Pages

М Е Ѓ И Т Е

Нема голема и мала трагедија, како што нема голема или мала смрт. Оваа филозофија на живеењето е вградена во кодот на секој лазоровец, во секој мијак, Македонец. Во минатото трагедијата и смрта на овие луѓе биле секојдневие, како што секое утро сонцето ги огревало лазоровските ливади. Трагедијата и смрта нанесени од туѓинците од освојувачите биле секојдневие, многувековна борба за опстанок на тоа парче земја, да се остане свој на своето, да се остане мијак во мијачијата, Македонец во Македонија. Борбата на лазоровецот за да се истрае, да му се пркоси на туѓинецот, таа филозофија на животот за трагедијата и смрта на нас Македонците ни ја престави нашинецот чичко Анте Поповски. Неговото глаголење како небаре чиниш ти говори некој Божји асикрит, токму во неговата престава за борбата на ситната мушичка и нејзината агонија со смолата на борот или пак глаголењето за нас Македонците, за тие силни мажишта што во неговата поема "Самуил" почнаа да ѕидаат златно кралство а завршија во историски и анатомски мрак. И во едниот и во другиот случај тој на нас помладите ни престави трагедии кои поминуваат - незабелжани. Како што никој не ја гледа трагедијата на малата мушичка заробена во смолата, така никој од големите народи не ја гледа трагедијата на "децималните народи".

Неговите траги се пресни сеуште, аманетите на нашите дедовци се пресни сеуште. Аманетот вели чувајте го своето парче земја, чувајте ја дедовината.Нема ништо чудно во овие зборови, нема ништо чудно во аманетот. Јасен е. Чувајте се да не ја доживеете трагедија која ќе е предвесник на смрта. Чувајте се од туѓите, од освојувачите. За нас Лазарополе е местото каде што можеме да ги допреме ѕвездите. Местото каде што "дури и ѕвездите шепотат македонски", местото каде уште незаодени "децата откопуваат лобањи", местотo каде што времето одминува и пак се враќа. Местото Лазарополе, д а тоа е Македонија - каде дури и ѕвездите шепотат на македонски.

Но далеку е трагедијата и смрта, веќе долго време од овие наши простори. Свои сме на своето - фала им на дедовците, мир од коските да им тече.
Ееее... Некако оддеднаш многумина од нас се почуствуваа растревожени, немирни. Чиниш некакви гласови довикуваат. Гласовите од дедовците предупредуваат. Туѓинецот го витосавме го изгонивме. Внимавајте! Од кого? Од своите! Скраја да е зар од своите!?!?

Некако и старо и младо сe’ замисли се растажи и старо и младо се замисли, се се растажи. Дојде абер чиниш, не е реално сето ова. Таа вест е нереална. Некој си поигрува со нас, но сепак не се смееш, вистина да ти било. Гледаш лист хартија. На листот ливади со меѓи, цртани прецртувани, таква меѓа онаква меѓа, коса – некоса линија бре аман во ливадите ни дедови. Не ќе да е линија саде-само, меѓи клавале. Ти иде од душата да викнеш, Бистра да се растресе. Но по кого да викаш, зарем по своите? Повторно се замислуваш, ти се врти веќе. Кроце – покроце. Знаеш еднаш Србите дошле кај нашинецот Василко Икономов Димкоски да му нудат пензија. Преродбеников македонски ги погледнал строго – мијачки, ги измерил и смирено им рекол: “Неќам ваша пензија”. На тоа Србите така зајадливо му рекле на Василко: “А Бугарите да ти дадеа ќе ја земеше!?”. Василко виткајки го качакот мирно повторно им одговорил: “Ниту нивна пензија сакам ниту ваша сакам. Еден ден и нашето петле ќе пропее”, ја запалил цигарата - а клетите си заминале.

Некако не болат тие линии, тие меѓи во дедовите ни ливади болат. Линиите-меѓите болат во време кога “нашето петле одамна пропеа”. Зарем е потребно сето ова од своите да бараш одговор - зашто браќа Македонци ни ги омеѓуваате дедовите ни ливади? Зарем не се ливадите и ваши колку што се и наши? Зарем не се на македонски, наши? Зошто да дозволиме да се уништат ливадите кои предци ни ги оставија во аманет да ги чуваме за век и веков додека траат мијаците и мијачијата. Што ќе им оставиме на нашите поколенија? Ќе не проколнуваат ако дозволиме наследената убавина (ливадите) да се уништат.

Наши се македонски, мијачки, лазороски – и во нив петлето наше одмана мирно пее, секое утро, давајќи ни до знаење дека и овој нов ден е слободен - македонски.
Елате мирно да уживаме во дедовите ливади. “Дојдете во Лазарополе во мај кога милиони нарциси цветаат во околните полиња... и ако од далечина ве здогледаат лазарополските шарпланинци, не плашете се – патниците со добра воља се пречекуваат со весело мавтање со опашката... ”. Не ги копајте не ги прекопувајте, ве молиме. Не ги копајте, не ги прекопувајте да не проговорат таму ѕвездите поинаку - немакедонски. Тоа е стравот, од таа мисла се плашиме, скраја да е. Подалеку да е тоа – знаете кое. Немаме други скриени намери верувајте.

Да не ги скореваме нашите стари, да не ги вознемируваме, мирно и спокојно нека почиваат. Да не се превртуваат ниту Чуповски ниту Пулески, ниту Кокале. Ѓурчин Колале нас ќе ни суди ако сме згрешиле нешто. А многу сме згрешиле, иако тој во својата афтобиографија не предупредува, “1807 година... изгоре селото од силен огон, многу куќи изгорее... и изгоре Господ оти бевме грешни”, - ни изгоре не селото туку душата ни изгоре, ни ја плениа црквата лазороска, зашто бевме грешни, не ја вардевме. Ќе ни суди тој нас ако дозволиме сега и ливадите дедови да се преораат и ако камбаните црковни се “молкнат”. Затоа ве молиме уште еднаш немојте. Заборавете на тие хартии полни со линии и некави си градби ( аги почитуваме сите нови градби во столицата наша македонска, зашто старите наши градителски тајфи воделе), и елате браќа зедно да го слушаме шепотењето на ѕвездите – шепотењето по македонски. 



Да си простиме, зашто незнаеме што правиме!!!

aвтор на текстот
Мојсо Поповски
*се извинуваме за било какови грешки во тектот*

© 2008-2018 lazaropolee.blogspot. All rights reserved. mojso

При објавување на материјали од блогот lazaropolee.blogspot.com во друг медиум, задолжително поставете активен линк кон страницата од која е превземен текстот.