АРХИМАНДРИТ аџи СИМЕОН СЛЗДАНОСКИ

АРХИМАНДРИД аџи СИМЕОН СЛЗДАНОСКИ(1795-1895)

Роден е во Лазорополе, во пролетта 1795 година, од татко Кузман Слзданоски и мајка Велика Жунгулоска (ќерката на Жунгула зачетникот на еден од најмоќните родови кои што се доселиле во Лазорополе). Уште како дете бил испратен во манастирот Св.Пречиста Кичевска, познат порано и како Крнински манастир. Овој манастир, заедно со Св. Јован Бигорски, биле најважните културно-просветни центри, од каде што се ширела словенската писменост, во цела западна Македонија. Тоа било средиштето каде што талентираните деца се подготвувале да станат свештеници и учители. Токму во оваа средина се подготвувал и аџи Симеон Слзданоски, каде и што се замонашил. Не е јасно кои биле должностите што ги извршувал аџи Симеон во манатирот. Ниту пак е јасно кога бил во посета на Господовиот гроб, за од тој аџилак да ја донесе титулата аџија. Но, со сигурност се знае дека тој станал игумен на манастирот Св. Пречиста Кичевска. За време на неговото игуменствување, кое што траело подолг период, лазоровци, овој манастир уште го нарекувале и „нашиот манастир“. Во него, во неговите конаци најубавата централна одаја, секогаш била резервирана за селаните од Лазорополе. Но, ваквата почест лазоровци самите ја заслужиле. Имено, познато е дека овој манастир низ историјата честопати бил разурнуван, опожаруван, пљачкан и запустуван од албански арамиски банди. Така и по четвртото опожарување на манастирот, кое се случило во 1848 година, а кое го извршиле разбојници од селото Другово, агилниот игумен аџи Симеон повторно започнал да го обновува. Но, покрај желбата која што била голема кај игуменот, потребни биле и средства кои што тој ги немал. Затоа, тој му се обратил за помош на авторитетниот Ѓурчин Кокале коџабашијата лазороски и првенецот мијачки, но и на другите мијачки првенци Сарџо Брадина од Тресонче и Тодор Томоски од Галичник. Тие им наредиле на селаните, со своите коњи да носат камен-бигор од Тресонче и Добреновец во манастирот, секогаш кога одат на пазар во Кичево. Покрај ова, по иницијатива на овие првенци, селата за овој манастир давале колективни прилози. Така во 1850 година, Лазарополе дало 500 гроша, за да се направат конаци („одаи“). Благодарение на залагањата на аџи Симеона, се знае дека во овој манастир работело и манастирско училиште и книговезница. Познато е дека аџи Симеон Слзданоски, во 1869 година, од некој постар ракопис препишал текст насловен како „Наши поученија“, а којшто бил напишан на македонски говор, мијачки дијалект. На почетокот на овој ракопис, на неколку страници се наоѓала Пофалба на Пресвета Богородица и неколку молитви. Вториот дел се состоел од осум поглавја во кои се расветлувале познати настани од минатото на Дебарско-Кичевскиот крај. Првото поглавје започнувало со легендата за постанокот на неговото родно село Лазорополе, а потоа по систематизиран ред, хронолошки, била презентирана историјата за постанокот на градовите и поголемите села во Дебарско-кичевската епархија. Во второто поглавје биле опишани честите разурнувања на манастирот Пречиста, кои биле вршени од лошите турски и од арамиските банди од северна Албанија. Во третото поглавје аџи Симеон ја опишувал борбата што ја воделе верниците од Дебарско-кичевската епархија против Грците и гркоманите, со единствена цел да се зачува словенската црковна култура и традиција. На крајот од овој ракопис, тој им давал упатства на учениците како најлесно да научат да читаат, пишуваат и сметаат. Овој ракопис во времето кога што бил направен нашол голема примена во народните училишта во Кичевско. Делови од ракописната книга „Наши поученија“, за која што не се знае ништо поконкретно за судбината на оригиналот и преписите, познатиот учител и летописец Коста поп Теофилов Попоски, видел и во Поменикот на манастирот Пречиста, напишана од раката на еромонахот, аџи Симеон Слзданоски. Содржината на овој запис, тој ја препишал во 1900 година, кога учителствувал во манасторот Св. Пречиста Кичевска. Аџи Симеон Слзданоски од позицијата игумен на манастирот Св. Пречиста Кичевска, водел остра борба против грцизмот. Тој својата борба ја кооординирал со веќе нараснатото антипатријаршиско движење, кое било раководено од лазоровецот аџи Теофил Аврамов Жунгулоски. Токму заради своите докажани антипатријаршиски позиции аџи Симеон Слзданоски уживал голем углед меѓу луѓето вклучени во црковната борба. На 26 август 1874 година во селото Орланци, Кичевско, се одржал состанок на Координационото тело на македонското црковно движење, на кое присуствувале сите видни личности на црковната борба од реонот на западна Македонија: аџи Теофил Аврамов, Васил Икономов, Димитар Робев, Коста Групчев, Коста Плевнеш, поп Томо, поп Трпе Симоновски, Вело Топалоски и Димитар Бојажиев. Идејата на овој собир била самите да истакнат свој народен кандидат за владика на Дебарско-Кичевската епархија, дискредитирајќи ја грчката црковна власт и прогласувајќи ја епархијата за „словенска и автономна“. Меѓу кандидатите биле: архимандритот Козма, архимандритот аџи Симеон Слзданоски, архимандритот Михаил, игумен на манстирот Св. Јован Бигорски и поп Трпе Симоновски, претстедател на македонската црковно-училишна општина во Дебар. Избран бил аџи Симеон Слзданоски. Неговиот избор бил потврден на 30 август 1874 година, на седницата на Епархискиот одбор.Патријаршискиот грчки владика Антим во Дебар, остро се спротивставувал на овие активности и започнал да ги кодоши кај турските власти сите личности кои учествувале во тоа, вклучително и аџи Симеона, набедувајќи ги дека сакаат да формираат „Руска црква“. Во Дебар била испратена специјална анкетна комисија за испитување на случајот. Истовремено, од страна на дебарскиот кајмакамин Селим паша, биле повикани и водачите на црковното движење аџи Теофил и поп Трпе Симоновски. Тој од нив барал да ги запрат сите активности. За да не се дозволи понатамошно заострување на ситуацијата, но и заради нарушеното здравје на веќе стариот аџи Симеон Слзданоски (тогаш тој имал околу 79 години) сите подготовки за негово свечено прогласување за владика на Дебарско-Кичевската епархија биле откажани. Грчкиот владика Антим не мирувал и со помош на пари успеал да ги поткупи турските власти, на кои што им дал цел список на познати духовни лица, барајќи тие да бидат прогласени за бунтовници. На врвот на тој список било името на аџи Симеон Слзданоски, игуменот на манасторот Св. Пречиста. Но, благодарејќи на свои доверливи лица, аџи Симеон разбрал за подготвуваната стапица и успеал навреме да се засолне во манастирот Св. Јован Бигорски, за жал неуспеал навреме да ги извести другите лица од тој список и тие стражарно биле спроведени во Битола. Откако обвиненијата што биле покренати против нив биле повлечени, аџи Симеон бил поканет да се врати во манастирот, но тој замолил да се избере нов игумен, бидејќи стравувал од можноста грчкиот владика Антим, повторно да покрене обвинение против него.
Архимандритот аџи Симеон Слзданоски се упокоил во 1895 година, доживувајќи стогодишна старост. За името на Симеон Слзданоски е сврзан податокот дека тој меѓу останатото бил и зограф - изработувал икони. Со сигурност се знае барем за една негова икона датирана од 1847 година.
Извори:
Петар Поповски, архимандрит Теофил Аврамов Жунгулоски, Штип, 1997
Д-р Блаже Смилевски, Срцепис за Лазарополе, Македонска ризница, Куманово, 1995
Глигор Тодоровски, Малореканскиот предел, ИНИ, Скопје, 1970, 169
изработил Слободан Шошкоски

ТЕШКИОТ ЖИВОТ НА ЛАЗОРОВЕЦОТ

Povratesko,s. Lazaropole

Macedonia Time Lapse - Sunset after Snowfall HD - Lazoropole - Kolevski Voislav - Vojce

Macedonia Time Lapse - Panorama of Lazoropole HD *** Kolevski Voislav - Vojce

ИЛИНДЕН 2012_МАЈОВЦИ_МАНУКОТ

Lazaropole Sokolica Лазарополе Соколица

Крсте Коловски - автор на фреските од Св. Димитрија

Св. Јован Бигорски

Св. Јован Бигорски
www.bigorski.org.mk

MAKEDONIJA PAT

MAKEDONIJA PAT
МАКЕДОНИЈА ПАТ

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана
www.ilinden-tirana.com

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!
Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река! ДАДЕТЕ ВАШ ПРИДОНЕС, ПОТПИШЕТЕ ЈА ПЕТИЦИЈАТА! Save Nacional Park Mavrovo!!! Make your contribution please SIGN THE PETITION!

Blog Post