"ТЕХНИЧКИОТ" НАТПИС ОД ЦРКВАТА Св.ЃОРЃИЈА ВО ЛАЗАРОПОЛЕ
Епиграфиката е научна дисциплина која се занимава со проучување, дешифрирање и толкување на натписи (епиграфи) врежани или насликани на тврди материјали како камен, метал, керамика или на црковен малтер.
Епиграфските споменици се делат на четири основни категории. Во оваа група спаѓаат: надгробните (епитафи) натписи, јавните натписи - врежани во тврдини, порти или чешми, вотивните (заветни) споменици - посветени на божества, како и последната основна група епиграфски споменици познати како ктиторски натписи.
Ктиторските натписи во Македонија се класифицираат според нивната содржина, локација и начинот на изработка.
Во црквата Св. Ѓорѓија, во Лазарополе, зачувани се три ктиторски записи. Еден е “надвлезник” портален ктиторски натпис поставен во нишата над главната влезна врата во црквата. Останатите два ктиторски натписи се внатрешни натписи.
Еден е поставен во левата страна од олтарот и е зографски натпис во кој фокусот на текстот е посветен на уметникот-зографот.
![]() |
| "техничкиот натпис" |
Сите три натписи се изработени во боја со директно нанесување на влажен малтер, техника позната како al frecko, која е најзастапена во Македонија.
Овде ќе се потрудиме да направиме транскрипција на текстот. Текстот е напишан на црковнословенски јазик, македонска редакција, со карактеристична палеографија од XIX век. Изработката на текстот се сместува во период од 1837 година до 1841 година, кога се изведувани зографските и иконописни зафати во црквата.
Во старословенската писменост, која се користела и во македонските цркви во 19 век, броевите (и годините) не се запишувале со арапски цифри (1, 2, 3...), туку со букви со посебни знаци. За да се разликува буквата како број од обичната буква во зборот, над неа се ставал посебен брановиден знак наречен титло. На пример, буквата А со титло (А҃) го означувала бројот 1. Секоја буква имала своја фиксна бројна вредност:
А = 1, В = 2, Г = 3, Д = 4, Е = 5...
І = 10, К = 20, Л = 30...
Р = 100, С = 200, Т = 300… .
Ако ја бараме годината на осветување на црквата во Лазарополе (1841), таа на старословенски би изгледала вака: ҂ — Овој знак пред буквата (илјадарка) ја множи нејзината вредност со 1000. А (1) со знак за илјадарка = 1000, Ѡ (Омега) = 800, М (Мислете) = **40 и А (Аз) = 1.
Натписот не е само верски текст туку и една од многуте “дипломи” за македонската преродба. Тој сведочи дека во 1841 година, среде Отоманската Империја, македонското население во Лазарополе имало доволна светс, моќ и богатство да изградат грандиозен храм и да ја запишат својата историја на сопствениот јазик.
ТРАНСКРИПЦИЈА НА ТЕКСТОТ
„Во име отца и сина и светаго духа. Со поспешенијем благочестиваго и самодержавнаго нашего великаго государа императора Николаја Павловича всеја Росији, и под православноју державоју, потруди се смирениј раб божији Гјурчин кехаја Кокалески, првиј ктитор, со родители своји и чеда и со домашними својими, и согради се сеј храм во обновленије души својеј и во спасние светаго славнаго великомученика и побидоносца и чудотворца Георгија. Избра се местото во село Лазарополе. Во това времја 1833 настојашчиј бист Гјурчин Кокалески и надзирател смирениј поп Мартин јереј Димкоски. Мајстор Стојан от Луково. Зограф ест Дичо от село Тресонче. Господи помилуј раба својего Гјурчина и Памти. Господи сохрани всја жители села Лазарополе и всја православнија христијани со родители и чеда и доми их. Амин. Соврши се во лето господне 1841.“
Текстот започнува со вообичаената византиско-словенска формулација “Во славу светија едносуштнија...“. Со ова се оддава слава на Светата Троица, што е стандарден почеток за секој црковен ктиторски записи, нагласувајќи дека делото е направено во име на Бога.
![]() |
| патронот на црквата |
Во 11-от ред “... СВЕТА-” на крај од редот, потоа продолжува во 12-от ред “СЛАВНАГО ВЕЛИКОМУЧЕНИКА ПОБЕДОНОСЦА” и споменувањето завршува со “И ЧУДОТВОРЦА ГЕОРГИА” на почетокот од 13-от ред со црвени букви.
| Ѓурчин Кокале |
| јереј Мартин |
Имињата на Дичо Зограф и Стојан од Луково се споменуваат во крајните редови од текстот.
| Дичо Зограф |
Името на мајсторот Стојан се споменува во 24 -от ред од текстот, “...МАЈСТОР СТОЈАН ОТ ЛУКОВО”. Стојан бил главниот мајстор-градител (протомајстор) од селото Луково. Тој бил одговорен за архитектурата и физичката изградба на црквата. Неговото име на плочата е признание за врвната мајсторија во градењето на овој монументален објект.
Дичо Зограф се споменува во 23-от ред, “ЗОГРАФ СМИРЕНИ ДИЧО ОТ ТРЕСОНЧЕ”. Овоа негово споменување е исклучително важен бидејќи го потврдува присуството и почетокот на творештвото на најголемиот македонски зограф од 19 век токму од Лазарополе. Неговата работа во лазоровската црква е неговата дипломска работа.
![]() |
| Николај I Павлович Романов |
По 1774 година, по победата над Турците, Русија изнудила договор со кој добила право да ги штити интересите на православните христијани во Отоманската Империја. Ова и овозможило на Русија директно да се меша во внатрешните работи на Турција под изговор дека ги брани верските права. Русија испраќала пари, црковни книги и предмети за македонските и балканските цркви и манастири. Споменувањето на рускиот цар во црквите било видлив знак за тој руски протекторат. Турците не го сакале тоа, но морале да го дозволат за да избегнат нови војни со Русија. За османлиската администрација, секое истакнување на руското име меѓу локалното население се сметало за потенцијална политичка нелојалност. Тие се плашеле дека македонските христијани во рускиот цар гледаат свој вистински суверен, а не во султанот. Ваквите натписи биле протолкувани како тивок отпор и подготовка за идно ослободување.
Треба во иднина да се обработи можната врска и споменувањето на рускиот император преку лицето и улогата на Антолиј Зографски од Лазарополе, кој бил и руски амбасадор во новоформираната грчка држава по 1820 година и воспитание на царските деца на рускиот двор. За ова врска и влијание се уште немаме соодветни историски извори.
Обид за превод на ктиторскиот натпис на македонски литературен јазик:
„Во слава на Светата, Едносушна, Животворна и Неразделна Троица – Отецот, Синот и Светиот Дух. По наредба на најблагочестивиот и самодржавен велик господар, императорот Николај Павлович на цела Русија, и со државна православна помош, Господи, помилуј го Твојот смирен слуга кој го подигна овој храм – Ѓурчин Кеаја Кокалески, заедно со неговите родители и чеда, за вечно спасение на нивните души. Овој свет храм на славниот великомаченик, победоносец и чудотворец Георгиј (Ѓорѓи) е подигнат во селото Лазарополе. Во тоа време, 1833 година ктитор беше Ѓурчин Кехаја, а надзорник смирениот поп Мартин јереј Димкоски. Главен мајстор (градител) беше Стојан од Луково, а зограф (иконописец) беше смирениот Дичо од Тресонче, од родот Пирковци. Господи, помилуј ги Твоите слуги Ѓурчин и неговиот род. Господи, сочувај ги сите жители на селото Лазарополе и сите православни христијани, заедно со нивните родители и деца. Се заврши во лето 1841 година. Амин.“.
Изградена во 1841 година, црквата во Лазарополе е директен доказ за богатството и влијанието на мијачките сточари и трговци. Во време кога христијаните во Отоманската Империја имале строги ограничувања за големината на црквите, лазоровци успеале да изградат импозантен храм кој доминира во пејзажот, покажувајќи ја својата економска независност. Црквата Св.Ѓорѓија во Лазарополе е “мијачката катедрала” - споменик на верата, уметноста и историјата на македонскиот народ, во период на туѓи влијанија кои доаѓале од новоформираните балкански државички, тврдина на непокорноста, црквата во Лазарополе која гледана одозгора од Крастинци делува како кириката буква О - почеток без крај.
СЕЛСКАТА ЦРКВА Св. ЃОРЃИЈА ВО ЛАЗАРОПОЛЕ
© 2008-2026lazaropolee.blogspot. All rights reserved
Превземањето на содржините од
lazaropolee.blogspot.com ®
е дозволено доколку се наведе изворот
со линк од блогот:
статијата, фотографија или видео
кое се превзема (максимум 60-100 зборови
![]() |
| Ктиторскиот натпис 1837-1841г. |





