Pages

"Цвеќе за Рацин" од книгата на Калина Велевска "Дневникот на една планинарка"

Цвеќе за Рацин

,,...Сронете го овој свет
И нов направете - братски!“ 

Овие стихови се најдобар приказ на она што се случуваше на прекрасниот неделен ден на Лопушник, на кој ја одбележавме 74-годишнината од смртта на големиот македонски поет и борец за слобода Коста Солев Рацин. Рацин нѐ соедини, нас, триесетина планинари од Кичево, Битола и од Скопје, на оваа прекрасна манифестација организирана од планинарските друштва од Кичево - ,,Бистра“ и ,,Ендорфин“, едноставно насловена,,Цвеќе за Рацин“, а нашиот свет на тоа место, во тој момент беше токму каков што тој би сакал од нас - братски.
Калина во Лопушник на
споменикот на Рацин.
Некој ме праша како одлучувам на која тура ќе одам, кога има толку голем избор.Одговорот е едноставен. Одам на онаа тура што кога ќе ја видам - ми потскокнува срцето. Кога видов дека се организира прошетка до местото каде што е убиен човекот чиј пишан збор одново и одново ме инспирира и воодушевува, знаев дека не постои друга опција, освен да одам таму.

Беше навистина многу тешко за изведување, бидејќи и покрај многубројните апели, речиси никој не се пријави да дојде со мене. Сепак, во ниеден момент не се поколебав и знаев дека сакам да сум таму, а мојата драга Миа ми се јави во последен момент и ми кажа дека доаѓа.

Недела, влегуваме во возилото и тргаме на пат по влажните улици. Сите прогнози се ужасни. Ќе истура, цел ден ќе истура. Така и беше по патот, не престана да врне и додека стигнавме до кичевските села единствено нешто пред нас беше магла, дожд, темни натежнати облаци и никаков знак дека прогнозата ќе се подобри во текот на денот.

Миа се обидуваше да ме премисли, па ми нудеше други опции во тој правец: ,,Можеме да одиме во Охрид на кафе. Можеме да одиме во Радожда на риба.“ Само ја гледав насмеано и ништо не кажував, зашто знаев каде сум тргнала и каде ќе го поминам денот, без оглед на сѐ.

Кога стигнавме во Извор, тука веќе беа сите и чекаа само на нас. Се расположив кога ги видов тие убави насмеани ликови и по поздравувањето и објаснувањето каде се наоѓаме и каде ќе се движиме, тргнавме нагоре. Со прецеднико одевме последни од групата, а бидејќи претходната вечер бев на една весела свадба и си легнав доцна во ноќта, тој постојано ме бодреше, ми правеше муабет со цел да ми го одвлечка вниманието од исцрпеноста и на моменти кога имаше угорници дури ме туркаше нагоре, оправдувајќи го името на клубот каде што е прецедник - ,,Турни ме да кинисам“. :)

,,Криза е, ќе ме освежи сега шумата и ќе ми помине“, одев и си зборував самата на себе. Полека почнавме да ја стигнуваме и да се мешаме со групата, некој раскажа некоја смешна случка, некој запеа и веќе се чувствував подобро.

Калина чита песни од Рацин
од едно од првите изданија
на Бели мугри.

Одевме по прекрасна патека, опколена со најубава природа, со мириси на цвеќиња и чаеви, мириси на Бистра, мојата драга планина за која секогаш пишувам со голема љубов. Влеговме во шумата, а свежината на денот само убаво влијаеше на мене и целосно заборавив на уморот. По патот јадевме шумски јаготки и уживавме, дожд не заврна како што се очекуваше, но не беше ни топло какво што е деновиве. Сѐ беше идеално, а јас бев сѐ посвежа со секој поминат чекор.

Минувавме покрај папрати и бозел, покрај мајчина душичка и дрвја во разни форми и кога излеговме од шумата наидовме на последната угорница, пат накитен со жолти цветови и маркација што го означува патот.

Стигнавме горе, на споменикот за Рацин, кој на 13 јуни 1943 година трагично го загубил животот на Лопушник. Споменикот е на врвот Стог, висок 1.576 метри, а манифестацијата се одвива тука секоја година, но, за жал, јас дури годинава дознав за неа.

Сето цвеќе што го собравме по патот го оставивме тука, на споменикот, а поезија читаа неколкумина што се чувствуваа подготвено. Ледот го ,,проби“ Ангела, читајќи ја ,,Ленка“, потоа читаше прецеднико, па Давор ја згрми ,,Татунчо“…

Калина на нејзиното прво учество 
на македонската трансверзала, ги донесе
нејзините другари до семејната куќа
во Лазарополе да закрепнат.
Оттаму се спуштивме долу, на одмор и закуска, момците запалија оган и беше навистина идилично. Прецедникот ми направи кафе, од тие неговите убавите, Ивица пушти музика, а сите заедно уживавме. Видов каде е Лазарополе и посакав еден ден да ја изодам таа тура по Бистра, низ оваа нестварно убава природа и зеленила, низ овие мириси какви што нема никаде на светот. Срцето ми беше исполнето, а уште не беше поминат ни половина ден.

Отидовме до местото каде што Рацин загинал и каде што има надгробна плоча со неговото име. Тука Зоран Јованоски ни читаше негови белешки за Лопушник, за оваа манифестација, за големиот поет во чија чест се собравме и ќе се собираме секоја година во иднина. Следна беше прекрасната Викторија, чија изведба на ,,Денови“ сите нѐ остави без зборови... Слушав и се ежев како звучеше ,,…за туѓи бели дворови, копај си црни гробови...“

Тогаш Тозо им честита на организаторите и предложи овој настан да се промовира што повеќе, со цел да има уште повеќе луѓе, бидејќи е навистина посебен. А на ,,Бели мугри“, која претходниот ден ја купив од плоштад и од која сите читавме, даде идеја сите да ми се потпишат и да ми остане како еден убав спомен од овој прекрасен ден. Во неа добив цветчиња набрани од ливадите, добив искрени и убави пораки: ,,Со љубов за Калина“; ,,Со желба за повторна средба на оваа прекрасна манифестација“; ,,Во борбата другарката сонце сјае, сонце трепти“; ,,Рацин за навек останува во нашата колективна меморија“; ,,Радосен ден денеска, број нови пријателства. Како длабоките шуми на Бистра, со длабока љубов од...“ и уште неколку редови што премногу ми значат и на кои секогаш со радост ќе се навраќам и со топлина ќе се потсетувам. Тозо, фала многу за прекрасниот предлог, ми го разубави уште толку денот. :)
Калина со дедо и Иван Велевски Палчевски
 во Лазарополе.


И тогаш, дојде време да се враќаме назад кон селото Извор, од каде што започна турата. Зоран и Давор нѐ повикаа да се договориме, дали сакаме да одиме по патот од каде што доаѓавме, или да се обидеме да се спуштиме по кањонот, од каде патот е лизгав, каменлив и по малку опасен. Повеќето секако се одлучивме за втората варијанта и тргнавме во нашата следна авантура.

А таму, иако можеби на моменти стрмно и со опасности од пад, нѐ пречека вистинска магија. Одевме и постојано се вртевме наоколу од што бевме излудени од таа убавина, од тие бои, пејзажи, шума како од бајките, карпи што нѐпримамуваа да се обидеме да ги искачиме, водопади што жуборат. Одевме и подзастанувавме, да фотографираме и да ѝ се поклониме на оваа шума што ни го одзеде здивот. Оние што имаа проблем да се движат добија помош од поспремните, насекаде насмевки и подадена рака, насекаде љубов и прекрасна енергија, во овој наш свет братски.

Со Вики ги пуштивме ЕКВ, а нашето пеење ечеше низ целата шума и тоа беше уште еден преубав момент, да дознаеш дека некој ја сака музиката што ти ја сакаш и ужива во неа... ,,Ovo je zemlja za nas, ovo je zemlja za sve nase ljude...” одекнуваше од нашите грла и така полетни јуревме напред, одново и одново воодушевувајќи се од шумата и сите убавини што ги крие. ,,Види го ова.“ „Не, леле, види го ти ова“, постојано повторувавме и си покажувавме меѓусебно додека чекоревме надолу. 

Го знаеше секое катче
во Лазарополе.


Кога стигнавме на асфалтот, дури тогаш почна да паѓа дожд, оној толку најавуван, кој откажа многу тури и планови на луѓето што ги знам. Нас нѐ израдува, нѐ олади и со Вики и Давор, наместо да побрзаме да ставиме кабаници, ги раширивме рацете и безгрижно одевме по патот. Ќе звучи будалесто можеби, но за мене онаа слобода, онаа безрезервна љубов и сите утопии за кои се напишани толку многу зборови и испеани толку многу песни, ги наоѓам токму овде, на овие тури, меѓу прекрасните луѓе што ги среќавам по патот. Тоа се нашите моменти на целосна слобода, нашето братство и единство.

За крај, седнавме во Добреноец, да поминеме барем уште уште малку време заедно и да наздравиме за прекрасната тура. Си ги запеавме и ,,Архангел“ и ,,Мизар“, јас тивко и срамежливо ја читав ,,Утрото над нас“ и Миа ме погледна со поглед што значеше ,,време е да си одиме.“

Станав да ги гушнам сите прекрасни луѓе, да им се заблагодарам за гостопримливоста и убавиот пречек, да им кажам дека ги сакам. Со искрена љубов, со само убави емоции и со голема желба наредната година овој настан да е уште помасовен и поголем, каков што беше и самиот Рацин, влеговме во возилото и тргнавме за Скопје.

Калина на една од турите сретсело
со драгиот пријател
Томислав Кошиновски.
Сакам да им се заблагодарам од сѐ срце на Миа што дојде, што храбро издржа на турата до самиот крај и ме дружеше во моите луди идеи, на Давор за поканата и организацијата, на Вики за музиката, зборовите и прегратките, на ,,Турни ме да кинисам“ за доброто расположение и смеа, на ,,Ендорфин“ дека се прекрасни, за сите минати и идни средби.

За крај на нашето дружење, на преубавиот и полн со емоции настан, за шумите на Бистра што нѐ маѓепсаа и овој ден поминат далеку од градскиот метеж, со полно срце, моите омилени стихови од Рацин, да се препрочитуваат и да останат засекогаш врежани во меморијата на луѓето:

,,И кој раздвои, и кој раздвои
Човек од човек со ѕид?
И кој направи, и кој направи
Човек на човека роб!“
Слава му!

До следната прилика,
Калина Велевска "Дневникот на една планинарка".

Се радуваше дека на "Лазарополе цути"
се виде со драгите луѓе.
Голем Кораб 2764m.


Охрид - Канео

ДНЕВНИКОТ НА ЕДНА ПЛАНИНАРКА
ОД КАЛИНА ВЕЛЕВСКА

(корица од книгата)



ПОВРЗАНИ ЛИНКОВИ




© 2008-2021 lazaropolee.blogspot. All rights reserved
Превземањето на содржините од
 lazaropolee.blogspot.com ®
 е дозволено доколку се наведе изворот
 со линк од блогот: 
статијата, фотографија или видео  
кое се превземена (максимум 60-100 зборови).