Pages

"Слово надгробное заради да не плачат" 1866 година од Панајот Гиновски

Во црквата во Лазарополе се до 31.VII.2022 година се чуваше [1] ракопис од Панајот Крстевич Гиновски. Ракописот претставува надгробни слово напишано на македонски народен говор-малорекански (мијачки) дијалект

Ракописот содржеше (до летото 2016г.) вкупно 12 страници т.е. 6 испишани листови , 22.5 x 17sm. Писмото е полууставно од печатен тип, само на првата курзив. Правописот е под влијание на руско-црковнисловенскиот со ѧ, ъ, ь, ю, ѡ, ьı, ї и ћПокрај Ћ се употребува и К, како на пример: ћа дает, ке платите, ке ме покриете, ћа ме носат и др. На првата страница авторот на овој ракопис ја дава следната белешка: "Въ лѣто отъ Адама, ҂ЗΤОД (7374), отъ Хр(и)ста ҂АѠѮЅ (1866)...", годината кога е напишан овој текст - 1866 година

Творбата носи наслов "Слово надгробное  заради да не плачатъ", и според тематиката е слично со ракописот од 1865 година на  Костадин Мартинов Димкоски со наслов "Слово на мртви погребение". Во почетокот од ракописот се дава утеха дека секој што се родил и ќе умре, или поточно еве како почнува авторот: "Бл(а)гословениьІ Хр(и)стіанниьІ, (или братіѧ хр(и)стіанниьІ) слушайте сьІ народ бл(а)гочестивьІй, немат[2] на овѧ векъ човекъ ѿо се родил и да не оумретъ[3] кой сѧ родилъ и ке оумретъ." (л.2). Потоа се кажува дека и пророците, апостолите и сите светци, цареви и кнезови умреле, т.е. сите што се родиле не останале. "І азъ денеска оумирамъ сосъ тѣло (снога)[4], а сосъ д(у)ша живеѧмъ." (л.2), се вели во текстот и понатаму низ целото слово се зборува од името на покојникот. Се зборува како се спасил од овдешниот лажовен свет и како "Сега во овѧ гробъ, немат лога[5], нематъ краденѣ, нематъ инатъ, нематъ лошо зборвенѣ, нематъ завистъ, нематъ лицемѣрїе, нематъ фодулокъ, нематъ лутина, нематъ гарастъ, држенѣ..." итн. (л.3). Се обраќа кон своите роднини и пријатели и вели: "Що ме жалите мене и що ме плачете, не требат да ме плачете ..." (л.3). 

На секоја страница во форма на фуснота со ситно курзивно писмо има дополненија и објаснувања на текстот од соодветната страна.

фрагмент,фото
2016

На крајот од Словото со ситен курзив авторот на ракописот ја оставил следната белешка: "Галичникъ 1866, марта 9 ден. Азъ Панаіотъ Крстевичъ, писахъ сїе Надгробное слово, святаму Великомаченик Геогію, во храма его святому у село Лазарополе. Ревностію вѣрю хрїстїскою, въ душевную ползи чоловѣкомь, във помяиеииье мое завѣщанїе (имркъ) къ  служители с(ве)тому.". Од записот јасно се гледа дека овој ракопис го напишал Панајот Крстевич Гиновски (1841-1886) во 1866 година во Галичник за потребите на црквата Св. Ѓорѓија во Лазарополе. Според времето кога е пишуван ракописот "Слово надгробное заради да не плачат" од црквата во Лазарополе, преставува најстар познат ракопис на Панајот Гиновски (забел.М.П.). "Слово надгробное заради да не плачат" е напишан 1866 година, а веднаш наредната година 1867 заедно со татка си, Панајот ја препишал "Ерменијата". Важноста на овој ракопис од Панајот Гиновски му нараснува ако се земе предвид дека тоа е прв текст (забел.М.П) на македонски народен говор-малорекански дијалект напишан од самиот автор. 

автор Мојсо Б. Поповски

[1] Црковниот одбор при храмот Св.Ѓорѓија-Лазарополе на 31.VII.2022 година донесува одлука целокупниот книжен фонд на црквата да ги додели на манастирската библиотека при манастирот Св.Јован Бигорски. Оваа одлука е еднострана без консултација со надлежните државни институции за заштита на историско-културните добра на Македонија. Целокупниот движен и недвижен имот на црквата во Лазарополе е под заштита на државата (од 30.IX.2014 под бр.533 список на објекти кои се прогласуваат за културно наследство на Македонија; или ако милувате таа е заштитена уште од 02.VIII.1841 во аманет од наишите стри), но не е под заштита на било која црковна институција а најмалку на манстирот. Верувам дека ова незаконито "предавање и чување на книгите" во најбрзо време ќе биде тивко "исправено", онака тивко како што беше предаден севкупниот книжевен фонд, книгите да бидат вратени во лазоровската црковна библиотека.; [2]немате - нема; [3]оумретъ-умрет-умре; [4]снога-снага; [6]лога-лага.

ПОВРЗАНИ ТЕКСТОВИ⬇️⬇️

Слово на мртви погребение од 1865г.

Натпис од 1837г. на Требник


Панајот Гиновски
Панајот Крстевич Гиновски
1842-1886


© 2008-2023 lazaropolee.blogspot. All rights reserved
Превземањето на содржините од
 lazaropolee.blogspot.com ®
 е дозволено доколку се наведе изворот
 со линк од блогот: 
статијата, фотографија или видео  
кое се превзема (максимум 60-100 зборови).