Pages

"Слово на мртви погребение" 1865г. од поп Костадин Мартинов Димкоски-Попоски (1819-1915)

Во црквата во Лазарополе се чуваа* два ракописи од поп Костадин Мартинов Димкоски-Попоски (1819-1915?), чичко на истакнатиот македонски културно-просветен деец Васил Икономов. Овде ќе го преставиме ракописот кој преставува надгробно слово или, како што вели авторот, "Слово на мртви погребение". Ракописот содржи 3 листови, 21,5 х 17см, со по 21 ред на страница. Писмото во ракописот е полууставно што ближи кон брзопис. Јазикот е макодонски народен - малорекански (мијачки) дијалект (од подгрупата на западни и северозападни дијалекти на западното наречје на македонскиот јазик). Правописот е под влијание на српскиот, за Ќ и Ѓ употребено само Ћ. Во правописот се упоребени  ѣ ,ѧ, ъ, ь, ї, юУпотребен е и акцентот, но недоследно. Нема никакви интерпункциски знаци. На последниот лист од творбата има натпис во кој се вели: "Јас грешнии и недостојнии поп Костадин иконом** син поп Мартинов от Ласорополе*** исписах месец февруарија 20 ден 1865 година". Ова надгробно слово, овој ракопис на поп Костадин (познат и како поп Косто), е интсересно како материјал за проучување на јазикот од малореканскиот крај во XIX век. Во неговата содржина се дава утеха и поука дека сите луѓе се смртни, и кралеви и цареви, и дека треба да бидат добри, чесни и праведни во животот, зашто по смрта останува само доброто да се паметува но тоа е малку во споредба со "лошотилукот и блудот кој бил поголем во земниот животот". Поп Костадин препорачува сите да бидеме во "милост и љубов меѓу себе, еден со друг да се поклонувате и поучувате со разум". Целото Слово изобилува со поуки околу лакомоста, нечесноста, зависта, озборувањето... . За подобар преглед на ова досега за малкумина познато слово во фрагмент ќе преставиме препис со читлив текст, во современа форма на еден краток дел од севкуното дело. 

Фрагмент-препис од ракописот "Слово на мртви погребение" од 1865 година напишано во Лазарополе од поп Костадин Мартинов Димкоски-Попоски.
"... живуват сега и мие должни да се опростиме со овја брат и да му речеме бог да те прости и мие чекаме да ни доет нашиот рет и нашата чаша и ако сакате и ако неќете ќа се пиет таја горка чаша никој не куртулисуват никому атер немат ни на богат ни на сиримах ни голем ни мал ни мож ни жена требет да сме во милост и љубов меѓу себе еден со друг да се поклонувате и да се почитувате со разум да оставиме високоумние и фодулокот и зависта и озборувањето и осуждението и лакомстото многу се грешни тие работи и али не зноеме мие еве коде гледаме овде пред нас во носилото како лежит брат наш мертов пред нас огледало наше еве четворица коде го носит зашто от четири страни е сотворен от земја вода и воздух и огонн и со бело платно сме го..."

обработил и подготвил

Мојсо Б. Поповски

*Црковниот одбор при храмот Св.Ѓорѓија-Лазарополе на 31.VII.2022 година донесува одлука целокупниот книжен фонд на црквата да ги додели на манастирската библиотека при манастирот Св.Јован Бигорски. Оваа одлука е еднострана без консултација со надлежните државни институции за заштита на историско-културните добра на Македонија. Целокупниот движен и недвижен имот на црквата во Лазарополе е под заштита на државата (од 30.IX.2014 под бр.533 список на објекти кои се прогласуваат за културно наследство на Македонија; или ако милувате таа е заштитена уште од 02.VIII.1841 во аманет од наишите стри), но не е под заштита на било која црковна институција а најмалку на манстирот. Верувам дека ова незаконито "предавање и чување на книгите" во најбрзо време ќе биде тивко "исправено", онака тивко како што беше предаден севкупниот книжевен фонд, книгите да бидат вратени во лазоровската црковна библиотека (забелешка Мојсо Б. Поповски).

**за називот ИКОНОМ и презимето ИКОНОМОВ кликни за повеќе информации.

***досега единсвен познат запис кае што името на Лазарополе е запишано како ЛАСОРОПОЛЕ.

Мојсо Б. Поповски

ПОВРЗАНИ ТЕКСТОВИ

АДЕТИ И ПЕСНИ КАЈ МИЈАЦИТЕ ЗАПИШАНИ ОД ПАНАЈОТ ГИНОСКИ И ВАСИЛ ИКОНОМОВ