ЛАЗОРОСКИТЕ ГЛАВАТАРИ

Лазороските главатари
(мухтари-коџабашии-кметови)
Ѓурчин Кокале (1775-1863) главатар во периодот 1807-1863
За неговото владеење излишно е секакво поопширно објаснување. Тоа едноставно може да се нарече период на напредок на Лазорополе (за поцелосни информаци Ве повикуваме да ја погледнете неговата биографија поставена на овој блог)
Двовластието во селото

Во периодот додека главатар на селото бил Ѓурчин Кокале, во селото се живеело во заедништво благодарение на неговиот од никого не оспоруван авторитет. Но, веднаш по неговата смрт во селото се издиференцирале две струи предводени од двата моќни родови во селото. Едните биле Кокалевците, кои што како наследници на Ѓурчина сметале дека имаат природно право да продолжат да ги раководат селските работи, но кои заради своето богатство и заради отуѓувањето од селаните и зближувањето со турските власти, сè повеќе станувале трн во очите на Лазоровци. Вторите биле Жунгуловците, кои се прогласиле себе си за вистинските наследници на традициите на Ѓурчина Кокале, набедувајќи ги Кокалевците дека скршнале од патот на Ѓурчина. Овој род кој речиси од секогаш имал авторитетни личности сега во своите редови го имал и архимандритот Теофил Аврамов Жунгулоски, кој во 1882 година со берат од Високата Порта бил произведен за словенски владика на Дебарско-Кичевската епархија.
Оваа неслога што постоела во селото била максимално искористувана од страна на турската власт, дебарските бегови, странските пропаганди и црковните влијанија. Па така, кога во 1870 година била формирана Бугарската Егзархија, Жунгуловците станале нејзини приврзеници, додека Кокалевците се определиле за Цариградската Патријаршија. Заради наметнување на нарушениот авторитет тие морале да бараат потпора во локалните моќници, сосема спротивно од дотогашната политика што ја водел Ѓурчин Кокале. На страната на Кокалевците биле дебарските бегови Афус бег, Сефедин бег и Абдураман бег, а на страната на Жунгуловците Шаќир бег. Дури и жените од селото полнеле вода на „Кокалеската“ или на „Жунгулоската“ чешма, во зависност кој род го поддржувале нивните семејства.
Се случувало понекогаш во селото да има не два, туку три или повеќе главатари избрани од оние семејства кои што се сметале за неутрални. Ваквите состојби траеле до почетокот на Балканските војни.

Тасе Салзданоски главатар во периодот 1868-1878
Тасе Салзданоски бил избран за селски главатар со помош на моќниот лазороски род Жунгуловци. Со овој избор не се согласувал родот на Кокалевците и нивните поддржувачи, па затоа тие си избрале свој главатар-мухтар-коџабашија-кмет на селото. Тасе Салзданоски останал на таа должност десет години сè до неговото убиство во 1878 година кај месноста Горен Лопушник.

Извор: Александар Матковски, Ѓурчин Кокале 1775-1863, ИНИ, Скопје, 209

Постол Ѓорѓи (18??-1886) главатар во периодот 1878-1886
Веднаш по убиството на неговиот претходник Тасе Салзданоски, за главатар на селото бил избран Постол или Апостол Ѓорѓи. И тој како и неговиот претходник бил избран со помошта на Жунгуловците и неговото главатарство го признавале само оние семејства што го поддржувале овој род. На ова место останал сè до 1886 година, кога бил убиен од Абдураман бег кој бил на страната на Кокалевците, а кој што всушност настојувал целото село да го стави под негова економска зависност.

Извор: Александар Матковски, Ѓурчин Кокале 1775-1863, ИНИ, Скопје, 211

Ѓорѓија Минов Кокалески (1826-1915) главатар е во периодот 1868-1900
Ѓорѓија Минов Кокалески бил избран за главатар на селото во 1868 година, од страна на Кокалевците и нивните поддржувачи. Во оваа иста година за главатар на селото бил избран Тасе Салзданоски. Но, тој бил избран со поддршка на моќниот род Жунгуловци. Кокалевците чувствувајќи дека тој ќе ги штити интересите на нивните опоненти, не се согласиле со овој избор, не го признавале Тасета за свој главатар и го избрале Ѓорѓија (Ѓурчиновиот внук од синот Мино) за главатар кој ќе се залага за Кокалеските интереси.

Извор: Александар Матковски, Ѓурчин Кокале 1775-1863, ИНИ, Скопје, 209

Јосиф и Ламбе Петреви
Во 1900 година од местото на селски главатар се повлекол тогаш веќе остарениот Ѓорѓија Минов Кокалески, а на негово место биле избрани браќата Јосиф и Ламбе Петреви. Тие биле избрани со помош на Кокалевците. Сепак постојат одредени недоречености за тоа од која година точно започнале да ја извршуваат оваа должност, дали тоа било од 1900 или пак од 1902 година. Исто така нејасна останува и годината кога престанале да ја вршат оваа должност.

Извор: Александар Матковски, Ѓурчин Кокале 1775-1863, ИНИ, Скопје, 212-214

Ѓорѓи Улуфоски Улуфот главатар во 1907, можеби и пред тоа
Точниот период на неговото кметување не можеме да го определиме, но во секој случај со сигурност знаеме дека, ако не претходно, ама во 1907 година поддржуван од моќниот род Кокалевци бил главатар-мухтар-кмет на селото. За времето на неговото кметување тој од страна на спротивниот табор предводен од родот Жунгуловци бил клеветен дека од заедничките селски пари имал злоупотребено 450 турски лири.

Извор: Извештајот на архиерејскиот намесник иконом Стефан за состојбата во Лазорополе во 1909 година. Публикуван во книгата на Александар Матковски, Ѓурчин Кокале 1775-1863, ИНИ, Скопје, 216-218

Коста поп Теофилов Попоски-Жунгулоски (1878-1940) главатар од 1909 - можеби сè до почетокот на Балканските војни
Во 1909 година, Коста поп Теофилов, кој дотогаш бил учител во селското училиште, од страна на Евстатија Марков Жунгулоски, кој управувал со училиштето во селото бил отстранет од местото учител во Лазороското училиште и бил пратен да биде учител во Галичник. Но, Коста поп Теофилов одбил да замине, ја откажал учителската служба и веднаш истата 1909 година станал мухтар-главатар на селото поддржан од моќниот род Кокалевци. Зошто дошло до ваков развој на настаните, ако се знае дека и Коста поп Теофилов е припадник на Жунгуловците, засега не можеме да дадеме задоволителен одговор. Можеме само да претпоставуваме дека се работело за тоа кој ќе ја преземе водечката улога во рамките на Жунгулоскиот род, Евстатија М. Жунгулоски успеал да издејствува отстранување на својот конкурент (Коста поп Теофилов) од селото, овој тоа не го прифатил и како контраудар станал главатар со помош на Жунгулоските опоненти Кокалевците.

Извор: Александар Матковски, Ѓурчин Кокале 1775-1863, ИНИ, Скопје, 215, 217 Извештајот на архиерејскиот намесник иконом Стефан за состојбата во Лазорополе во 1909 година

Како лазороски главатари – коџабашии, во колективното паметење на Лазоровци остануваа запаметени и имињата на Димо Ажиески, Јосе Ажиески, Серафим Дракулоски, Анастас Петкински, Јосе Буќински, Василко Икономов, Ламбе Струшоски и Антим Велчоски (1876-1944), но за некои од нив потребно е да се провери дали навистина биле главатари или пак само помошници - ази, додека за другите потребно е да се определи временскиот период на извршувањето на главатарската функција.
изработил Слободан Шошкоски

ТЕШКИОТ ЖИВОТ НА ЛАЗОРОВЕЦОТ

Povratesko,s. Lazaropole

Macedonia Time Lapse - Sunset after Snowfall HD - Lazoropole - Kolevski Voislav - Vojce

Macedonia Time Lapse - Panorama of Lazoropole HD *** Kolevski Voislav - Vojce

ИЛИНДЕН 2012_МАЈОВЦИ_МАНУКОТ

Lazaropole Sokolica Лазарополе Соколица

Крсте Коловски - автор на фреските од Св. Димитрија

Св. Јован Бигорски

Св. Јован Бигорски
www.bigorski.org.mk

MAKEDONIJA PAT

MAKEDONIJA PAT
МАКЕДОНИЈА ПАТ

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана
www.ilinden-tirana.com

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!
Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река! ДАДЕТЕ ВАШ ПРИДОНЕС, ПОТПИШЕТЕ ЈА ПЕТИЦИЈАТА! Save Nacional Park Mavrovo!!! Make your contribution please SIGN THE PETITION!

Blog Post