МИЈАЧКА ИЛИНДЕНСКА ЕПОПЕЈА - ЧЕТАТА НА МАКСИМ НЕНОВ ВОЈВОДА ОД ТРЕСОНЧЕ

види линк ЗОРАТА СЕ ЗАЗОРИ (СТАНИ СТАНИ МАКСИМЕ)
Максим Војвода бил македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на МРО. Максим Нинев - Војводата е роден во Тресонче во 1870 година. ај народот е познат како Максим Војвода, а академиците и уметниците го познаваат како Максим Зографот. Роден е неколку години пред формирањето на ТМРО на која и се приклучил откако наполнил дваесетина години. Во селото го завршил основното образование, но се истакнувал како момче кое ја сака книгата и црквата, па набрзо станал ученик на зографот Дичо Зограф (кој е од истото село). До својата дваесетта година веќе станал сосема солиден живописец и калиграф, па како и поголемиот број тресончани заминал на печалба во некоја од соседните држави. Негова станица била Бугарија, односно градот Стара Загора, каде станал доста баран зограф и ѕидар.

Откако се вгнездил во Бугарија се поврзал со останатите Македонци кои како и тој самиот таму биле на печалба. Но, некои од нив таму биле и заради обезбедување поддршка за кревање на големото востание во Македонија. Се поврзал со нив и во 1899 година бил поставен за војвода на две реканско-дебарски чети. Откако и пристапил на Организацијата неколку пати се враќал во Тресонче и во реканскиот крај заради организирање на четите и востаниците, мобилизирајќи Мијаци (види линк: ИМЕТО МИЈАК-МИЈАЦИ ВО ЛИТЕРАТУРАТА ОД КРАЈОТ НА XIX И ПРВАТА ПОЛОВИНА НА XX ВЕК) и дебарчани. Во тие години почнал и за првпат да се судира со турските војски, но и со качачките банди. Целата 1902 година ја минал на чело на Првата чета Мијаци низ реканско-кичевските планини, често пати сардисуван од качаци - Малесори (од областа Малесија во Албанија) кои на луѓето од Бистра им биле познати како озлогласени разбојници. Но, во меѓувреме во врвот на Организацијата се случуваат големите провали, смртта на Гоце Делчев, навлегувањето на врховистички елемент во македонското-ослободително движење. Најнапред Максим не бил свесен за таквата реалност, па дејствувал под нивната капа, но подоцна ја увидел опасноста од врховистите по однос на македонското револуционерно движење и заедно со Јордан Пиперката, а во 1902 година ја распуштил Првата мијачка чета и заминал во Бугарија да провери како стојат работите во врвот. Откако видел дека во организацијата бугарската пропаганда станала силна, на своите Мијаци им ја објаснил опасноста и од нив формирал нова чета од Мијаци - печалбари. Новата чета ја формирал на 22 мај 1903 година во селото Владаја, крај Софија. аа броела повеќе востаници од првата, односно 53 мажи. Негов заменик бил Димитар Арсов (види линк: ДИМИТАР АРСОВ МИТРЕВ (1873-1903)), учител од Лазарополе, доста значаен за историјата поради дневникот што го водел од формирањето начетата до нејзиниот трагичен крај истата пролет. Истиот ден турските и бугарските шпиони дознале за формирањето на четата, кои откако го бакнале револверот и камата на Организацијата го изиграле и Тешкото - мијачко оро (види линк: ТЕШКОТО) што се игра свирено од зурли и тапани. Откако завршило постројувањето на востаниците, Максим Војвода го повел кон бугарско-турската граница за да влезат во Македонија.
Шест дена и требала на четата за да стигне до границата, минал и празникот Света Троица. На 29 мај 1903г. ја минале реката Брегалница и влегле во Македонија искачувајќи ја планината Голак на 1585 метри. Ноќта паднала, па востаниците на Максим легнале да отспијат. Во дневникот на лазоровецот Димитар Арсов останало запишано и со какво оружје располагале четниците: 14 пушки малихерки со вкупно 4.000 куршуми, 24 пушки Мартинки со 5.000 куршуми, 3 српски Маузерки со 750 куршуми, 5 пушки Кримовки со 1.000 куршуми, 53 пушки и околу 11.000 куршуми, 29 рачни бомби, 2 kg динамит, 20 револвери со околу 100 куршуми за секој од нив и ками. За 2 Манлихерки им фалеле бајонети.

ОД ДНЕВНИКОТ НА ЛАЗОРОВЕЦОТ
"Станувајте аскер!!! - извикал уште во мугрите еден од стражарите додека востаниците спиеле. На оружје браќа, напред на позиции. Пустите, многу рано нî најдое. Огон да го изгори кој ни предаде - рекол војводата. Утрото наближувало околу 7 часот кога веќе сите биле на своите места. Од доловите на Голак се слушале турските воени труби, а аскерот веќе бил на околу 8.000 чекори од ридот Чавките, каде востаниците ја минале ноќта"

Дневникот на лазоровецот понатаму ја раскажува битката:
"Првиот истрел беше со руска Кримовка, чиј глас е како да е од топ во однос на турските Маузери. По тој наш истрел, почна пукотницата од обете страни, измешани со повици ураа со гласот на Војводата, кој повторуваше да се гаѓа, а не само да се пука. Веднаш потоа, истрели се почувствуваа од сите страни. Денот станува си потопол. Не дува никаков ветрец. Земјата си уште испушта пареа од топлината, па станува уште понепријатно на позициите. Горештината околу 10 часот почнува дури и да задушува. Борбата од час в час станува си пожестока, а на војводата му стигнуваат абери дека во далечината се гледаат нови колони турски засилувања. Се чини како противникот да не знае каква е нашата големина, па се впушта во приближување до нашата позиција. Ги има околу 3.000 души. Војводата испраќа неколку поединци да се огласат со истрели од подалеку од нашата положба за да изгледа сме поголема група од една чета. Наскоро дадовме и први жртви. Паднаа Марко Росочки и Добе од Тресонче, Марко погоден во главата, а Добе пронижан во градите. Шо ти е бре Добре - го праша неговиот соселанец Пандил, а овој му одговори: Ме рание во левата рока, немат нишчо, сеа ќа стана, само малу да полежа, удрите вие, удрите.... Тоа го рекол и ја испуштил душата без да офне. Време ручек е, а бојот уште повеќе се засилува си до два часот попладне. Потоа следеше свиреж на труби, една по друга. За момент од кај низ сопре стрелбата со пушките и започнаа топовски истрели за вознемирување од кои немаше поголеми ефекти кај востаниците. Се кренаа праови од песокот си додека не ги нанишанија подобро нашите позиции. Потоа истрелите стануваа си попрецизни. Од ситните камења од експлозиите се посериозно сме загрозувани по телата и по лицата. Ќепињата и белите бечви станаа жолто-црвени од прашината што се креваше. Топовската каноната замолкна, па забележавме движења на аскерот. Се договараат за јуриш. Првиот јуриш го одбивме. Пукаат без нишанење само за и ние да им одвраќаме, но Војводата ни предупредува да штедиме муниција. Пукаме само во месо, кога гледаме човечки прилики во непосредна близина. Од горната позиција Спасе Глигоров - Гудурот ни предупредува дека Турците на нивната страна се на дваесетина метри и се подготвуваат да јуришаат. Некои предлагаат да ја напуштима позоцијата и да се префрлиме во црнтралната каде што е Војводата. Друг предлага да се испотепаме со револвери да не паднеме в турски раце. Војводата не одобри ниту еден од предлозите и рече: Подобро е да истепаме што повеќе душмани, оти смртта и така и така не можеме да ја избегнеме. Мртвите потоа се зголемуваа и на наша, но и на турска страна. Наскоро паднаа Петре Спасов - Софрониев, Ефто Чадија, а загина и Спасе Глигоров - Гудурот. Беше околу пет часот кога се чу глас од еден од четата упатен до подвојводата. Чичко Митре, овде ќа ни истепаат како глувци. А на тоа овој му одговори: Каде е Максим, нека не дреме заедно со тие околу него, нека ви помогнат. Максим, моментно зафатен со разговор со еден од борците кој нешто го прашуваше, со едното уво го слушна предупредувањето на својот помошник, подвојводата Димитар Стефанов и без размислување, како молња скокна од позицијата на нозе. Но, штом пречекори чекор-два за да види што се случува на левото крило од централната позиција, со два истрела беше застрелан во градите. Не падна веднаш, туку чекореше уште толку да стигне кај загрозените другари и таму падна ничкум дочекан од еден од борците со зборовите: Зошто бре војводо дојде баш кај нас да умреш? Не доби одговор, туку само мафтање со раката и со поројни солжи ја испушташе својата јуначка душа на ридот Чавките"...

Крајот на битката
"Денот речиси се наближува кон своето смирување, а бојот како сî повеќе да се засилува. На еден од куририте што се наоѓаше на централната позиција една граната му ја откина ногата. Беше веќе седмиот час навечер и тогаш сите почувствувавме поддувнување на ветрец што добро ни дојде. А, бевме навистина изморени, испотени, неспани и гладни. На позицијата на левата страна состојбата беше уште полоша зашто немавме вода. Стрелбата на топовите како да го достигна зенитот сега на сите страни на позицијата. Небото го покрија црни облаци, како и тоа да нî жалеше. За да внесам макар и малку ведрина им довикнувам на тие што можеа да ме чујат: "Помош, помош идет!" "Од коде?!" - ме прашаа другите. "Одозгора, зар не гледате? Ќа се стемнит, ќа заврнет, ќа згаснет месечинана и барем неколку од нас ќа куртулит!". Наполно се стемни, мракот ги сокри позициите, се огласуваат тук-таму истрели од пушки, но без ефект. Сето останато четата го остава на боиштето. Да се остане и понатаму на боиштето е погубно. Почна повлекувањето, кога повторно започна бојот. Заврши муницијата, па почнавме да фрламе и со камења. Тие што останаа живи врват кон југоисток низ шумата за да најдат некаков пробив. Некои се раштркаа. Прескокнав едно поточе, се напив вода, цел ден жеден и дури пред зората во тоа мое лутање утврдив дека сум доста оддалечен од местото на вчерашниот бој. На "Чавките" останаа 18 мртви другари, а бројот на ранетите и загубените како мене, во овој час не го знам. Беа деветмина ранети"

Тука некаде завршува дневникот на Димитар Арсов што брои 44 страници. На крај се наведени имињата на востаниците кои загинале на ридот: - Максим Нинев - Војводата (с.Тресонче), Петре Јуруков (с.Тресонче), Добе Јосифов (с.Тресонче), Ефто Ристов Чалија (с.Лазарополе), Спасе Глигоров - Гудурот (с.Лазарополе), Никола Долев (с.Лазарополе), Милош Митрев (с.Сливен), Ѓорѓе Сливенски (с.Сливен), Димитар Стефанов - Подвојводата (с.Јабланица), Софроние Спасов (с.Осој), Марко Ристов - Дадара (с.Росоки), Марко Росочки (с.Росоки), Доле Ехлоски (с.Ехловец), Милош Богданов (с.Годивје), Ташко Цветков (с.Гари), Ристо Китанов (с.Долно Косоврасти), Анѓеле Ѓоргоски (с.Селце), Марко Урдарески (с.Рајчица). До разделбата во ноќта 29 и 30 мај 1903 одина во дневникот на лазоровецот стои дека биле ранети девет четници, но не ги наведува по име и презиме, ниту пак, дали тие биле извлечени од боиштето. За загинатите вели дека на планината Голак останале незакопани.
препорака - види линкови:

ТЕШКИОТ ЖИВОТ НА ЛАЗОРОВЕЦОТ

Povratesko,s. Lazaropole

Macedonia Time Lapse - Sunset after Snowfall HD - Lazoropole - Kolevski Voislav - Vojce

Macedonia Time Lapse - Panorama of Lazoropole HD *** Kolevski Voislav - Vojce

ИЛИНДЕН 2012_МАЈОВЦИ_МАНУКОТ

Lazaropole Sokolica Лазарополе Соколица

Крсте Коловски - автор на фреските од Св. Димитрија

Св. Јован Бигорски

Св. Јован Бигорски
www.bigorski.org.mk

MAKEDONIJA PAT

MAKEDONIJA PAT
МАКЕДОНИЈА ПАТ

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана
www.ilinden-tirana.com

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!
Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река! ДАДЕТЕ ВАШ ПРИДОНЕС, ПОТПИШЕТЕ ЈА ПЕТИЦИЈАТА! Save Nacional Park Mavrovo!!! Make your contribution please SIGN THE PETITION!

Blog Post