На 17 ноември (четврток) 2016 година, со почеток во 19.30 часот, во фоајето на хотелот „Александар палас“ во Скопје, ќе се одржи Омаж по повод 85-годишнината од раѓањето на современиот македонски поет, академик Анте Поповски.
Станува збор за мултимедијален настан кој ќе биде отворен со песна во интерпретација на самиот автор, a ќе биде проектиран и кус сегмент од документарниот филм – портрет на авторот, реализиран од МТВ.
За творештвото на Анте Поповски на омажот ќе беседат проф. д-р Кристина Николовска и проф. д-р Венко Андоновски, по што ќе прозвучи и избор од неговата поезија.
На долгогодишните заемни релации, соработката и пријателството со поетот, пред присутните ќе се потсетат Љупчо Арсовски, дипломат од кариера и поранешен амбасадор на Република Македонија во Грција и во Романија, доајенот на македонското новинарство, Ерол Ризаов и Страшо Ангеловски, директор на “Прифатниот центар за баратели на азил“.
Хуманистот Живко Поповски-Цветин, во чест на поетот ќе има ликовен перформанс. Во рамките на одбележувањето на јубилејната годишнина од раѓањето на Поповски, досега се одржаа неколку настани. Во март 2016 година беше издаден и промовиран (во Културно информативниот центар на РМ во Софија) избор од неговата поезија на бугарски јазик под наслов „Ѕвезден корен“. Во мај се одржа чествување на поетот во Друштвото на писателите на Македонија на кое беа промовирани книги со есеи од поетот, а во рамките на „Охридско лето“ се случи проекција на играниот филм „Планината на гневот“, работен по сценарио на Анте Поповски. Ликовниот уметник Живко Поповски-Цветин имаше ликовен хепениг во родното село на поетот – Лазарополе, а во чест на поетот, во октомври годинава во Струмица, исто така, се одржа омаж и рецитал.