженети;

3. БОГДЕВО, христијанско село, североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 3 семејства;
1536-39г. 16 семејства и 1 неженет;
1583г. 10 семејства и 18 неженети;

4. БОЛЕТИН, христијанско село, североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 5 семејства;
1583г. 3 семејства;

5. БОЛТАН, неубдицирано, претежно муслиманско село во нахијата Река.
1536-39г. имало 3 христијански и 3 муслимански семејства;
1583г. 5 муслимански и 3 христијански семејства;

6. БРОДЕЦ, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 4 семејства;
1536-39г. 27 семејства и 3 неженети;
1583г. 20 семејства и 13 неженети;

7. ВИДУШЕ, претежно христијанско село севороисточно од Дебар, во нахијата Река. Се до втората половина на XVI век било христијанско: во 1467г. имало 4 семејства;
1536-39г. 14 семејства и 1 неженет (христијански семејства);
1583г. во селото живееле само муслимани: 10 семејства и 6 неженети;

8. ВОЛКОВИЈА, дервен, христијанско село, во нахијата Река.
1467г. имало 6 семејства;
1536г-39г. 13 семејства и 1 неженет;
1583г. 40 семејства и 5 неженети;.

9. ВРБЕН, претежно христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река. 1467г. имало 9 христијански семејства;
1536-39г. 93 христијански семејства – 5 неженети и 1 вдовица, како и едно муслиманско семејство;
1583г. 120 христијански семејства и 37 неженети, како и 3 муслимански семејства;

10. ВРБЈАНИ, претежно христијанско село севороисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 16 христијански семејства;
1536-39г. 55 христијански семејства и 7 неженети, но и 1 муслиманско семејство;
1583г. бројот на хрисијаните изнесувал 50 семејства и 12 неженети, а на муслиманите 20 семејства и 2 неженети;

11. ГАЛИЧНИК, дервен, христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. било пусто-ненаселено;
1536-39г. имало 32 семејства и 3 неженети;
1583г. 32 семејства и 19 неженети; (СПОРЕДИ ГО СО ОДНОСОТ НА СЕМЕЈСТВАТА И НЕЖЕНЕТИТЕ ВО ГАРИ И ЛАЗАРОПОЛЕ – БРОЈКА НА НЕЖЕНЕТИ)

12. ГАРИ, дервен, христијанско село југоисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. пусто-ненаселено;
1536-39г. имало 62 семејства и 10 неженети;
1583г. 40 семејства и 47 неженети; (СПОРЕДИ ГО СО ОДНОСОТ НА СЕМЕЈСТВАТА И НЕЖЕНЕТИТЕ ВО ГАЛИЧНИК И ЛАЗАРОПОЛЕ – БРОЈКА НА НЕЖЕНЕТИ)

13. ГИРЌАНИ, подоцна ГРЕКАЈ, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1536-39г. имало 11 семејства и 1 неженет;
1583г. 20 семејства и 8 неженети;

14. ГЛАВИНО (вака е запишано само како Главино), Главино Село, исчезнато христијанско село во реонот на с. Лазарополе, источно од Дебар, во нахијата Река. Во 1467 година селото било пусто-ненаселено. НЕ СЕ ЈАВУВА ВО ПОДОЦНЕЖНИТЕ ПОПИСИ.

15. Д‘БОВО, исчезнато христијанско село, североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 2 семејства;
1536-39г. имало 25 семејства и 3 неженети;
1583г. имало 10 семејства и 12 неженети;

16. ДИРИМИНИНЦИ, неубдицирано христијанско село во нахијата Река. Во 1467 година било пусто-ненаселено. Во подоцнежните пописи не се јавува.

17. ЖИРОВНИЦА, до средината на XVI век претежно христијанско село, а потоа претежно муслиманско село, североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 22 христистијански семејства;
1536-39г. – 69 христијански семејства и 7 неженети, но овој пат и 3 муслимански семејства и 2 неженети муслимани;
1583г. бројот на христијаните изнесува 20 семејства и 11 неженети, додека бројот на муслиманите се качил на 69 семејства и 15 неженети;
***
Забележан е податокот дека во 1583 година “името на прворегистрираниот муслиманин во пописот на ова село гласи: МУСТАФА ЖУПАН” (Историја, год.XXXX, Скопје 2004, број 1-2, стр. 76).
Овој назив (жупан) упатува на претпоставка дека ова лице или било старешина на селото или, пак, било влијателна личност, чија исламизација влијаела врз другите христијани од селото да го прифатат исламот.

***

18. ЖУЖЛЕ, подоцна ЖУЖЊЕ, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 9 семејства;
1536-39г. имало 14 семејства и 1 неженет;
1583г. – 20 семејства и 7 неженети;

19. ЈАГУРИЦА (Јагорица); НЕИДЕНТИФИКУВАНО СЕЛО ВО НАХИЈАТА РЕКА; МОЖЕБИ ТРЕБА ДА СЕ БАРА ВО МЕСНОСТА ЈАВОРИЦА ИСТОЧНО ОД ЛАЗАРОПОЛЕ, КОЕ ВО 1467 година БИЛО ПУСТО НЕНАСЕЛЕНО. ПО СЕ ИЗГЛЕДА ДЕКА И НИКОГАШ И НЕ БИЛО ОБНОВЕНО, БИДЕЈЌИ ГО НЕМА ВО НАРЕДНИТЕ ПОПИСИ.

20. ЈАНЧЕ, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 1 семејство (Ѓерѓ Илиевиќ);
1536-39г. – 6 семејства;
1583г. - 8 семејства и 3 неженети;

21. КИЧИНИЦА, дервен, претежно христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. пусто-ненаселено;
1563-69г. – 8 семејства и 1 неженет;
1583г. – 6 семејства и 6 неженети;

22. КОСОВРАСТИ, ГОРНО, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 12 семејства;
1536-39г. – 36 семејства и 4 неженети;
1583г. - 10 семејства и 8 неженети, како и 1 муслиманско семејство;

23. КОСОВРАСТИ, ДОЛНО, дервен, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имао 20 семејства;
1536-39г. – 64 семејства и 9 неженети, како и 1 муслиманско семејство;
1583г. – 70 семејства и 23 неженети;

24. КРАКОРНИЦА, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. имало 3 семејства;
1536-39г. 12 семејства и 1 неженет;
1583г. 20 семејства и 12 неженети, како и 1 муслиманско семејство;

25. ЛАЗАРОПОЛЕ, дервен, христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река.
1536-39г. – 84 семејства и 16 неженети;
1583г. – 60 семејства и 44 неженети; (СПОРЕДИ ГО СООДНОСОТ НА СЕМЕЈСТВАТА И НЕЖЕНЕТИТЕ ВО ГАРИ И ГАЛИЧНИК – БРОЈКА НА НЕЖЕНЕТИ)
26. ЛОПУШНИК, дервен, исчезнато христијанско село во близина на с. Лазарополе, во Кичевската нахија.
1467/68г. – 18 семејства и 2 неженети;
1519г. – 51 семејство, 1 неженет и 1 вдовец;
1528/29г. – 15 семејства, 3 неженети и 2 вдовици;
1544/45г. – 33 семејства и 2 неженети;
1568/69г. – 28 семејства и 12 неженети;

27. МЕЛНИЧАНИ, ГОРНО, христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 9 семејства;
1536/39г. – 16 семејства, 2 неженети и 1 вдовица;
1583г. – 33 семејства и 8 неженети;

28. МЕЛНИЧАНИ, ДОЛНО, претежно христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 5 христијански семејства;
1536/39г. – 15 христијански семејства, 1 неженет и 1 вдовец;
1583г. – 10 христијански семејства и 16 неженети, како и 2 муслимански семејства;

29. МОГОРЧЕ, христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река. Во 1467 година запишано (погрешно?) како ХОВИРЧЕ (?).
1467г. – 5 семејства;
1536/39г. – 35 семејства и 3 неженети;
1583г. – 60 семејства и 15 неженети, но и 2 муслимански семејства и 2 неженети муслимани;

30. НИСТРОВО, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 11 семејства;
1536/39г. 36 семејства и 3 неженети;
1583г. 70 семејства и 13 неженети ;

31. НИЧПУР, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 9 семејства;
1536/39г. 16 семејства и а неженети;
1583г. – 20 семејства и 8 неженети;

32. ОРАХОВО (Рахово), неубдицирано христијанско село во нахијата Река.
1467г. – 6 семејства;
1536/39г. – 12 семејства и 1 неженет;
1583г. – 4 христијански и 1 муслиманско семејство;

33. ОСОЈ, христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. пусто-ненаселено;
1536/39г. – 19 семејства, 2 неженети и 1 вдовица;
1583г. – 40 семејства и 11 неженети, но овој пат и 1 муслиманско семејство;

34. ПЕСЈА ГОРИЦА, исчезнато христијанско во десниот агол од сливот на р. Мала Река во р. Радика, село во нахијата Река.
1467г. – пусто-ненаселено;
1536/39г. – 17 семејства и 1 неженет;
1583г. – 10 семејства и 3 неженети, но и 1 муслиманско семејство;

35. ПРИСОЈНИЦА, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 5 семејства;
1536/39г. – 61 семејство и 2 неженети;
1583г. – 15 семејства и 2 неженети;

36. РАДИКА, неидентификувано село кое веројатно треба да се бара по течението на р. Радика, во нахијата Горни Дебар (?).
1536/39г. имало 41 семејство, 4 неженети и 3 вдовици;
1583г. – 58 семејства и 20 неженети (овојпат селото е регистрирано заедно со мезрата Трнјак) ;

37. РАДОСОКА, денес РОСОКИ, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 4 семејства; (Росоки во овој попис е населено а блиското село Селце е пусто-ненаселено)
1536/39г. – 27 семејства и 3 неженети;
1583г. – 20 семејства и 8 неженети;

38. РАДОСТУШ, подоцна РОСТУШЕ, христијанско село североисточно од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 15 семејства;
1536/39г. – 39 семејства, 4 неженети и 1 вдовица, како и 1 муслиманско семејство;
1583г. – 7 смејства и 1 неженет;

39. РИБНИЦА, ГОЛЕМА, денес единствена населба РИБНИЦА, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. селото (Рибница) имало 10 семејства;
1436/39г. селото (Голема Рибница) имало 34 семејства и 3 неженети;
1583г. - го нема во пописот;

40. РИБНИЦА, МАЛА, исчезнато христијанско село, кое најверојатно се наоѓало во близина на Голема Рибница, СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – запишано како РИБИЧИЦА – имало 4 семејства;
1536/39г. – запишано како МАЛА РИБНИЦА – имало 42 семејства и 4 неженети, и 1 муслиманско семејство;
1583г. – го нема во пописот;

41. СЕЛЦЕ, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – пусто-ненаселено (види иста година за Росоки) ;
1536/39г. – 22 семејства и 2 неженети;
1583г. – 20 семејства и 11 неженети;

42. СЕНЦЕ, претежно христијанско село, СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – имало 4 семејства;
1536/39г. – 43 христијански семејства и 4 неженети, како и 1 муслиманско семејство;
1583 г. - 30 христијански семејства и 4 неженети, како и 3 муслимански семејства;

43. СКУДРИЊЕ, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 11 семејства;
1536/39г. – 51 семејство. 5 неженети и 1 вдовица;
1583г. – 18 семејства и 4 неженети и 3 муслимански семејства;

44. СТРЕЗИМИР, исчезнато христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 6 семејства
1536/39г. – 33 семејства и 3 неженети
1583г. - 70 семејства и 7 неженеи

45. СУШИЦА, дервен, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – имало 4 семејства; малку потоа попис од 1467/68г. – 6 семејства;
веќе во 1481/82г. 18 семејства (пописот од оваа година не е извршен во другите села-пред се мислам на селата од Мала Река-само во Тресонче, но и во другите рекански села);
1519г – 24 семејства и 3 вдовици (истото важи и за овој попис – само во Тресонче);
1544/45г. (исто и за овој попис) кога преминало во Кичевска нахија (заедно со Тресонче,?; другите малорекански села не се внесени во Кичевката нахија-каза ???), имало 25 семејства и 1 вдовица;
1568/69г. 30 семејства и 6 неженети (во наредните пописи (само со Тресонче), како на пример пописот од 1583 година, не го срќаваме но со сигурност може да се заклучи дека селото постоело непрекинато се до 1952 година-миграција село-град);

46. ТИХО ПОЛЕ, неидентификувано христијанско село во нахијата Река.
1467г. пусто-ненаселено;
1536/39г. – имало 7 семејства;
1583г. – регистрирано како ненаселена мезра (мезра-место, еден вид населба во која не се живее постојано десет години; ако на место-населбата се евидентира дека таму живее барем 1 семејство во наредните пописи се заведува-добива статус на село);

47. ТРЕБИШТЕ, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – 15 семејства;
1536/39г. – 55 семејства и 6 неженети;
1583г. – 40 семејства и 9 неженети, како и 3 муслимански семејства и 1 неженет;

48. ТРЕБНИЦА, неидентификувано христијанско село во нахијата Река.
1583г. – 10 семејства и 5 неженети.
--------49. ТРЕСОНЧЕ, дервен, христијанско село до првин (во XV век) во нахијата Река, а потоа во Кичевската нахија (заедно се селото Сушица ?; види за пописи и години – спореди со Сушица,?; другите малорекански села не се внесени во Кичевката нахија-каза ???).
1467г. ненаселено-пусто;
1467/68г. – 3 семејства;
1481/82г. – 18 семејства;
1519г. – 35 семејства и 3 неженети;
1544/45г. – 37 семејства и 3 неженети;
1568/69г. – 38 семејства и 9 неженети;

50. ТРНИЦА, ГОЛЕМА, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. – селото (Трница) имало само 2 семејства;
1583г. – (Голема Трница) броело 20 семејства и 14 неженети;

51. ТРНИЦА, МАЛА, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1583г. имало 10 семејства и 25 неженети;


52. ШТИРОВИЦА, христијанско село СИ од Дебар, во нахијата Река.
1467г. - имало 11 семејства;
1536/39г. – 30 семејства и 3 неженети;
1583г. – 50 семејства и 17 неженети, но овој пат и 2 муслимански семејства и 1 неженет.

текст Мојсо Поповски

види и текст за село Гари, линк: ЛЕГЕНДАТА ЗА ДРЕНИЧЕ И ТУРСКИТЕ ПОПИСНИ ДЕФТЕРИ ОД XV И XVI ВЕК ;
Користена литература:
1. ИНИ, А. Стојановски и Д. Ѓоргиев, “Населби и население во Македонија - од XV и XVI век”, Скопје 2001.
2. ИНИ, списание "Историја", год.XXXX, Скопје 2004, број 1-2.
3. ИНИ, "Историја на македонскиот народ", том II, Скопје 1998.
4. ИНИ, проф. д-р Глигор Тодоровски, "Малореканскиот предел", Скопје 1970.
5. ИНИ, Александар Стојановски, "Раја со специјални задолженија во Македонија", Скопје 1990.


© 2008-2019 lazaropolee.blogspot. All rights reserved
Превземањето на содржините на lazaropolee.blogspot.com ® е дозволено доколку се наведе изворот со линк од блогот: статијата-текст (само 50 зборови), фотографија или видео.