ХРОНОЛОГИЈА НА ЛАЗОРОПОЛЕ

Х Р О Н О Л О Г И Ј А Л А З О Р О П О Л Е

Ги молиме сите Лазоровци и љубители на Лазарополе, што располагаат со било каква информација поврзана со селото да не исконтактираат на посочените е-адреси, заради збогатување на содржините на овој блог. Зашто запишаните податоци сведочат за постоењето, а ние не сме дрво без корен. Сполај Ви на сите!

Втора половина на 15 век. Лазорополе како населено место се појавува за првпат и тоа во Кодикот на манастирот Слепче. Кодикот е книга во која се евидентирале даровите кои што ги добивал манастирот од поединци, меѓу кои имало и луѓе од Лазорополе. Ова прво, релативно доцно споменување на Лазорополе, го потврдува верувањето меѓу Мијаците дека селото е помладо од другите мијачки села. Тоа е помладо од Главино Село, кое од страна на османлиите било опустошено, а населението убиено, а за кое се верува дека единствениот преживеан од ова село по име Лазар е и основачот на Лазорополе. Помладо е и од селото Лопушник кое со тек на времето пропаднало, а се верува дека одредени семејтства од ова село се доселиле во Лазорополе. Воедно, тоа е помладо и од Сушица, Галичник и Тресонче, од кого што зафатило и дел од неговиот дотогашен синор.

1536/39 година. Во пописните податоци на османлиската администрација, селото Лазорополе се споменува како дервен, христијанско село источно од Дебар, во нахијата Река, коешто тогаш омало 84 семејства и 16 неженети.

Извор: Д-р Александар Стојановски, м-р Драги Ѓоргиев, Населби и население во Македонија - XV-XVI век, Дел I, Институт за национална историја и Државен архив на Република Македонија, Скопје, 2001, 125

1582 година. Во пописот кој што го спровела османлиската власт во 1582 година, Лазорополе е запишано како дервенџиско село. Од истиот извор се гледа дека и во времето на претходниот попис (кој најверојатно се случил во 1568 година) Лазорополе ја имало истата улога на дервенџиско село. Во ова година во селото имало 60 домаќинства и 44 неженети христијани, му припаѓало на виалетот Река, од Дебарската каза, како составен дел на зеамет, носејќи му на својот спахија годишен приход од 3.000 акчиња. Задачата на лазороските дервенџии била да го чуваат блискиот премин на патот кој водел од Дебар за Кичево и Прилеп. Месноста „Стража“ што се наоѓа во теснината на патот за месноста Коритник (веднаш над црквичката Свети Танас) најверојатно е потврда за извршувањето на дервенџиската должност на Лазоровци. Не ни е познато кога Лазорополе било ослободено од оваа дервенџиска служба.

Извор: Д-р Александар Стојановски, Дервенџиството во Македонија, ИНИ, Скопје, 1974, 227

АКЧЕ - турска сребрена монета, од турскиот збор ак-бел. Во Европа ја викале аспра, што повторно на грчки значи бел. Тоа е единствената сребрена монета што се користела во Османлиската империја до 18 век.
ВИЛАЕТ - 1. во првото време на турската власт на Балканот, вилаетот бил составен дел санџакот и претставувал воено -административна единица пониска од санџакот, а повисока од нахијата, на чело со војвода или субаша 2. во подоцнежно време тоа е најголема турска управна единица, која се викала уште и ејалет, ајалет, беглербеглак и пашалак 3. честопати овој збор означувал само некој крај, предел, област или територија.
ДЕРВЕН - 1. клисура, тешко прооден премин, опасно место 2. село што ги чува овие места
ДЕРВЕНЏИЈА - лице или категорија на население (христијанско или муслиманско) кое било населено близу до дервенот, мостови, скелиња и други премини и имало обврска да ги чува овие места и да ги штити патниците. Наградата за вршењето на оваа служба била ослободување или намалување на вонредните намети и некои други давачки.
ЗАЕМЕТ - назив за феудален посед во османлискиот систем
КАЗА - 1. тероторија или реон од каде што се простирала власта на еден кадија (судија) 2. околија
СПАХИЈА - припадник на лесна земска коњица, кој поседувал феудален посед, со обврска да учествува во воените походи.

околу 1750 година. Од областа Булчиза, Горни Дебар (денешна Албанија), во Лазорополе се доселуваат Жунгуловците, еден од најзначајните родови чиишто наследници ќе ги водат главните работи во селото. Воедно, тоа е еден од најбројните родови, во 19 век имал 25 домови и дал многу видни личности.

околу 1760 година. Од малата област Ќаја, во Љума (денешна Албанија), во Лазорополе се доселуваат претставниците од родот Кокалевци, многу голем и стар род, којшто постоел и пред 15 век. Овој род во Лазорополе и во цела Мала Река ќе стане најзначајниот род во 19 век, благодарејќи му пред сé на нивниот претставник Ѓурчин Кокале.

1807 година. На 30 јули, на празникот на велико маченицата Света Марија, (а кој што празник во Лазорополе е познат и како Огнена Марија) Лазорополе го зафаќа катастрофален пожар во кој што од постоечките 60-тина, биле уништени 53 куќи. Од пожарот се спасила само старата црква, куќата на Велчовци, куќата на Ѓурчина Кокале и неколку други згради кои биле градени од камен. За уништувачката силина на пожарот, придонел и фактот што дотогаш куќите во Лазорополе биле градени од дрво и покриени со слама т.е. биле куќи-ржаници. Од овој немил настан па натаму, ваквиот тип на куќи биле заменети со камени, високи и двокатни куќи, со големи чарадци, покриени со камени плочи. Ваквото градење на богати куќи било овозможено и од општиот економски полет што го зафатило селото во тој период.

1807-1863 година. За мухтар, коџабашија, односно за главатар на селото бил избран Ѓурчин Кокале, кој со својот авторитет и способност се издигнал и над селото, станувајќи во очите на турските власти еден од најголемите првенци на сите Мијаци. За време на неговото владеење како главатар, во Лазорополе била изградена новата голема црква Свети Ѓорѓи и селското црковно-ќелијно училиште, во кое наставата се изведувала на мајчиниот јазик мијачко наречје.

15 април 1832 година. Неколку денови пред Велигден, започнува изградбата на новата црква во селото, благодарение на големо залагање на првенецот Ѓурчин Кокале и на неговиот пријател попот Мартин Димкоски, како и со неизмерната помош на сите Лазоровци. Градењето на новата црква, кое траело 9 години, било започнато без поседување на султански ферман (писмена дозвола, без која што не смеело да се започне изградба на црква)

1837-1841 година. Во овој период се работело зографисувањето на црквата Свети Ѓорѓија во Лазорополе. Првиот мајстор- зограф бил Михаил од Солунско. Но, набргу тој дошол во конфликт со неколку повидни луѓе во селото, по што морал да си замине од Лазорополе. Работата околу зографисувањето на црквата ја презел неговиот дотогашен ученик Дичо Перкоски од Тресонче. За него ова била прва самостојна работа, од инаку неговата богата и плодна зографска дејност.

Илинден 1841 година. Се извршило осветување на новоизградената црква во Лазорополе, која го добила името на светецот Великомаченикот Ѓорѓија Победоносецот. Самиот чин на осветувањето бил проследен со дотогаш невидена селска веселба на која присуствувале многу гости од сите мијачки села, на чело со своите селски главатари. Лазороската црква е првата новоизградена црква во мијачкиот крај, подоцна и останатите мијачки села изградиле нови цркви.

1841 година. Благодарение на заложбите на првенецот Ѓурчин Кокале и на неговиот верен пријател селскиот свештеник попот Мартин Димкоски Попоски, во селото се изградила една училишна зграда, во дворот на новоизградената црква Свети Ѓорѓија. Во неа се изведувала настава од типот на ќелијно училиште на народен мијачки говор. Тоа воедно претставува и прво селско училиште кај Мијаците.

околу 1845 година. Ѓурчин Кокале од султанот ја купил шумата Лопушник, која се наоѓа на планината Бистра во непосредна близина на селото. Тој шумата ја купил со лично и тапијата гласела на негово име, но великодушно ја ставил на располагање на целото село. Сиромашните Лазоровци ја користеле шумата бесплатно, додека богатите, како и луѓето од соседните села за нејзино користење морале да платат рента. Од тогаш во синорот на Лазорополе се наоѓала и оваа шума.

Средина на 19 век. Јордан Хаџи Константинов Џинот, познатиот македонски преродбеник, ја запишува бројната состојба на Малореканските села. Според неговите податоци Лазорополе во овој период броело 250 куќи, речиси половина куќи помалку од Галичник (500), но и дупло повеќе од Тресонче (120).

1856 година. Во Вршац, по нарачка на Ѓурчин Кокале, било излеано ѕвоно за црквата во Лазорополе. Истата година ѕвоното било донесено во селото и било поставено на високо дрво што се наоѓало во дворот на црквата. За големината на овој чин посведочува и фактот што ова е всушност четвртото ѕвоно кое било донесено во Македонија, а после манастирот Свети Јован Бигорски (каде што се наоѓале преостанатите три ѕвона), Лазорополе е второто место во Македонија кое што имало црковно ѕвоно.

1867 година. Изградена е камбанаријата во селото. Дамјан Ѓурчинов Кокале го исполнил аманетот на својот татко Ѓурчин Кокале и непосредно до новата црква Свети Ѓорѓија ја изградил камбанаријата од убав делкан црвен камен, во која што било поставено црковното ѕвоно, донесено уште во 1856 година.

1873 година. Во книгата „Етнографијата на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ издадена во Константинопол / Цариград во 1878 година, се споменува дека селото Лазорополе во 1873 година имало околу 300 домаќинства и 1010 жители.

Април 1882 година. Со султански берат од Високата Порта лазоровецот архимандритот аџи Теофил Аврамов Жунгулоски бил поставен за прв словенски владика на Дебарско-Кичевската епархија.

Илинден 1884 година. Убиен е лазоровецот архимандрит аџи Теофил Аврамов Жунгулоски владиката на Дебарско-Кичевската епархија. Тој бил огромна и непремостива пречка на грчкото црковно влијание во оваа епархија, грчкиот патријаршиски владика Антим со седиште во Дебар, не гледал друга можност освен физичка ликвидација на овој словенски владика. Во договор со албанските бегови од Дебар, кои ги поткупил, овој пеколен план го спровеле во дело на Илинден 1884 година, кај месноста викана Клакови, во близина на селото Долно Мелничани, Дебарско, аџи Теофил бил убиен од куршумот на Ајрадин Баула, кој заедно со Сул Кроса и Зини Шабан, требало всушност да бидат негово обезбедување.

1889 година. Познатиот бугарски научник Стеван И.Веркович врши статистичко прибирање на податоци за сопствени цели. Во оваа година Лазорополе според него имало 200 куќи со 286 семејства, од кои машки биле 645 и женски 633 или вкупно селото броело 1278 жители.

1890-ти - 1918 година. Иако имало речиси постојани миграции од Лазорополе и во 19-тиот век, сепак во овој период според раскажувањата на старите жители на селото, кои кон крајот на 60-тите години на 20-тиот век биле интервјуирани од историчарот Глигор Тодоровски, од селото се иселило вкупно 51 семејство. Од нив едно семејство се населило во Скопје, две во Гостивар, две во Кичево, едно во Битола, едно семејство заминало во Русија, едно во Грција, осум во Србија и дури 35 семејства во Бугарија.

1892 година. Претседателот на егзархиската Црквна општина во Дебар, Трпе Симоноски, го посетил Лазорополе, кое според неговото известување броело 400 куќи, имало петмина свештеници и двајца егзархиски учители Илија Иванов и Василко Икономов. . . . . претседателот констатирал дека малореканските села, за разлика од пред дваесет години, кога за прв пат ги посетил, многу се измениле. Измената била на полошо. По селата среќавал испопаѓани куќи и заборчени села и селани

1894 година. Во годишникот на Битолскиот вилает од 1894 година, запишано е дека во Лазорополе имало 249 куќи

23 септември 1897 година. Во куќата на Васо Ѓорѓевиќ официјално започнало со работа легалното српско училиште, кое било дел од започнатата српска пропаганда меѓу лазоровци. Во текот на неговата работа во селото, учители во ова училиште биле Мартин Попов(иќ), во селото попознат како Мартин Серафимов Попоски (Димкоски), тој бил прв учител во училиштето, а со цел да се засили влијанието во учебната 1901/1902 за втор учител бил поставен и Стамат Михајлов(иќ) - Стамат Палчески.

Јуни 1899/1900 година. Кај месноста Јама, која се наоѓа меѓу селата Лазорополе и Душегубица, од страна на една селска чета која номинално ја признавала власта на Организацијата (ВМРО), биле убиени дебарските бегови Абдураман бег, Осман паша, Лито бег и Сали бег. Голема расправија настанала на чија територија биле убиени беговите, па така и двете села страдале како одмазда за убиството на беговите. Лазарополе во овој период неколку пати било напаѓано од дебарските Албанци.

1900 година. Бугарскиот научник Васил Кнчов извршил еден сеопфатен попис на население, кој се смета за исклучително прецизен во презентираните податоци. Според него Лазорополе во 1900 година имало 2640 жители.

1900/1901 година. Во Лазорополе се поставени основите на Организацијата (ВМРО). Во раководното тело на селото влегувале:
раководител Диме Ажиески, помошници Коста хаџи поп Теофилов и Исаија Велов Палчески, член Митре Ѓиноски, главен курир Ѓорѓи Јосифоски, а помошници курири биле Јосевица Груеска, Ѓуревица Николоска, Докија Мелкоска и други. Селото Лазорополе и покрај тоа што тука се наоѓало стационирано едно одделение турска војска, било сигурно засолниште како на кичевски чети, така и на малореканската чета, каде четниците (комитите) добивале храна, облека, обувки, тутун како и други потреби. Лазорополе во тајната коресподенција на Организацијата го имало псевдонимот
Ерусалим

22 мај 1903 година. Во местото Владаја, во близина на Софија, а по иницијатива на познатиот тресонечки војвода Максим Ненов (Нинев) е формирана т.н. Мијачка чета, составена од Мијаци кои биле на печалба во Бугарија. Нивната единствена цел била да земат учество во претстоечкото Илинденско востание. Во оваа чета заменик на војводата бил лазоровецот Димитар Арсов Митрев, а во самата чета, која според едни броела 40, а според други дури 58 комити биле и следните лазоровци: Спасе Глигоров Гударески, Никола Долев, Ефтим Христов Чадиески. Во својата „Книга за Мијаците“ Георги Трајчев како комити од Лазорополе ги наведува уште и имињата на Христо Попоски, Матеја Матеев Патероски, Матеја Василев Жепчески, Харитон Тодоров, Ташо Ѓорѓиев Ѓуроски, Хараламби Гаврилов, Никола Ѓуров Кокалески, Угрин Трајков Перински и Дојчин Костов.

29/30 мај 1903 година. Мијачката чета ја преминала реката Брегалница и стигнала до планината Голак. Таму таа била предадена и во нерамна борба со турскиот аскер кој што ги опколил кај ридот Чавките, четата била разбиена. Биле убиени 18 комити, меѓу кои војводата Максим Ненов (Нинев) како и лазоровците Спасе Глигоров Гударески, Никола Долев и Ефтим Христов Чадиески (нејасни се податоците за тоа дали овде загинал и заменик војводата Димитар Арсов Митрев), 9 комити биле ранети. Но, сепак, неколкумина комити успеале да се префрлат во западна Македонија и да земат учество во Илинденското востание.

Јули 1903 година. Реканската чета предводена од војводата Лука Џеров, во близината на Лазорополе, кај месноста Лопушник, имала судир со турската војска, по што овие се дале во бегство, запирајќи дури во Лазорополе. За да се одмаздат за претрпениот срам, фатиле дваесетина лазоровци и ги потерале кон Дебар, со цел да прикаже дека фатиле комити. Но, во Дебар, локалните албански дрвари кои биле сведоци на судирот меѓу комитите и турската војска се разбунтувале, зашто ги препознале лазоровците кои секоја недела доаѓале на пазар. По ова, на турските власти не им преостанало ништо друго, туку ги ослободила затворените лазоровци и ги пуштиле да се вратат во селото.

Илинден 1903 година. Селото го славело својот селски празник, кој оваа година бил збогатен со околу триесетина свадби, дополнително правејќи ја атмосферата уште пославеничка. Во еден момент, кога проструила веста дека долгоочекуваното востание започнало, сите свирки, песни и веселби запреле и во селото настанала атмосфера на возбуда и исчекување.

4 август 1903 година. Иако на Смилевскиот конгрес било решено Мијаците активно да не учествуваат во претстојното Илинденско востание, тие не можеле да стојат настрана од овие случувања. Било решено да се помогне матерјално. Од Мијачките села (Галичко-реканскиот подреон) биле собрани 216 златни наполеони, како и разновидни матерјални средства натоварени на 18 коњи. Овој караван го предводел револуциониот началник на Галичко-реканскиот подреон галичанецот Апостол Христов Фрчкоски, а го обезбедувал лазороскиот војвода Павле Гаврилов Караасеноски, кој тргнал од Тресонче (каде во една од пештерите биле складирани матерјалните средства) и безбедно го предал според однапред направениот договор, кај селото Душегубица, Кичевско.

1905 година. Во една статистика која ги броела само домаќинствата во едно село, за Лазорополе е запишано дека тоа имало 470 домаќинства. Според податоците што на Бугарската Егзархија во истата оваа година и ги доставил секретарот на Егзархијата Димитар Мишев, а чија што веродостојност не е во целост потврдена, Лазорополе имало 3304 жители.

1912-1915 година. По Балканските војни и протерувањето на турската влст од Балканот, Македонија е поделена од страна на завојуваните соседи и агресивни хегемонистички монархии. Вардарскиот дел му припадна на Српското кралство, а согласно со тоа и просторите населени од Мијаците во западна Македонија. Во Лазорополе се формира општина како орган на нововоспоставената српска окупациона власт во селото. Раководители на таа општинска власт се Стамат Михајловиќ (Палчески) како претседател на општината; Јанко Иванов како селски кмет и Васа Дичиќ како секретар-благајник. Оваа општинска власт опстанува сé додека се чувствува и српската власт, т.е. до 20 ноември 1915 година, кога заради почетокот на Првата Светска војна српската војска е приморана да се повлекува од овие простори.

1912-15 година. По протерувањето на Турците и воспоставувањето на српска власт во селото, бил спроведен и попис на кој било забележано дека тогаш Лазорополе броело 2435 жители.

1915 година. Според српските податоци кои ги дава Фондот на Православната Велешко-Дебарска епархија, Лазорополе брои 2287 жители. Овие податоци биле собрани од месните свештеници во селата каде што дејствувале, а биле со цел директно да го информираат православниот српски епископ Варнава за бројната состојба на селата во 1915 година

20 ноември 1915 година. Во Лазорополе влегува бугарска војска, заменувајќи ја така српската со бугарска окупација.

декември 1915 година. Како прв орган на нововоспоставената бугарска власт во селото е „три члената комисија на Лазарополската општина“ во состав Василко Икономов претседател, членови Мице Јанков и Спиро Ангелов, а на 26 декември кон нив се приклучува и Спасе Исов (Палчески) како секретар-благајник.

1916 година. Според една статистика што ја спровело „Галичнишкото градско общтинско управление“, кое тогаш е всушност градско управно општинско тело на нововоспоставената бугарска власт, Лазорополе броело 398 куќи и 2330 жители. Но, нешто подоцна во јули истата година како присутни во селото се евидентирани 1809 жители, 160 селани биле регрутирани во бугарската војска, додека 216 други Лазоровци се наоѓале во странство или сé заедно 2185 жители.

март 1916 година. Во рамките на активностите на „Лазорополската општинска управа“ во селото е формирано Народно читалиште, како можност за културно издигнување. За претседател на оваа институција бил определен дотогашниот селски свештеник Данаил поп Костов (Димкоски-Попоски), а за раководител Методија Василков Попоски (син на Василко Икономов), кој тогаш бил учител во селото.

август 1916 година. Се копмплетира „Лазарополоското селско општинско управление“. Во негов состав сега се наоѓаат претседател Василко Икономов (воедно тој ја има и должноста на селски кмет); член Мицо Јанков; секретар-благајник Спасе Исов; агент Драган Ефремов и прислужник Трајко Груев.

1932-1935 година. Во овој период, благодарение на тогашниот претседател на општина Лазорополе, Стамат Михајлов Палчески, во селото е изградено ново училиште кое што започнало со работа во 1935 година.

1934-1936 година. Со заложбата на Стамат Михајлов Палчески, како претседател на општина Лазорополе и со залагање на сите Лазоровци, во селото е изграден водовод.

1938-39 година. Кон крајот на 1938 година, од Лазоровци кои што се наоѓале на печалба во Белград, била формирана Лазороска играорна група. Таа на почетокот на 1939 година, одржала неколку целовечерни концерти во Скопје, Белград, Загреб, Љубљана и Сараево, на кои за првпат го изведува познатото оро „Тешкото“. Во мај 1939 година, оваа играорна група учествувала на Меѓународниот фестивал за народни игри во Брисел, Белгија. Иако фестивалот немал натпреварувачки карактер, нивниот настап бил посeбно забележан од тамошните дневни весници.

лето 1941 година. Окупационите албански власти во Лазорополе формирале општина во чиј состав влегувале мијачките села Гари, Тресонче, Осој, Росоки и Селце. Како поткрепа на новоформираната административна власт, во селото отседнале 14-15 италијански карабинери, стационирајќи се во една куќа, којашто ја вршела улогата на полициска станица.

есента 1941 година. Во Лазорополе, за првпат во целокупната негова историја, била организирана настава на албански јазик, со учители донесени од Албанија. Но, најверојатно увидувајќи дека е залудно децата да ги учат на јазик што не го разбираат, по нецела учебна година наставата била прекината.

1942 година. Во Лазорополе е формирана првата ќелија на комунистичката партија. Нејзини први членови се Гене Јосифоски, Ладе Колоски и Ташко Грујоски.

19 јануари 1945 година. Од раселени Мијаци во Битола, Лазоровци и Галичани формирана е МИТЕКООП (Мијачко - текстилна кооперација) која понатаму ќе прерасне во селската задруга „Кочо Рацин“

Нова Година 1946. Лазорополе е електрифицирано и потполно осветлено. Благодарение на помошта од нивните битолски пријатели кои на располагање на Лазоровци им дале мала електрична централа од 60 киловати, со мотор на Ломбардини, кој можел да работи на вода и на бензин, селото меѓу првите по ослободувањето добива електрична струја.

26 октомври 1946 година. Пуштен е новоизградениот пат од месноста Гарски Мост до Лазорополе, со што селото е поврзано со макадамски пат и влегува во патната мрежа на повоена Македонија.

1946-1948 година. Во овој временски период е изграден селскиот културен дом во Лазорополе, кој е познат и како Задружен Дом. Во него имало простории за библиотека со читална, сала за состаноци, шах сала, простории за управата на задругата, ресторан со кујна, слаткарница, кино сала со сцена за театарски претстави и други помали прислужни простории.

1948 година. Според статистичките податоци од тогаш одржаниот попис во Лазорополе се забележани 792 жители и 168 домаќинства.

1952 година. Во месноста наречена Јаорска или Мошка Вода (Јаворска Вода), која се наоѓа западно од Лазорополе, при одредени активности на тогашната селска задруга (се вршело подготвително рилање на земјиштето за лозје), биле откопани околу 60-тина гробови, кои биле оградени и покриени со камења. Самата месност каде што се пронајдени овие гробови, се наоѓа во подножјето на Бистра и доминира во тој крај. Откопаните гробови се класифицирани дека потекнуваат од халштатскиот и од словенскиот период. Овие наоди ги има проучувано д-р Блага Алексова и според нејзините сознанија таа доаѓа до заклучок дека овие гробови се слични со гробовите кои претходно биле откриени во Демир Капија датирајќи ги во периодот од 9 до 12 век. Според самите гробови, но и керамичките садови кои се пронајдени во нив, таа смета дека кај оваа месност постоела словенска населба, во чија непосредна близина се наоѓала и самата некропола.

1953 година. Според статистичките податоци од одржаниот попис во Лазорополе живеат 962 жители, а селото има 200 домаќинства.

1961 година. Според податоците од одржаниот попис во оваа година Лазорополе брои 720 жители и 190 домаќинства

1971 година. Во оваа година, според одржаниот попис Лазорополе има 180 жители и 46 домаќинства.
70-тите години. САМА БУКА култното дрво на Лазорополе погодено од гром, престанува да го живее својот живот, како најстар жител на селото.

1981 година. Според податоците од одржаниот попис во оваа година, во Лазорополе живеат 9 жители во 5 домаќинства

1986 година. Формиран е нов Црковен одбор во селото, во чиј состав влегле: претседател Серафим Трпкоски, членови Методија Огненов, Танче Чупоски, Стамат Трпкоски, Славе Јосифоски, Сандре Ололоски, Ламбе Мекески, Сотир Шошкоски и подоцна приклучениот Душан Пашоски, кој бил секретар и благајник на овој Црковен одбор.
20 октомври 1993 година. Почина последниот регистриран жител на Лазарополе Стефан Нектенински, роден на 15 јануари 1910 година. Почина на 83 годишна возраст во Лазарополе.

1996 година. Во летото е формиран нов Црковен одбор во селото во состав: претседател д-р Блаже Смилевски, благајник Душан Пашоски, членови Сотир Шошкоски, Петре Колоски, Трајче Чангоски, Ѓорѓе Мирчески, Митре Жепчески, Јосе Дракулоски, Томе Перински, Димко Попоски, Даме Голибегоски и како почесен член Данило Смилески.

25 септември - 20 ноември 1996 година. Извршена е реконструкција - препокривање на кубето на селската црква „Свети Ѓорѓија“. Имено, дотогашните камени плочи - шкрилци со кои што било покриено кубето на црквата се отстранети, поставена е бетонска подлога, а над неа целото кубе е обложено со бакарен лим. Овој зафат бил преземен со цел да се заштити внатрешноста на црквата од протекување на вода и оштетување на фрескоживописот, како и на целата внатрешност на црквата.

1997-1998 година. Извршена е реконструкција на оградниот ѕид на селската црква „Св. Ѓорѓија“. Поради појавата на видливи одделувања на ѕидот од темелите и постоењето на реална можност за негово уривање, црковниот одбор решава да се пристапи кон контролирано разградување, нумерација на камењата, а потоа и кон негово повторно ѕидање. Реконструкцијата е извршена по целата негова должина од камбанаријата, па сè до влезната врата од западната страна на црквата. Во однос од претходно, отстапено е во висината на ѕидот, кој сега е понизок за 50 сантиметри, со цел да се отвори целосната визура на црквата; како и во однос на тоа што црвено обоениот лим, со кој што претходно бил покриен ѕидот сега е заменет со црвени ќерамиди, кои дополнително го разубавуваат објектот.

12 јули - 26 август 1999 година. На северната страна од селото, кај месноста Соколица, по преземените опсежни подготовки, а во присуство на отецот Партение, игумен на манастирот Свети Јован Бигорски и неговата братија, удрени се темелите на нова црквичка „Свети Спас“. Таа е изградена преку летото и на 26 август, неколку дена пред верскиот празник познат како Голема Богородица, со собир на селани и со скромна свеченост означено е завршувањето на изградбата на оваа нова црквичка и пријатно место за прошетки и одмор. На влезот на црквичката, на мермерна плоча стои натписот „Црквата Вознесние Господово Свети Спас ја изградија Лазоровци во летото Господово 1999 година“

1999 година. Една група Лазоровци, ентузијасти и вљубенци во селото во состав Фидан Батоски, Васе Јосифоски, Петре Перински, Илија Палчески, Илија Мицески и Томе Кочоски изградија големи крстови на врвовите Цуцул и Соколица.

1999/2000 година. Извршена е целосна реконструкција на црквичката „Свети Атанасиј“, кај месноста Свети Танас во непосредна близина, на околу три километри од селото. Најпрвин урната е покривната конструкција на старата црквичка, исчистен е стариот малтер од ѕидовите, ставен е бетонски цирклаж на ѕидовите, изградено е кубе од армиран бетон, направена е покривна конструкција, препокриено е со ребрест лим, црквичката целосно е малтерисана одвнатре и однадвор, изградени се пристапни скалила, изработен е тротоар и двор од камени плочи, поставени се клупи за седење, а изградено е и бетонско мостче за премин преку рекичката на само неколку метри од оваа црквичка.

23 јули 2000 година. Во присуство на бројни селани, но и на свештеното лице Агатангел (нешто подоцна хиротонисан за владика) во придружба на уште двајца свештенослужители извршено е свечено осветување на ново изградената црквичка „Свети Спас“ на Соколица.

2003 година. Во текот на летото црковниот одбор на селото прави целосна реконструкција на припратата - тремот пред влезот во селската црква „Свети Ѓорѓија“. Дрвените греди се заменети со нови, на крајот од тремот изградена е нова работна просторија - канцеларија, изѕидан е потпорен ѕид од влезот на главната порта во црковниот двор па сè до влезот во самата црква, направени се нови скалила, целиот простор е поплочен со автентичните камени шкрилци со кои порано била покриена црквата, целата дрвенарија е премачкана со заштитни бои, а тремот е покриен со лим. Внатре во црквата обновен е патосот во олтарниот дел, кој бил во очајна состојба. Бетониран е и направен-искован нов патос.

2003 година. Во Лазорополе, постоечката телефонска централа започнува да работи со алтернативен т.н. хибриден систем за напојување со електрична енергија, користејќи ја сончевата енергија преку сончеви колектори, како и енергијата на ветерот преку вклучување во системот на една ветерница. Имено, поради зачестените прекини во напојувањето со електрична енергија предизвикани најчесто од атмосферските празнења „Македонски телкомуникации“ решаваат својот објект да го обезбедат со резервно напојување во случај на дефект на мрежата. Со тоа Лазорополе повторно е пионер во воведувањето на иновативни решенија, служејќи како пилот-проект за разрешување на вакви и слични постоечки проблеми.

2004 година. Во оваа година црковниот одбор на селото извршува целосна реконтрукција на малата црквичка „Света Петка“, во непосредна близина на селото, западно од него непосредно зад месноста наречена На Крс. Црквичката е зајакната со ископување на помошни темели со нови тротоари, наново е исфугирана, кубето е бетонирано со мрежа и препокриена е со ребрест лим, исчистен е стариот малтер и наново е малтерисана, извадени се старите и поставени се нови подни плочки, изработен е нов потпорен ѕид над црквата, изграден е нов долен ѕид под црквата, изработена е дренажа што ги собира лековитите водички што се исцедуваат од ридот и тие се донесени до чешмата, обновена е старата чешма што постоела и претходно но сега таа е исѕидана со подѕид, скала и проширување. Нејзината околината е исчистена од надвиснатите стари букови стебла, кои биле закана за самата црквичка. Со други зборови на црквичката í е даден нов поубав, збогатен лик и таа претставува вистинско изненадување за сите што по првпат ја посетуваат.

24/26 јули 2005 година. Во месноста Богчедол („Долина на божјите чеда“), осветена е ново изградената црквичка-параклис посветена на Св. архистратег Архангел Михаил, подигната од господинот Данило Смилески, дологодишниот помагател на главниот црковен храм во селото Св. Ѓорѓија. Параклисот е подигнат во знак на сеќавање на рано починатиот Игор Илиевски, што може да се прочита и од мермерната плоча која што се наоѓа на самиот влез од црквичката, а на која пишува: „Храмот го подигна Данило Смилевски дедо на Божјото чедо Игор Илиевски. 2005 година“.

2005 година. Во дворот на црквата, на местото каде што било изградено првото училиште во Мијачијата, подигнато е мало подножје на коешто е поставена мермерна плоча со следниот текст: „На ова место беше првото училиште во Мијачкиот крај. Со работа започна во 1844 год. Работеше до 1934 г. Лазарополе 2004 год.“ Како мало појаснување се и следниве податоци: имено, вистинската година кога е изградено првото лазороско и Мијачко училиште е 1841; вториот факт е дека иако, на плочата е запишана 2004 година (кога плочата е изработена) сепак, таа е поставена во 2005 година.

2005-2006 година. Камените плочи - шкрилци, со коишто пред реконструкцијата била покриена црквата, сега се искористени за да се направи патека во дворот на црквата. Патеката којашто се одвојува од патеката за влез во црквата, води до чешмата што е лоцирана меѓу камбанаријата и олтарниот простор на црквата; понатаму продолжува до двете влезно-излезни врати што се наоѓаат на западната страна од црквата и кои се вклопени во оградниот ѕид на храмот. Таа естетски, многу убаво се вклопува во целосниот амбиент на делканиот камен, од којшто е изградена црква.

2005-2006 година. Извршена е реконструкција на селските гробишта. По сопствена желба, а со одобрение и соработка со селскиот црковен одбор г-динот Коста Кипровски и неговата сестра Марија, ја вршат досега најопсежната реконструкција на дотогаш запуштените гробишта во селото. Најпрвин гробиштата се расчистени од коров, грмушки и трње, а потоа се оградени со ѕидче од делкани шарени камења на кои е поставена железна ограда. Пред самиот влез во гробиштата е направена платформа од делкан камен, а којашто помага визуелно да се одвои влезот во гробиштата од патот кој што минува веднаш покрај нив. Во реконстуираните гробишта се влегува низ портален свод, вкусно изработен од делкан камен и затворен со железна порта. На десната страна од порталниот свод е поставена месингана плоча на која што пишува: „На мајка ми Сава и татко ми Живко Кипровски (Дракуловски) во знак на безмерна почит од ќерката Марија и синот Коста“.

Март 2006 година. Свечено е откриена поставената спомен-плоча на родната куќа на Симон Дракул. Во организација на Друштвото на писателите на Македонија, а по повод 50-годишнината од излегувањето на првата книга на Симон Дракул „Планината и далечините“ на ѕидот од неговата родна куќа е поставена спомен плоча. Притоа, свои обраќања имаа писателите Георги Сталев, Глигор Стојковски, Науме Радичевски и Трајче Крстевски.

2006 година. По иницијатива на селскиот црковен одбор, во за оваа пригода средениот селски парк, се поставени три бисти на тројца наши великани, на кои со гордост се сеќаваме. Најпрвин е пренесена бистата на поетот Коста Солев Рацин, кој кај месноста Лопушник, во близина на Лазорополе, бил убиен во 1943 година. Претходно оваа биста стоела пред просториите на селскиот Комбинат, но поради запуштеност местото е доведено до руина. До оваа биста, излеана е и поставена бистата на лазороскиот и македонскиот великан, поетот и академикот Анте Попоски. Третата биста му припаѓа на нашиот лазоровец и соселанец, големец по дух и патриотизам, писателот, раскажувачот и докторот по историски науки Симон Дракул.

2007 година. Официјално е отворен „Калин хотел“ во Лазорополе. По извршената целосна реконструкција, на темелите на поранешниот т.н. Задружен Дом, каде што се наоѓаа канцелариите на пропаднатата земјоделска задруга - комбинат „Кочо Рацин“, сопственикот на хотелот г-динот Томе Перински, во исклучително допадлив стил на старата традиционална мијачка градба успеа да создаде амбиент на романтична бајковидност. Вградувањето во хотелот на стари греди од разурнатите куќи од селото, ја прават врската со минатото драматично поцврста, а услугата и целосниот естетски впечаток зборуваат за високите цели што пред себе си ги поставил сопственикот. Хотелот располага со 16 комфорни и вкусно уредени соби, со удобност од каква што ќе останете изненадени.

2008 година. На 2 август 2008 година во чест на Свети Илија осветен е новопоставениот крст кај месноста Краста во Лазорополе. Негови ктитори се господата Мирко Ж. Поповски и Влатко Љ. Стефаноски.

ТЕШКИОТ ЖИВОТ НА ЛАЗОРОВЕЦОТ

Povratesko,s. Lazaropole

Macedonia Time Lapse - Sunset after Snowfall HD - Lazoropole - Kolevski Voislav - Vojce

Macedonia Time Lapse - Panorama of Lazoropole HD *** Kolevski Voislav - Vojce

ИЛИНДЕН 2012_МАЈОВЦИ_МАНУКОТ

Lazaropole Sokolica Лазарополе Соколица

Крсте Коловски - автор на фреските од Св. Димитрија

Св. Јован Бигорски

Св. Јован Бигорски
www.bigorski.org.mk

MAKEDONIJA PAT

MAKEDONIJA PAT
МАКЕДОНИЈА ПАТ

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана

Македонско Друштво "ИЛИНДЕН"-Тирана
www.ilinden-tirana.com

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!

Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река!
Да го спасиме сливното подрачје на Мала Река! ДАДЕТЕ ВАШ ПРИДОНЕС, ПОТПИШЕТЕ ЈА ПЕТИЦИЈАТА! Save Nacional Park Mavrovo!!! Make your contribution please SIGN THE PETITION!

Blog Post