ПАВЛЕ ГАВРИЛОВ КАРААСЕНОСКИ - КАРААСАН
(1869-1905)
(1869-1905)
Познат комита, а потоа војвода за време на предилинденскиот и поилинденскиот период.
Роден е во Лазорополе во 1869 година. По занимање бил мајстор. Во македонското револуционерно движење се вклучил доста рано, уште во 1899 година. Отпрвин бил обичен комита во четата на Јанаки Наќе Јанев од селото Лавчани. Особено голема смелост покажал при организирањето на Кичевско-Галичко-Реканскиот револуционерен реон. Според „Спомените“ на Апостол Христов Фрчкоски, поранешниот раководител на Галичко-реканскиот револуционерен подреон, Павле Караасеноски бил помошник војвода, заедно со тресончанецот Максим Ненов (Нинев) во познатата чета на кичевско-дебарскиот војвода Јанаки Јанев.
За време на Илинденското востание иако Лазорополе и Мијачкиот крај активно не учествуваат во востаничките збиднувања, тие имаат специјални задачи за заднинско обезбедување и дотур на матерјали кон Кичевско. На 4 август 1903 година Павле Караасан бил задолжен да го обезбедува караванот, кој го предводел галичанецот Апостол Христов Фрчкоски, револуциониот началник на Галичко-реканскиот подреон, со собраните 216 златни наполеони и останатите матерјални средства натоварени на 18 коњи, кои биле собрани од Мијачките села (Галичко-реканскиот реон) и кои што од Тресонче требало да се пренесат во Кичевско. Пренесувањето било успешно завршено, тие биле предадени кај селото Душегубица, Кичевско.
За предаденоста кон револуционерното дело на војводата Павле Караасан зборува и еден настан што се случил во 1903 година. Имено, тој го обезбедувал движењето на Лука Џеров - горскиот началник на Кичевско-Дебарскиот реон. При едно влегување во бачило каде што требало да отседнат, Павле забележал дека внатре има вооружени Албанци и прв отворајќи ја вратата со своето тело го штител Лука Џеров од евентуалното припукување. За среќа средбата не била насилна. За тој настан самиот Лука Џеров во своите спомени пишува: „Јас не можам да не се сетам на тој човек без да проронам една солза, за тој секогаш за жртва готов четник, чист и незлобен, како ангел, беззаветно предаден на делото.“
По трагичниот крај на Илинденското востание, тој заедно со повеќемина комити се засолнил во Бугарија, но сите тие веќе во зимата 1903/1904 година, започнале да се организираат за повторно враќање во Македонија. Во пролетта 1904 година од оваа група повторно се формира Реканската (Мијачка) чета, која по илегален пат се вратила во Мијачијата. Павле Караасан, заедно со сушичанецот Ташко Арсов со легален пасош успеале да се вратат дома. Заради неговата докажана храброст, тој бил особено сакан и почитуван меѓу своите соборци. Неговото долгогодишно учество како комита, го легитимирало како човек кој „го знае на прсти“ Галичко-реканскиот терен, па затоа тој бил избран за војвода на новооформената Реканска чета.
Околу датумот на смртта на Павле Караасан постојат дилеми. Според Георги Траичевъ во „Книга за Мияците“, Павле Караасан бил убиен од својот другар во четата на 16 мај 1904 година. Но, според Ефстатия Чальовски, Илюстрация Илинденъ кн.9 (109), стр.4 се зборува за една акција во која што учествува и Павле Караасан во септември 1904 година. Затоа, поверојатно е дека тој бил убиен подоцна.
Имено, авторитетниот војвода Павле Караасан заедно со својата Малореканска чета, често пати бил повикуван на советување и давања упатства од страна на Даме Груев и Христо Узунов. Во септември 1904 година Павле Караасан го обезбедувал движењето на Даме Груев од Кичевско, до мијачките села кои што сакал да ги посети. Во селото Селце настанала провала (бил фатен курирот на Организацијата), по што и тие биле откриени од страна на турците. Павле Караасан храбро ја бранел отстапницата на Даме Груев која тргнала кон Росоки, а тој самиот ранет во целата бркотница која што настанала, преку Росочки извори и Жигелица се нашол во Сушица каде го преврзале. За среќа не бил никој убиен, ниту фатен.
Павле Караасан бил убиен кај месноста Јанов Клаенец (најверојатно 16 мај 1905 година). Овој бестрашен јунак кој „ниеден куршум не праќал на празно“ не оставил никакво потомство, а во селото се памети дека неговиот имот (ливада) се наоѓал на самиот почеток на Горни Ливаѓе.
изработил Слободан Шошкоски
Извори:
Извори:
- Д-р Глигор Тодоровски, Малореканскиот предел, ИНИ, Скопје, 1970
- Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, македонска ризница, Куманово, 1995
- Ефстатия Чальовски, Илюстрация Илинденъ кн.9 (109), стр.4
- СПОМЕНИ на АПОСТОЛ ХРИСТОВ ФРЪЧКОВСКИ