ИЛАРИОН ЗОГРАФСКИ (1795-1877)
Тестот го состави Слободан Шошкоски.Роден е во Лазорополе, во 1795 година, но, неговото световно име за нас останува непознато. Се школувал во манастирското училиште во Свети Јован Бигорски, каде негови соученици биле Анатолиј (кој подоцна станува архимандрит Зографски) и Арсениј (кој подоцна станува игумен на Бигорскиот манастир). Откако го завршил школувањето во Бигорскиот манастир, тој заминал во Зографскиот манастир на Света Гора. Нејасно е кои се активности ги имал Иларион во Зографскиот манастир и дали таму престојувал сето време, но се знае дека токму по препорака на неговиот соученик, пријател и соплеменик, тогаш веќе влијателниот Анатолиј, тој ќе се упати во Кипријановскиот манастир во Молдавија. Имено, Анатолиј во летото 1837 година, со писмо од Русија побарал од своето Зографско братство, за игумен на повторно придобиениот (под нивна власт) Кипријановски манастир, да биде назначен неговиот соселанец Иларион.Веќе во 1838 година, Иларион се наоѓа на новоназначеното место, игумен на Кипријановскиот манастир. Тој таму заминал со уште осуммина души, монаси и ѓакони, кои всушност таму биле испратени да ја воспостават новата манастирска управа. Тука тој и го дочекал својот пријател Анатолиј, кој бил на пропатување од Русија за Света Гора.На одредени места во литературата може да се сретне дека Иларион му бил роден стрико на Партенија Зографски, познатиот наш преродбеник и учебникар. (Бидејќи точно се знае дека Партенија е роден во Галичник, тогаш мошне сомнително делува тезата на лазороското потекло на Илариона, се разбира доколку се работи за иста личност)Во мај 1839 година, Иларион ги пречекал во Кипријановскиот манастир, тројцата ученици кои биле избрани од архимандритот Анатолиј Зографски, за да се школуваат во Кишиневската духовна семинарија, со руска дозвола, но уште поважно и со руска стипендија. Меѓу овие тројца ученици се наоѓал и Натанаил Кучевишки (подоцнежниот митрополит Охридски и Пловдивски). Нешто подоцна, во оваа иста семинарија ќе се школува и Партенија Зографски.По 1848 година, по смртта на архимандритот Анатолиј Зографски, Иларион се вратил од Бесарабија (поранешно име за денешна Молдавија) и станал следниот игумен на Зографскиот манастир на Света Гора. За жал, точната година на превземањето на игуменскиот престол не е позната. Иларион се упокојува во 1877 година.
напомена. потеклото на Иларион Зографски не е до крај чисто во историографијата (М.П).
напомена. потеклото на Иларион Зографски не е до крај чисто во историографијата (М.П).