Pages

"Мирисите на Мијачијата" од книгата на Калина Велевска "Дневникот на една планинарка"

Мирисите на Мијачијата

Мијаците се дел од македонскиот народ што живее во Мијачијата или долнореканскиот крај, покрај реката Радика. Тие се познати по нивната култура, архитектура, обичаи и културно и национално наследство. Територијата на која живеат Мијаците е реканскиот регион со подрегионите. Денес голем дел мијачки села не се населени, бидејќи населението почнало да се преселува во почетокот на XX век. Голем број Мијаци се преселиле во Дебар, Скопје и во Битола. Населените места места Ореше, Папрадиште и Мелница во Велешко и Смилево во Демирхисарско биле населени од Мијаци за време на Отоманската Империја.

Калина Велевска
Калина Велевска

Во Тресонче стигнавме во четвртокот вечерта. Досега сум била само на поминување, а веќе беше доцна и ништо не се гледаше, па оставив селото да ме изненади утредента, кога ќе станам од спиење. Само еден момент што ме потсети каде се наоѓам беше мирисот, уште од првиот момент кога излегов од автомобилот. Тоа е таа карактеристична свежина и специфичен мирис на Мијачијата што го има тука и не знам дали на кое било друго место. Влеговме во куќата на Мате, се распославме по масите и започна забавата. Не знам до кога траеше, но знам дека вечерта потонав во сон.

Утредента нешто ме разбуди накај 7 часот утрината и излегов до надвор. Сонцето ги осветлуваше куќите, тревата беше покриена со роса. Прекрасна глетка, што не ми дозволи да заспијам повторно. Ги чекав другите да станат за да го пиеме утринското кафе и да тргнеме да шетаме по Бистра. Се искачивме над селото, веќе престанаа да се слушаат звуците од нечие радио и да се гледаат селските куќи и навлеговме длабоко во шумата. Немавме некој посебен план, одиме под Брзовец, еден грандиозен врв што се гледа од Тресонче и изгледа многу моќно. Одевме по беспаќе, гледавме траги од дивеч, а Мате ни раскажуваше дека оваа шума е живеалиште на многу диви свињи, па и на понекоја мечка. Дури и еден отвор што се направил од водата што истекува прво помисливме дека е мечкина дупка, па правевме филмови дека одиме директно кај неа на гости :) .

Откако престана патот што беше маркиран, почнавме сами да си правиме пат и да одиме низ грмушки, по сипари и стрмни терени. Баравме од каде да излеземе и да се приклучиме на главниот пат, што му се бендиса на мојот авантуристички дух и уживав во оваа наша кратка прошетка во непознатото. Низ шега и смеа му кажавме на Мате дека за оваа тура ќе мора да се искупи со некој добар ручек, а кога конечно стигнавме долу во селото, извади неколку скуши и ни ги приготви на скара, по што заклучивме дека сѐ му е простено и дека не е проблем што нѐ носел по тие непроодни патишта :) Вечерта беше наменета за караоке-забава, направена на еден импровизиран микрофон од дрвено стапче и пластично шише, за кој сите се ,,тепавме“ кој попрво да пее и журка што траеше до доцна во ноќта.

Калина

Утредента денот го започнавме со обиколка на селото од другата страна, преку пространите ливади на кои застанувавме да одмориме, поминувајќи ја убавата Тресонечка Река, за на крајот да завршиме во селото Селце, каде што останавме да одмориме покрај селската чешма. Овој пат ми беше многу добро познат и веќе го имам одено, но повторно се воодушевував од убавината на Бистра, сите реки, извори и водопади и снежното Стогово, кое ѕиркаше преку ридовите. Кога се вративме назад, ги замолив да ме фотографираат со една порака што претходно ја испечатив, за спас на планината Кожуф, за која се борат гевгеличани и сите околни жители, а каде што сакаат да изградат рудници што ќе им ги загадат водата, почвата, воздухот и општо целата околина. Оваа шанса ја користам уште еднаш да им ја искажам мојата огромна поддршка во нивната борба и се надевам дека на закажаниот референдум на 23.4.2017 година мнозинството ќе се изјасни против и ќе се стопира изградбата на овие сомнителни објекти.

Потоа седнавме во дворот и секој имаше понекоја музичка желба, секој си раскажуваше понекоја своја приказна, низ смеа и во многу пријатна, позитивна атмосфера. Јас ги барав Сариевски и Манчевски, бидејќи секогаш кога сум на ова тло, се потсетувам на деновите во детството кога во село имавме само прва програма на Македонската телевизија и се слушаа само овие звуци. Со салата и убав муабет времето брзо поминува, па почна да се стемнува и да заладува, по што моравме да се прибереме внатре во куќата, каде што продолжија убавите муабети и музичките желби.

А веќе наредното утро дел од групата мораше да си замине, а со дел се упативме кон моето најомилено место на светот, моето Лазарополе. По патот ѝ се восхитувавме на Радика, реката што дава посебна свежина и ги разубавува овие краеви, а потоа почнав да ги гледам првите куќи на селото и ја извадив главата од автомобилот за да го вдишам овој чист планински воздух. Секогаш кога влегувам во селото, без разлика од која страна, го имам истото чувство на спокој и мир во душата. Тука исчезнуваат сите мисли, сите проблеми и остануваат некаде во заднината, да се решаваат кога сето ова ќе заврши и кога ќе се вратам назад во градот. Првата прошетка беше над селото, од каде што се гледаат сите куќи и се слушаат сите звуци и музика што ги имаат пуштено луѓето во своите домови. Оттаму се упативме кон Цуцул, еден врв што се издигнува над селото и од каде што има прекрасен панорамски поглед на целата околина. Одењето низ шумите ме потсети на детството, на лекциите на дедо Иван да чукнам со стапчињата во камењата да не има змија, што да јадам, од што се прави чај...

Калина
Калина и Лазарополе

По некое време заврна, па моравме полека да се враќаме назад, иако сакав да одиме и до Соколица. По патот поминав и се видов со неколку драги луѓе, со кои разменивме понекој убав збор и си раскажавме понекој спомен од детството, од дружбите по ливадите и шумите, и тоа предизвика во мене едно многу убаво чувство на топлина и радост. Во куќата најдов една книга што одамна ја имаме, но досега не сум ја отворила. Се работи за книгата ,,Кажувања од гредана“ од Блаже Смилевски, која им е добро позната на сите лазоровци и каде што на еден духовит, а сепак длабоко емотивен начин ги објаснува приказните за луѓето во селото низ годините, објектите, околината. Читав и се восхитував на начинот и леснотијата со која е напишана книгата, а сепак толку интересна за читање, особено ако си од овој крај и ги знаеш дел од луѓето што се споменуваат во неа. Она што ми остави впечаток беше ,,...во месноста Оштрилец, од левата страна на браздата што во текот на целата година има малку вода, во летото господово 2010, Славе Јолески и неговиот другар Данило Смилевски му го открија на Томе Перински изворот, од кој блика студена вода... токму овој извор Томе стручно го каптираше, а потоа со 380 метри пластични цевки го изведе на патот што оди од Лазарополе кон Свети Танас – Стража - Коритник и натаму низ Бистра Планина, таму изгради и чешма. Во меѓувреме почина, но остави аманет таа да се вика Калина Чешма...“

Во тој момент одлучив дека тоа е турата за наредниот ден, дека одиме во потрага по Калина Чешма. Знам дека постои, ми ја имаат праќано луѓе на фотографии, но поминале години како не сум поминала таму и ја немав видено досега. Знаев каде треба да се движам и си направив некаков првичен план, па легнавме порано за да имаме сила утредента за шетање. И утрото, како што многу често и си бидува на планина, нѐ изненади со снег, кој паѓаше како да сме среде јануари, а не на средината на април :)

Знаев дека „спаркот“ има летни гуми, а и не е најбезбедното возило, па одлучив веднаш да се спакуваме и да тргнеме надолу, а Калина Чешма да ја оставиме за некоја наредна пригода. По патот го видов Јанче, она прекрасно селце со куќарки наредени на ридот, па низ смеа се потсетив дека за празниците сакав да одам во Чинкве Тере (Cinque Terre), каде што куќите се исто вака наредени, но математиката не испадна, а тука секако душата ми е исполнета, па овие селца во Италија ќе останат за некоја наредна пригода. По патот застанавме и во неколку објекти, се симнавме долу до Мавровско Езеро, да прошетаме и да направиме некоја фотографија, па поминавме од Гостивар да го собереме Никола и да прошетаме и до Вруток и изворите. Од Бистра се најдовме во подножјето на Шар Планина, посетивме многу локалитети и нови места, уживавме. А најинтересно беше што возејќи назад кон Скопје, од онаа снежна слика утрото во Лазарополе, повторно дојде пролет, сонцето силно грееше над нас и ги осветлуваше патот и сите околни шуми и планини.


И така заврши уште еден прекрасен викенд поминат во прекрасната Мијачија, со најубавите мириси на светот, со многу убави, позитивни луѓе, со кои времето брзо поминува, ама е квалитетно поминато, и природа што никого не остава рамнодушен. На крајот уште еднаш ќе се навратам на книгата на чичко Блаже, каде што пишувајќи за овие краеви ќе заклучи: ,,Тие се рај за очите и невиден спокој и одмор за телото и душата. Од овие простори здравје се продава, а и се купува бесплатно, не на килограми ами на оки, неброени. Зависи само од бројот на деновите на престојот.“ Мене тие денови поминати тука никогаш не ми се доволни и уште од мала сум се криела и сум бегала кога требало да си одиме за Скопје, зашто сум сакала да останам уште некој саат, уште некој ден. Чувството е исто секогаш, па така и сега, ама затоа кога и да се вратам овде ми е убаво на душата и сум исполнета со најубавите емоции и повторно сум она дете што трча по Горни Ливади и пие чај од мајчина душица. :)

До следната прилика,

Калина Велевска "Дневникот на една планинарка".

ДНЕВНИКОТ НА ЕДНА ПЛНИНАРКА
од Калина Велевска

-корица на книга-

Калина со нејзиниот татко Марјан Велевски


ПОВРЗАНИ ЛИНКОВИ

© 2008-2021 lazaropolee.blogspot. All rights reserved
Превземањето на содржините од
 lazaropolee.blogspot.com ®
 е дозволено доколку се наведе изворот
 со линк од блогот: 
статијата, фотографија или видео  
кое се превземена (максимум 60-100 зборови).