Главино Село и Калина Дупка

Главино Село и Калина Дупка


Во непосредната близина на Лазорополе, како можност за полудневна рекреативна прошетка по прекрасна букова шума, се наоѓа мијачката престолнина, старото и сега веќе запустено село, чиешто име самото по себе зборува за значењето што тоа го имало во оваа околина – Главино Село. Стигнувањето до него води преку необележана планинска патека која за оние што ја познаваат локалната лазороска топонимија нема да претставува никаков проблем, а за сите останати кои што имаат помалку авантуристички дух во себе, препорачливо е со себе да поведат некој кој го знае патот до таму. Точната локација на ова интригантно напуштено село, кое сега речиси во целост се стопило со природата, се наоѓа во подножјето на познатата карпа Соколица, која се гледа од самото село и која секој Лазоровец ќе знае да Ви ја покаже. Напоменуваме дека патот до Главино Село е всушност истиот пат по кој се стигнува до пештерата Калина Дупка, уште едно интересно место за посета. Патеката започнува веднаш над селото и преку месноста На Крс, се следи патеката која што води кон блиското црквиче Света Петка. Малку подолу од новопоставената базна станица за мобилна телефонија патеката се дели на два правца на движење. По тој што продолжува право надолу и кој е обележан со извиднички знаци за следење на правец на движење се стигнува до црквичето Света Петка. По другата патека што скршнува во десно, се движите по патот кој води до селото Росоки. Преку месноста викана Мачкино, следејќи ја разгазената патека којашто во летните месеци бујната вегетација речиси во потполност ја затскрива, патот Ве води низ букова шума, неколку пати излегувајќи на мали планински ливади, за потоа повторно да Ве врати во шумските сенки. По патеката се сретнуваат големи камења кои се откршиле од надвиснатата Соколица и си го нашле сопствениот пат до долу. Кога шумската патека ќе Ве донесе до извори од кои што преку целата година тече студена вода, тогаш можете како награда да се освежите, бидејќи сте стигнале на посакуваното место. Дури и овде на изворот на оваа вода, извежбаното око може да забележи меѓу многуте испревртени камења, остатоци од камени темели. Овие остатоци од работен-делкан камен се појавуваат доколку барем малку се расчисти бујната вегетација, која особено со летниот период целосно ги затскрива контурите на она што некогаш најверојато била воденица, изработена од човечка рака од некој жител на Главино Село.

Главино Село

Следејќи го движењето на водата, која од изворчето слободно се движи надолу наоѓајќи си го сопствениот пат до самото подножјето на оваа планинска страна, се забележуваат уште мноштво испревртени камења. Пролетните води, кои во извесни периоди знаат да бидат и многу силни и бујни, како и неколку вековното слободно растење на дрвјата, во целост ги испревртеле, разурнале и се стопиле со некогашните ѕидови од камените куќи на Главино Село. Било какво лоцирање на куќи или други објекти е речиси невозможно, зашто шумата си го повратила тоа што некогашните Главиноселци и го одзеле на неа, за да можат да си ги изградат сопствените живеалишта. Сè што може да се забележи се само неколкуте најупорни остатоци на камените ѕидови, кои обраснати во мов и во чудесна симбиоза со стеблата на дрвјата уште еднаш не судираат со безмилосното итање на времето и речиси парадоксалната моќ на човековото постоење. Меѓу сиот тој густеж на дрвја, трева, мов и камења се појавува една чистинка за која што се претпоставува дека го претставува центарот на селото. Неколкуте ореови стебла изгледа како да се засадени од човечка рака во некои дамнешни времиња и кои опстанале за да ни го раскажат преданието за ова ислкучително село, но нивните кажувања тешко допираат до нас зашто неколкуте брзи потоци со својот шум го надгласуваат неколку векови старото глаголење на остарените стебла. Навистина, сè тече, сè се менува!
Самото Главино Село не било обично село, туку како што му кажува и самото негово име тоа било главно село престолнина меѓу Мијаците, зашто во него живееле мијачките главатари, таму се чувал главниот мијачки бајрак и од таму се осмислувала политиката и стратегијата што сите останати мијачки села биле обврзани да ја следат. Тие се доселиле на овие простори доаѓајќи од правец на запад, од некогашниот епископски и културен центар Главиница - Балша на албански - чело, челник (кој се наоѓа на територијата на денешна Република Албанија), со себе пренесувајќи го и името. Тоа ќе Ви го раскажат сите поучени и постари Мијаци доколку ги прашате нешто за Главино Село, но за тоа кога, како, под кои историски услови тие биле приморани да ги напуштат дотогашните нивни места на живеење и како се викале мијачките главатари, тоа се прашањата кои бараат натамошни историски одговори и потврди доколку сакаме да одиме подлабоко во мијачката историја. Страшната судбина што го снашла ова село, а која што ја знаеме само од преданието за Калина Дупка, зборува за постојаната несигурност и тешкиот живот што го живееле овие луѓе, кои знаејќи за непредвидливоста на судбината решавале на неа да и се спротивстават со своето заедништво, а доколку понекогаш и не успееле во тоа, секогаш биле подготвени да започнат одново.

Калина Дупка

Доколку сакате да ја посетите познатата пештера Калина Дупка, тогаш од местото каде што се наоѓаат изворите со вода, потребно е патот да го продолжите скршнувајќи десно, по што веднаш започнувате да се искачувате нагоре. На ова искачување потребно е многу да се внимава зашто за жал не постои било каква патека што ќе Ве однесе до влезот на пештерата туку ќе бидете приморани да чекорите по расфрлани камења, коишто честопати знаат да бидат лизгави и несигурни. Во овој правец се движите не повеќе од десетина минути внимателно искачување, на коешто при последните неколку метри расфрланите камења се заменети со земјена патека која директно Ве носи до влезот до пештерата. Самиот влез е многу низок така што доколку сакате да влезете во неа ќе Ви биде потребно значително наведнување. Важен совет е дека не треба да заборавите со себе да си понесете и топла облека зашто внатрешноста на пештерата е релативно студена, особено во летниот период, кого Ви го препорачуваме како најдобро време за посета на Калина Дупка, разликата на надворешната и внатрешната температура во пештерата е значителна. Веднаш откако ќе влезете во пештерата се наоѓате во една релативно голема просторија во чија што средина се наоѓаат влажни грамади на камења, по краевите на оваа просторија се наоѓаат интересни камени форми создадени од долгиот природен процес на седиментно таложење, а на подот можат да се забележат истапкана земја, камења и камени блокови, остатоци од коски и фрагменти на, најверојатно, искршена керамика. За воопшто нешто да можете да видите од пештерата пред сè Ви е потребно осветлување (батериска ламба).
Откако ќе се влезе во пештерата, од левата страна постои патека која води во нејзината внатрешност, но секое понатамошно навлегување во пештерата препорачливо е да се изведува со потребна опрема и во група од неколкумина. Целата пештера е преполна со тесни патеки во коишто многу лесно можете да се загубите. За да не дојде до тоа потребно е секогаш со една рака да ја држите жицата која што се наоѓа во вториот влез во пештерата и која што служи како водич низ на моменти многу тесните процепи кои Ве водат сè подлабоко во нејзината внатрешност. На оние покрупните, децата, како и на оние што страдаат од клаустрофобија топло им препорачуваме да ја пропуштат оваа авантура која може да има и несакан крај. За сите останати, секое движење без потребната опрема за вакви спелеолошки експедиции е на нивна одговорност. Откако ќе се помине низ неколку навистина тесни процепи, кои што од Вас ќе бараат буквално да ползите за да можете да ги поминете, ќе навлезете во една поголема просторија исполнета со вода, каде пак што се наоѓа висока и многу влажна карпа која навистина нема да можете да ја поминете без спелеолошка опрема. Оние со авантуристички дух во себе искрено ги советуваме тоа да биде и крајот на нивното истражување на пештерата.
Пештерата Калина Дупка за секој роден Лазоровец, но и за оние коишто водат потекло од Лазорополе и коишто го слушале преданието или легендата за момата Калина, има исклучително значење. Ова предание се пренесувало од колено на колено и имало за цел длабоко да се вреже во колективното помнење на сите Лазоровци, затоа што зборува за нивното потекло и нивниот идентитет. Важна улога во пренесувањето на преданието за Калина Дупка имале жените, кои на своите деца и внуци постојано им ја раскажувале оваа легенда, која надополнета со кажувањата за случките од животот на првенецот Ѓурчин Кокале, како и од зачудувачкото мноштво на приказни и преданија им биле така речи задолжителни „приказни за пред спиење“ на малите лазоровчиња.
Постојат повеќе мистерии што чекаат да бидат откриени и истражени, Вие посетете ги барем овие.
изработено од Слободан Шошкоски

ТЕШКИОТ ЖИВОТ НА ЛАЗОРОВЕЦОТ

Povratesko,s. Lazaropole

Macedonia Time Lapse - Sunset after Snowfall HD - Lazoropole - Kolevski Voislav - Vojce

Macedonia Time Lapse - Panorama of Lazoropole HD *** Kolevski Voislav - Vojce

ИЛИНДЕН 2012_МАЈОВЦИ_МАНУКОТ

Lazaropole Sokolica Лазарополе Соколица

Крсте Коловски - автор на фреските од Св. Димитрија

Св. Јован Бигорски

Св. Јован Бигорски
www.bigorski.org.mk

MAKEDONIJA PAT

MAKEDONIJA PAT
МАКЕДОНИЈА ПАТ

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана
www.ilinden-tirana.com

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!
Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река! ДАДЕТЕ ВАШ ПРИДОНЕС, ПОТПИШЕТЕ ЈА ПЕТИЦИЈАТА! Save Nacional Park Mavrovo!!! Make your contribution please SIGN THE PETITION!

Blog Post