Илија Димовски
Поуките од Лазарополе
Со децении инвестиравме во развој на градовите на сметка на селата. Грешката не може да се исправи, но може да се поправи
Во моменти кога сите зборуваат и дебатираат за проблемот со Грција, во моменти кога можеме да прочитаме и да слушнеме милион идеи како треба да пристапиме и да го решиме проблемот со нашите соседи од Грција, јас одлучив да не пишувам на таа тема. Нека биде тоа еден мал, но мој отпор кон општата психоза, која очигледно сакаат да ја создадат одредени центри во Македонија.
Пред околу два месеца патот ме одведе во Лазарополе, прекрасно село на падините на Бистра. Многу познато, но и по многу нешта карактеристично село. Ова македонско село претставува симбол на многу типични елементи. Симбол е на природните убавините, симбол е на етнокарактеристиките, симбол е на традицијата, но симбол е и на запоставеноста и депопулацијата, за жал, симбол најмногу е на неискористеноста на неговите потенцијали. Првичната убава импресија ме натера и подоцна, па и денес да размислувам за Лазарополе, но не како за поединечност, туку како за пример и типизирана претстава за македонската приказна.
На ум ми дојдоа две слики. Првата замислена слики е некаде пред педесетина или повеќе години кога, според кажувањата, Лазарополе броело над пет илјади луѓе, имало своја економија и свое земјоделско, сточарско, па дури и индустриско производство. Лазарополе имало потенцијал да живее, да расте и да се развива. Лазарополе можело да стане убаво, типично туристичко гратче, со кое ќе се гордеевме сите, па и ние кои немаме никаква релација со него. Тоа, всушност, е втората слика. Убава слика, но и слика полна со чуден јад и разочарување за сите изгубени години и шанси за разумен и здрав развој на Македонија.
Кога би прошетал низ повеќе места во нашата држава веројатно ќе се соочам со исти или слични впечатоци. Ќе се соочам со исти или слични чувства. Многу пропуштени години, многу пропуштени децении, многу изгубени жаришта, многу изгубени шанси. Колку е силен тој впечаток кога би бил во Берово, во Пехчево, во Крушево, во селата под Плачковица, во селата околу Богомила, во Мариово, во Дебарца, во Малесија или Копачка... По малку жално. Погрешен пристап низ годините како последица на недостаток од визија и недостаток од компаративни искуства. Фактот дека сме дозволиле да немаме полицентричен развој, а се' што било можно сме инвестирале во моноцентричниот развој на државата ја покажува нашата грешка во текот на овие години. Грешка што не може да се исправи, но грешка што може да се поправи.
Многумина од нас што сме имале можност да влијаеме на општите процеси во државата сме го користеле тоа, но многумина, пак, си дозволиле луксуз да не работат на остварувањето на идеите и намерите поради кои ја добиле можноста да предводат одредени постапки. Секојдневно се соочуваме со тековни проблеми, секојдневно се соочуваме со системски проблеми, со социјални прашања, со невработеност. Но, тоа не ни ја дава слободата да не размислуваме, а уште помалку да не работиме и на стратешки приоритети за нашата држава.
Оваа политичка гарнитура, која моментно управува со државата, првпат застана и погледна малку пошироко од Скопје, иако е обвинета дека премногу се занимава со изгледот на централниот сегмент од Скопје. Оваа политичка гарнитура првпат погледна кон пошироката македонска основа. Последниве неколку години се почнати процеси во повеќе сегменти од управувањето со државните потенцијали, кои покажуваат очигледен интерес на доминантната политичка структура кон полицентричниот развој на државата. Тие процеси не се сконцентрирани во еден, два или три сегменти од државната управа, туку се појавуваат од повеќе страни на системот. Политиките во образованието, политиките во културата, во урбанизацијата и во градежништвото, политиките во туризмот, во спортот, во здравството и во економијата се доказ дека станува збор за системски, а не поединечен пристап кон ова прашање.
Во образовниот систем се инвестира во отворањето на многу нови наставни насоки во средното образование низ повеќе градови во државата. Се инвестира во инфраструктуралната база на образованието, многу повеќе од кога било досега. Отворени се многу нови факултети и дисперзирани студии речиси во сите градови во Македонија (за нив, лажната елита дури и се подбива и се потсмева, но ако...), кои им овозможија на илјадници млади луѓе полесно да доаѓаат до своето образование. Во културната политика се гледа елементот на полицентричност со политиките за инвестиции во културата низ повеќе места во државата. Охрид продолжува да ја добива својата поддршка, но покрај него тука веќе се наредија и Стоби, Вардарски Рид, Виничко Кале, театарот во Велес, библиотеката во Тетово, повеќето фестивали во Прилеп и уште многу други позитивни примери.
Државата почна неколку габаритни проекти во областа на градежништвото и инфраструктурата. Дел од нив веќе се реализираат во практика, како оној за санација и реконструкција на многу регионални патни правци. Но, има и проекти кои се пред стартот како, на пример, проектите за изградба на патната локална мрежа во голем број општини и проектите за изградба на водоводни и канализациони системи во поголем број населени места низ државата. Во најава е и изградба на повеќе автопатишта низ целата територија на Македонија по системот на концесионерство. Кога овој проект ќе биде завршен, ќе разбереме кое е неговото огромно значење за полицентричниот развој на Македонија.
Македонија првпат формира агенција за поддршка на туризмот, но, за среќа, нејзиното седиште го лоцира во Струга. Македонија првпат пушти во употреба толку голем број спортски објекти. Почнувајќи од спортската сала „Борис Трајковски“, но завршувајќи со многу фудбалски терени во малите општини на истокот.
Оваа тенденција е одлична. Можеби се' уште не доволна, но е значајна. Оваа тенденција не ги зема суровите бројки за пример како треба да се инвестираат државните пари. Оваа тенденција е базирана на добри искуства и уште подобра желба за развој на потенцијалите на државата. Оваа тенденција не смее да создаде отпор кај граѓаните на Скопје, кој впрочем е еден мал конгломерат од сите вредности, традиции и инвестиции од целата територија на Македонија. Можеби сега е времето кога Скопје ќе почне да им возвраќа на сите други.
Треба да бидеме искрени дека ова се почетоци на реализацијата на една нова политика. Нема да биде доволна ниту една година, ниту еден мандат. Оваа политика треба да стане пример за сите идни политички структури што ќе треба да знаат да продолжат да ја менуваат Македонија на подобро.
(Авторот е пратеник)